1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Каде се движи политиката на ЕУ за Блискиот Исток?

Бернд Ригерт
28 мај 2024

Во ЕУ има многу различни мислења за состојбата во Израел и во Палестина, но малку практични или нови пристапи. Дали признавањето на Палестина за држава од страна на повеќе земји од ЕУ е од помош?

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел: Решението за две држави конечно мора да дојде
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел: Решението за две држави конечно мора да дојдеФотографија: FRANCOIS WALSCHAERTS/AFP/Getty Images

И покрај актуелната војна меѓу Хамас и Израел, Европската унија е посветена на долгорочно „решение со две држави“ за мир на Блискиот Исток. ЕУ под ова подразбира држава Израел од една страна и држава Палестина од друга страна во границите кои беа грубо дефинирани пред повеќе од 30 години во таканаречените договори во Осло меѓу Израел и Палестинците .

Жозеп Борел, претставникот на ЕУ за надворешни работи, уште еднаш на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел истакна дека ЕУ официјално се придржува до „решението со две држави“, но дека тоа решение од ден во ден станува сѐ потешко. Хуманитарната криза во Појасот Газа сега е приоритет, изјави првиот дипломат на ЕУ, но „ако сакаме трајно политичко решение, мораме повеќе да се ангажираме“.

Од денеска 11 држави на ЕУ ја признавaат Палестина

Сите земји-членки на Европската унија го признаваат Израел како држава. Само девет од 27-те членки досега ги сметaа палестинските територии за држава. Тоа треба да се смени овој вторник. Шпанија и Ирска исто така официјално ја признаваат државата Палестина, која се состои од Западниот Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа. Сепак, нема обединета влада за областите. Хамас , кој е класифициран како терористичка организација од страна на ЕУ, досега владееше со Појасот Газа .

Малта и Словенија најавија дека ќе ја признаат Палестина кога времето ќе биде поволно. Белгија одлучи во догледно време да не ја признава државноста на палестинските територии, објави белгискиот министер за надворешни работи Лахбиб.

Повеќето западноевропски членки на ЕУ не ја имаат признато Палестина, исто како и Велика Британија и САД. Источноевропските членки од Полска до Бугарија ја признаа Палестина уште во доцните 1980-ти, тогаш како дел од Источниот блок, кој беше на палестинската страна. Поранешната Германска Демократска Република (ГДР), исто така ја сметаше Палестина како полноправна држава. Со крајот на ГДР на 3 октомври 1990 година и нејзиното пристапување кон Сојузна Република Германија, ова признавање беше укинато.

Германија, Франција, Италија не брзаат со признавањето

Поголемиот дел од државите на ЕУ, вклучително и Германија , сакаат да прифатат палестинска држава доколку има мир и Израел исто така го направи овој чекор. Тоа е прилично малку веројатно. Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху го отфрли решението за две држави уште пред актуелната војна против Хамас. Терористичката група Хамас отфрла израелска држава и си има поставено цел да ја уништи еврејската држава.

„Ние го поддржуваме формирањето на палестинската држава, но палестинската држава мора да го признае Израел и да биде призната од Израел. Тоа секако не може да биде палестинска држава предводена од Хамас, кој е терористичка организација“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој во моментов е и претседавач на групата седум најважни индустриски развиени земји- Г7.

Аналена Бербок: Израел мора да се придржува до меѓународното правоФотографија: Kira Hofmann/photothek/IMAGO

Пред повторно сериозно да се размислува за решение со две држави, мора да се стави крај на крвавиот конфликт меѓу Хамас и Израел. Министрите за надворешни работи на ЕУ постигнаа согласност за ова на состанокот во Брисел во понеделникот (27.05). Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок уште еднаш повика на хуманитарен прекин на огнот во Газа „за да се стави крај на страдањата за заложниците кои ги држи Хамас, и конечно да се окончаат страдањата на луѓето во Газа“. По терористичките напади врз Израел во кои Хамас уби 1.200 луѓе и киднапираше 250, израелската армија започна голема воена операција за разбивање на позициите на Хамас во Појасот Газа.

Игнорирање на одлуката на МСП - што сега?

Прекин на огнот во Газа не е на повидок. Хамас повторно истрела ракети кон Тел Авив од Рафах во Појасот Газа. Израелската армија гранатираше бегалски камп во близина на Рафах, што резултираше со најмалку 35 загинати, според палестинските извори.

„Двете страни ги игнорираат одлуките на Меѓународниот суд на правдата (МСП)“, изјави во Брисел шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

„Ова е вистинска дилема. Како меѓународната заедница може да обезбеди спроведување на одлуките на Меѓународниот суд на правдата?“, ги праша тој другите министри за надворешни работи. Меѓународниот суд на правдата во Хаг, на барање на Јужна Африка, во петокот нареди Израел веднаш да ја прекине воената операција во Рафах, град во јужниот дел на Појасот Газа, и да дозволи поголема хуманитарна помош.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок зборуваше во име на огромното мнозинство на земји членки кога во Брисел рече: „Привремените мерки на Меѓународниот суд на правдата се обврзувачки и секако дека мора да се почитуваат. Ние го доживуваме спротивното. Имаше повеќе ракети врз Тел Авив од Хамас. Во исто време, гледаме дека не е придобивка за безбедноста на Израел ако не се ослободат заложниците и ако луѓето сега горат во шатори“.

Напад врз бегалски камп во Рафах со многу цивилни жртви: Израел ова го нарекува „трагичен инцидент“Фотографија: Ali Jadallah/AA/picture alliance

Бербок мислеше на израелскиот напад врз бегалскиот камп, кој сега, исто така, треба да го испита израелското јавно обвинителство. „Меѓународниот закон се однесува за сите, тоа се однесува и на израелското војување“, рече Бербок во Брисел.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани истакна дека и Хамас го крши меѓународното право со криење на своите позиции меѓу цивилното население. Хамас ги инструментализира луѓето во Рафах. „И Израел треба да биде намамен во медиумската замка“, изјави Антонио Тајани. Сликите на цивилни жртви во Појасот Газа секако би ги дискредитирале намерите на Израел.

„Нема антисемитизам од страна на Главниот обвинител“

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, остро ја критикуваше израелската влада. Неприфатлива е најавата дека Ерусалим нема да ги почитува наредбите на Судот под никакви околности. Не само Меѓународниот суд на правдата на Обединетите нации, кој има надлежност над државите, туку и Меѓународниот кривичен суд, кој има надлежност над поединци, треба да се третира со почит, побара Жозеп Борел.

Главниот обвинител во Кривичниот суд во Хаг, меѓу другото, побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за воени злосторства. „Мораме да оставиме судот да одлучи, без навреди, за она што се мисли за налогот на главниот обвинител. За жал, тоа не е случај. Главниот обвинител е обвинет за антисемитизам, што секогаш се случува кога има нешто што што не ѝ се допаѓа на  владата на Нетанјаху. Обвинението за антисемитизам против Главниот обвинител не може да се прифати под никакви околности“, рече Жозеп Борел.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми