1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде во Германија може да се живее најевтино?

СН | АРД
4 ноември 2023

Трошоците за домување се првенствено одговорни за фактот дека трошоците за живот во Германија варираат во зависност од регионот. Областите на Минхен и Франкфурт се особено скапи за живеење. Каде може да се живее поволно?

Германскиот главен град Берлин: евтина или скапа живеачка?
Германскиот главен град Берлин: евтина или скапа живеачка?Фотографија: Dirk Sattler/imago imges

Трошоците за живот во Германија значително варираат во зависност од регионот во кој некој живее. Каде може да се живее евтино или скапо зависи првенствено од трошоците за домување. Ако се земе предвид овој фактор, становите во најскапиот град Минхен се за 38 отсто поскапи отколку во најевтиниот округ Фогтланд, во југозападна Саксонија, покажуваат резултатите од тековната студија на Германскиот економски институт (ИВ) и Сојузниот Институт за градежништво, урбани и просторни истражувања (ББСР). Кога ќе се исклучи цената на становите, разликата во трошоците за живот помеѓу најскапите и најповолните дестинации изнесува само 6 насто.

Каде е најскапо, а каде најевтино?

Вклучувајќи ги трошоците за домување, главниот град на Баварија е за четвртина (25,1 отсто) поскап од германскиот просек, а потоа следат округот Минхен (16,7 насто), Франкфурт на Мајна (15,9 отсто) и Штутгарт (14,8 насто). Најевтино место за живеење, покажа истражувањето, е областа Фогтланд во Саксонија и градот Гриз во Тирингија, кои се 9,5 отсто под националниот просек. Следат градовите Герлиц (9,4), како и Пирмасенс и Залцландкрајс во Саксонија-Анхалт со 9,3 насто.

Минхен е за четвртина поскап од германскиот просекФотографија: picture-alliance/Chromorange/R. Peters

На пример, со 21,01 евро за метар квадратен, Минхен моментално е најскапиот град во рангирањето на цените на кириите (во новоградба), според резултатите на Истражувачко-консалтинг институтот Емпирика, објавени на веб-страницата на Германскиот завод за статистика. На второ и трето место се Берлин со 17,64 евра за метар квадратен и Франкфурт на Мајна со кирија од 17,38 евра за метар квадратен.

Кога ќе се исклучат трошоците за домување, Штутгарт е најскап за живеење, но само 4,2 отсто над националниот просек. Зад него се Минхен (2,1), Ашафенбург (1,8) и Фрајбург (1,6). Студијата утврди најниски трошоци за живот во областа Леер, каде тие се за 1,7 отсто пониски од просекот, а потоа следат Остпригниц-Рупин и Нордхаузен (Тирингија) со по 1,6 отсто.

Поради големата улога на трошоците за домување, особено е скапо во густо населените области и регионите кои се потпираат на нив. Истото важи и за атрактивните станбени области, на пример, на работ на Алпите или околу Боденското Eзеро. Источните сојузни покраини, од друга страна, обично значително се поевтини од просекот, со исклучок на Берлин и околината.

Кога станува збор за трошоците за живот, сепак, треба да се има на ум дека понекогаш има огромни разлики во приходите помеѓу окрузите и градовите. Покрај тоа, сè уште постои јаз во приходите меѓу жителите од областите на поранешна Западна и Источна Германија.

Источните сојузни покраини се поевтини од просекот, со исклучок на Берлин и неговата околинаФотографија: Schoening/Bildagentur-online/picture alliance

Зошто разликите, ако е исклучено домувањето, се толку мали?

Во многу сегменти од трошоците за живот, постојат мали или никакви регионални разлики, како што објаснува Кристоф Шредер од ИВ. Тој како пример ги наведува нарачките на интернет, намирниците од дисконтите, облеката од модните синџири и сопствените брендови на супермаркетите.

Од друга страна, истражувачите откриле поголеми регионални разлики кога станува збор за ресторани и хотели, но и кај трошоците за нега или осигурување, како што вели експертот од ИВ, Јан Венд. Но, износот на релативно стабилни други трошоци го намалува нивното влијание.

Според тоа, од регистрираните 400 окрузи, покраински области и градови, повеќето се многу блиску до националниот просек, без да се земат предвид трошоците за домување. Само кај 60 од нив се забележани разлики од над 1 процент.

Домувањето ја прави разликата многу поголема бидејќи овие трошоци имаат голема тежина во пресметката на таканаречената потрошувачка кошница. А разликите се многу големи: во Минхен трошоците за домување се 180,9 отсто во споредба со националниот просек, повеќе од два и пол пати повисоки отколку во областа Фогтланд (68 насто). Ова соодветно се одразува и на бројките.

За да се гради повеќе и поевтино на места каде што недостигаат станови, треба да се олесни новоградбата и планирањетоФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Schoening

Каков заклучок донесуваат авторите на студијата?

„Животот мора да остане достапен, без разлика за кој дел од Германија станува збор“, вели авторот на студијата на ИВ, Кристоф Шредер. „Државата ги покрива трошоците за домување за оние на кои им е потребна помош, што го олеснува товарот на вистинските места и води до силна регионализација на трансферните плаќања“. Сепак, резултатите покажаа и дека регионалната политика сè уште треба да направи некои работи.

Бидејќи високите трошоци за домување се толкав товар за жителите на големите градови, би било корисно да се пренасочи побарувачката кон околните области, на пример преку подобра инфраструктура, смета тој. За да се гради повеќе и поевтино на местата каде што недостигаат станови, треба да се олесни новоградбата и планирањето на градежното земјиште , советуваат експертите. Ова изискува намалување на бирократијата и на градежните прописи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми