1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на животГлобално

Кај кого е парата, кај него е и среќата

7 јануари 2026

Прашањето што ви значат парите стана симбол на денешницата, затоа што во векот во кој живееме се чини дека парите како никогаш се најважното нешто во животот. Пишува Соња Крамарска

Дали парите се единствен услов за среќа?Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Јануари е месец за барање пара во лебот. Се смета дека тој што ќе ја најде парата или кому ќе му падне парата во парчето леб, ќе го следи ксмет и благосостојба цела година. Има различни мислења и „искуства“ дали тоа навистина значело среќа во текот на целата година. Некои добивањето на паричката го слават како добивка на лотарија, па викаат гости дома и ги честат. Некои со презир гледаат на оваа традиција, но сепак се љубопитни да дознаат кај кого отишла паричката.

Меѓутоа најинтересен е социолошкиот аспект на целиот адет кој всушност има многу голема врска со реалноста. Парите навистина носат благосостојба, а според широко распространетото мислење го исполнуваат и главниот услов за среќа. Иако не постои горен лимит на пари од кои почнува апсолутната среќа, сепак милионите, според многумина, се знак дека некому му оди во животот и е среќен поради тоа.

Прашањето што ви значат парите е симбол на денешницата, особено на современото живеење, затоа што во векот во кој се наоѓаме се чини дека парите како никогаш се најважното нешто во животот. Парите истовремено се и социолошки и психолошки феномен и постојано се вршат истражувања како луѓето гледаат на парите и дали ги сметаат за единствен услов за среќа и благосостојба во животот.

Едно такво интернет истражување даде интересни одговори од луѓето. Велат дека животот без пари губи смисла и значење. Дека парите значат сигурност. Дека парите се инструмент за тргување. Дека со парите ги импресионирате другите и лесно доаѓате до пријатели. Без пари, велат некои, не можете да го правите своето хоби кое во одржува среќен. И дека квалитетот на животот зависи од тоа колку пари имате. Парите можат да бидат и мотивација за да бидеме подобри во работата за да може повеќе да заработиме. Има дури и одговори кои одат во крајност како тоа дека „без пари сте мртов“ и дека сѐ што во одржува во живот се добива со пари. Според некои, имањето пари значи дека може помалку да се работи, а повеќе да се ужива.

Дали парите се и отепувачка?

За жал, ретко кој одговора дека парите значат и повеќе истражувања за пронаоѓање на лекови за неизлечиви болести, за пронаоѓање на нови поотпорни на климатски промени семиња и садници во земјоделието, или пари за добротворни цели. Секој поединец парите ги гледа само како свое добро, а не и средство за остварување на општото добро или продолжување на опстанокот на човештвото.

Генералното мислење е дека и немирите во светот се за пари. Ако некој сака да ги приграби нафтените ресурси на туѓа територија, тоа е затоа што тие носат пари. Ако некој сака да ја прошири својата држава и на територијата на соседната држава, тоа е затоа што сака да има контрола над природните добра и таму. Ако нелегалната миграцијата зема замав, тоа значи дека луѓето сакаат да се преселат во земји во кои сметаат дека полесно ќе дојдат до пари. Дури и политичките борби и учеството на избори во својата основа го имаат стремежот на човекот за моќ и пари.

Уште во 1937 година македонскиот автор Ристо Крле ја напишал легендарната драма „Парите се отепувачка“. Кулминацијата на драмата е во пасусот кога брачната двојка ја дискутира смртната пресуда на дојденецот во нивниот дом, без да знаат дека е тоа нивниот син кому му се сменил ликот по 20 години гурбет во Америка.

„Митре: Митрејце, жено, што мислиш ти се печалат толку пари за пет-шест години?
Мара: Мака…
Митре: Мака ја! Ова куче не ги има спечалено, слушај ме ти мене! Овој има отепано некого за да дојде до овие пари! А кога тој можел да отепа, што јас не би го отепал него и да станам богат човек? Како ги спечалил — така нека ги загуби! Секирата на ова куче!"

Во драмата одлично е опишан човековиот карактер кој кога ќе дојде во допир или во потенцијален допир со многу пари, може да се претвори во ѕвер. Дури и едно мирољубиво семејство го убива дојденецот на кого му дава преноќиште во својот дом во моментот кога сфаќа дека тој носи со себе многу пари.

Што му порача АББА на светот

Вештачката интелигенција опишувајќи го легендарниот светски хит на групата АББА „Money, Money, Money“ вели дека тежиштето на песната е дека парите претставуваат слобода, сигурност и бегство од тешкотии. Оценува и дека пораката на песната е дека недостигот од пари создава фрустрација и исцрпеност и дека парите се решение за секој проблем и дека се нешто што може моментално да го смени на подобро животот на еден човек. Но, смета и дека песната е суптилен коментар на социјалната нееднаквост. „Тонот е весел, но пораката одразува стрес, разочарување и копнеж и овој контраст ја прави песната незаборавна и сеопшта“, анализира ВИ.

Сепак, кај нас е присутна и изреката „не е сѐ во парите“, или „што ќе ти се парите кога немаш среќа или здравје“. Празниците како Божик се добра прилика да се потсетиме и на другите вредности што го прават животот комплетен, како на пример семејството, поврзаноста, солидарноста и сочувството при неволја на другиот. Впрочем светот ги измислил таквите празници за да ја балансира алчноста, себичноста и бескрупулозноста. Да ги омекне и приземји луѓето кои што носат и такви одлики во себе.

Што мислите, дали парите се единствен услов за среќа?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми