Кај притворот за Груби „два плус два“ не се четири
25 февруари 2026
Многу прашања отвори образложението на Јавното обвинителство – во кое објасни зошто била донесена одлука затворскиот притвор за Артан Груби да биде заменет со куќен притвор.
„...По проценка на надлежните органи - МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка“, посоочи Обвинителството.
МВР и АНБ досега не се изјаснија со детали.
„Министерството за внатрешни работи, согласно своите законските надлежности, ги сподели со Јавното обвинителство сите информации и сознанија со кои располагаше, а кои се однесуваат на конкретното лице, вклучително и информациите од Агенцијата за национална безбедност. Во понатамошната постапка, одлуките за барање и определување на мерките ги носат исклучиво надлежното обвинителство и судот“, изјавија од МВР за медиумите.
Јавноста сега очекува одговори на неколку прашања.
Дали посочената проценка (од МВР и АНБ), дека на Груби не може да му се гарантира личната безбедност се однесува конкретно за условите во притворското одделение или генерално?
Дали проценката за (не)безбедноста на Груби се темели на индиции добиени во актуелниот период (непосредно пред и по неговото доброволно предавање на органите на прогонот) или таа датира уште од периодот пред тој да биде осомничен во предметот за Државна лотарија?
Лично полициско обезбедување
За потсетување, второто се однесува на периодот во кој Артан Груби користел лично полициско обезбедување, но нема информации од кога точно му била доделена таква заштита. Јавноста дозна дека Груби имал полициско обезбедување во декември 2024, кога тој преку неговиот профил на Фејсбук демантираше дека избегал од земјата.
„Почитувани, денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство", напиша Груби пред 14 месеци.
Од МВР не се впуштија во објаснување зошто има полициско обезбедување, но одговорија дека „обезбедувањето не било со Груби на денот кога заминал".
Стари или нови проценки?
Според правни експерти, за да нема конфузија во јавноста, треба да се знае од кога датираат проценките на кои се повикува Обвинителството - дали од периодот кога на Груби му било доделено полициско обезбедување, по неговото бегство или се нови.
Сметаат дека во период од 14 месеци (колку што тој беше во бегство) може да се изменат условите, околностите и причините поради кои еднаш добил заштита - во смисла тие да исчезнат или да се намалат, да се засилат, или да останат непроменети. Но, сметаат дека тоа мора точно да се знае.
„Со транспарентност би се затвориле сомнежите, дали можеби со стара проценка се ‘крпи' нова ситуација или пак има актуелни индиции за потенцијална небезбедност на лицето, со кои сега се оправдува изречената мерка куќен притвор. Но, ако некој 14 месеци бил во бегство, условно речено, на ‘бришан простор’, без дотогашната институционална заштита, па немало никакви безбедносни импликации за него, тогаш, зошто се стравува од такви импликации во казнено-поправна установа обезбедена по сите стандарди?“, вели нашиот соговорник.
Останува нејасно и дали за време на бегството на Груби неговото семејство користело полициско обезбедување, имајќи предвид дека и тоа е опфатено во образложението за мерката куќен притвор.
„...Во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност (на Груби, н.з.), кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, посочи Обвинителството.
По ова, главното прашање на социјалните мрежи е: „Ако е така, на што се темели увереноста дека со мерка куќен притвор, сите заедно ‘на купче‘ би биле побезбедни?"
Безбедна установа
Директорот на истражниот затвор „Скопје“, Бобан Утковски, вели дека ни од МВР ни од АНБ не побарале мислење за безбедноста во таа казнено-поправна установа. За ТВ Сител објасни дека во одделенијата во затворот има постојано полициско присуство за да се избегнат незгоди, има камери насекаде, постои можност за пријава, доколку некој добива закани, како и можност за одвојување на ризичните категории притвореници и затвореници, доколку постои некаква опасност.
„Од страна на МВР и од страна на АНБ, ниеден претставник се нема ниту писмено ниту усно обратено до мене или до институцијата со која јас раководам, за да побара мислење за безбедноста во периметарот што ние го обезбедуваме. Во тој контекст, јас тука би застанал. Нека се произнесат самите служби АНБ и МВР на кој начин и што дале, дали тоа кореспондира со реалноста“, изјави Утковски.
Од Обвинителството засега се држат до ставот дека притвор е притвор, без разлика дали е затворски или куќен. Во прашање се само „специфичните услови“.
„Согласно со Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа“, потенцира Обвинителството.