1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канцерогено млеко од БиХ завршило на македонскиот пазар

ДТЗ
7 ноември 2022

Агенцијата за храна и ветеринарство потврди дека се повлекуваат 20 тони трајно млеко „Милкано“ увезено од БиХ поради присуство на афлатоксин М1, кој може да предизвика жолтица и тешки оштетувања на црниот дроб.

афлатоксин млеко
Агенцијата за храна и ветеринарство поврди дека се повлекуваат 20 тони трајно млеко „Милкано“ увезено од БиХ Фотографија: picture-alliance/dpa

Млеко од увоз со канцерогени соединенија е откриено на македонскиот пазар, што предизвика бројни реакции во јавноста. Граѓаните прашуваат како спорното млеко од БиХ успеало да заврши на рафтовите на супермаркетите во земјава, но и кои се последиците од неговото конзумирање, ако се има предвид дека најчесто го користат децата. 

Агенцијата за храна и ветеринарство потврди дека го повлекува од продажба производот трајно млеко од производителот „Милкано“ со 3,2 проценти масленост. Во неговиот состав се откриени канцерогени и високотоксични соединенија. Станува збор за афлатоксин М1 соединение кое може да предизвика жолтица и тешки оштетувања на црниот дроб.

„Од малопродажба се повлекуваат 20 тони УХТ трајно млеко „Милкано“ 3,2 отсто, увезено од БиХ, поради утврдено присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените количини од 0,05 микрограми на килограм, согласно македонските прописи“, информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од каде тврдат дека сите останати производи од овој бренд се безбедни, со исклучок на млекото со наведениот лот и рок на употреба. 

Апел 

„Потрошувачите кои имаат купено млеко од брендот „Милкано“ со наведениот лот и рок на употреба, апелираме да не го употребуваат, туку да го вратат на местото каде што е купен. Врз основа на добиен позитивен резултат за присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволени концентрации во млеко од брендот „Милкано“ увезено од БиХ, Агенцијата за храна и ветеринарство почна постапка за повлекување небезбеден производ од пазарот“,наведува АХВ.

Станува збор за резултат добиен во рамки на мониторинг програмата за безбедност на храната, која покрај редовните и вонредните контроли, Агенцијата ја спроведува секоја година.

Во меѓувреме и маркетите коишто го продаваат ова млеко се извинија на купувачите и апелираа до нив да ги вратат купените производи. Тие веднаш по добиената информација ги повлекоа производите од своите рафтови. Небезбедното млеко ќе се врати кај производителот доколку надлежните ветеринарни власти од БиХ го прифатат тоа. Во спротивно, ќе биде уништено на депонијата Дрисла.
 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми