1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Бугарија ја престигна Србија благодарение на ЕУ

БГ /ФАЦ
14 јануари 2026

Кога Бугарија влезе во Европската унија, нејзината економија значително заостануваше зад онаа на соседна Србија. Денес ситуацијата е сосема поинаква, а ЕУ беше катализатор на тој процес, пишува ФАЦ.

Луѓе позираат со евра за време на новогодишна прослава во Софија. јануари 2026
Благодарение на ЕУ, бугарската економија доживеа огромен раст.Фотографија: Valentina Petrova/AP/dpa/picture alliance

Како парите од ЕУ ја менуваат економијата на една земја? Тоа најдобро го покажува споредбата на Србија и Бугарија, наведува весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг во анализата посветена на придобивките од членството во ЕУ. За 17 години членство во ЕУ, економијата на Бугарија далеку ја надмина српската.  
 
Иако не сите во Бугарија беа воодушевени кога на 1 јануари земјата влезе во еврозоната—мнозина сакаа левот да биде задржан, Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) оценува дека првичниот скептицизам веројатно со време ќе отстапи пред широко одобрување.

Во својата анализа, весникот наведува дека Бугарија недвосмислено добива од членството во Европската унија, во која влезе во 2007 година, а од 2025 е и дел од шенгенскиот простор.

Поголемиот дел од населението е свесно за користа од ЕУ: повеќето Бугари сфатија што носи членството, додека партии како „Преродба“, со барања за излез од ЕУ или тврдења дека членството им штети на националните интереси, уживаат ограничена поддршка.

Како Бугарија ја престигна Србија

Придобивките од членството на Бугарија во ЕУ во последните 18 години особено јасно се гледаат во споредба со соседна Србија, која има сличен број жители, пишува ФАЦ.

Кога во 2007 година Бугарија беше примена во ЕУ, нејзината економија беше послаба од српската и со понизок БДП. Иако Србија од тогаш бележи значителен раст, Бугарија успеа да ја престигне: во 2024 година БДП по глава на жител во Бугарија изнесуваше 16.260 евра, додека во Србија 12.640. Предноста е видлива и во други показатели, како просечната плата и куповната моќ.

ФАЦ наведува повеќе фактори за побрзиот развој на Бугарија. Србија добива средства од ЕУ, но тие се далеку помали од инструментите достапни за државите членки. Во јули 2022 година, Брисел најави дека за Бугарија, и понатаму сметана за најсиромашна земја-членка, за периодот до 2027 година се планирани 11 милијарди евра, од кои 4,2 милијарди за изградба и модернизација на инфраструктурата во заостанатите региони. 

И покрај бројните протести и негативното јавно мислење, Бугарија од 1 јануари 2026 година го воведе евротоФотографија: BGNES

Покрај тоа, земјите членки имаат пристап до Механизмот за закрепнување и отпорност, создаден од Европската комисија по пандемијата. За Бугарија се предвидени шест милијарди евра, вклучително и 144 милиони за третата линија на софиското метро, информира ФАЦ. Белград, пак, и понатаму нема метро, иако планови постојат со децении, но нема изгледи да се реализираат набргу. Истовремено, ФАЦ наведува дека исплатата на дел од средствата за Бугарија е забавена, затоа што Брисел инсистира на усвојување 22 закони за борба против корупцијата и унапредување на управувањето. Меѓу другото, ЕК бара ограничување на овластувањата на главниот обвинител.

ЕУ бара суштински реформи во правосудството

ЕУ инсистира главниот обвинител да може да биде повикан на одговорност доколку без основана причина одбие да покрене истрага против влијателни осомничени, пракса што, според ФАЦ, често се случувала во минатото. Кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја посети Софија во април 2022 година, таа зад кулисите јасно ставила до знаење дека милијардите ќе бидат исплатени само по спроведување на потребните реформи, пишува Мартенс. Постигнатиот напредок потоа овозможи исплата на повеќе транши, последно 1,6 милијарди евра во декември. Сепак, дел од средствата и натаму се блокирани поради недовршени реформи.

За ФАЦ, Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешна политика во Софија, оценува дека условувањето на реформите во правосудството со исплатата на траншите од Механизмот за закрепнување и отпорност е клучно: „Секоја бугарска влада знае дека постојат строги критериуми за тоа што е добро управување, а што не е.“

Таа потсетува на декемвриските демонстрации што доведоа до оставка на коалициската влада. Германското издание забележува дека протестите беа насочени и против влијанието на контроверзниот олигарх Делјан Пеевски врз владата, како и против поранешниот премиер Бојко Борисов. 

„Протестите во Бугарија покажаа дека владата речиси нема простор за дејствување кога општеството и Брисел споделуваат критичка оценка.“ 

Пристап до пазарите 

Ова е уште една разлика со Србија, каде повеќе од една година масовните протести не донесоа конкретни политички последици. Но, во Србија не се вливаат милијарди од ЕУ, па инструментите за притисок за реформи се послаби. Последица од тоа е пониско ниво на демократија, владеење на правото и медиумска слобода во Србија отколку во Бугарија.

ФАЦ забележува дека, благодарение на инвестициските програми на ЕУ, Бугарија доби можност да склучи договор со германскиот концерн „Рајнметал“ за изградба на фабрика за муниција. Еднакво значајна, ако не и поважна, е припадноста кон европскиот единствен пазар со речиси 450 милиони потрошувачи, фактор што ја прави Бугарија и нејзината извозна економија поатрактивни за инвеститорите.

Србија нема сличен пристап до пазарите. И покрај тоа што во последниве години бележи видлив економски раст, разликата се чувствува. Во Србија и денес се случува да се потсмеваат на Бугарија, но таа ја престигна својата западна соседка. Романија напредува уште побрзо. Со секоја година од членството на Софија и Букурешт во ЕУ, дистанцата со Белград се зголемува, заклучува ФАЦ. Со други зборови: ЕУ има реално политичко и економско влијание.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми