1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како бугарска чистачка стана руски шпион

Александар Детев
3 април 2025

До неодамна познаниците на Цветанка Д. беа убедени дека таа води нормален и едноставен живот. Но, оваа Бугарка која живее во Виена со години е руски шпион. И има многу луѓе како неа во Европа.

Русија шпионажа
Две жени работеле како шпиони за РусијаФотографија: Screenshot BBC

Пред повеќе од десет години во Виена се преселила Бугарката Цветанка Д. Таа повремено работела како чистачка, а за некои други работни ангажмани нема достапни информации. Изгледа дека имала доволно слободно време, бидејќи поминувала часови и часови на социјалните мрежи. Таму, со години, таа се повеќе споделувала објави против вакцините за Ковид и ги поддржувала политиките на Русија и десничарската популистичка Партија на слободата на Австрија (FPÖ).

„Таа постојано пишуваше глупости на Фејсбук, про-Путин, проруски и слични глупости“, вели Пламен Б. Тој во 2015 година кратко време и бил работодавач на Цветанка Д. во една компанија за чистење во Виена. „Но, таа оставаше впечаток на типична, збунета личност токму од онаа група луѓе кои се подложни на пропаганда“, додава Бугаринот.

Но, кај Цветанка ништо не било „типично“. Таа всушност не била невработена - очигледно работела како руски агент.Ова на крајот на март го соопшти австриската Управа за државна безбедност и разузнавачки служби (ДНС). Нејзиното име тогаш не беше објавено, но подоцна беше откриено од Би-Би-Си.

Кои биле задачите на Цветанка Д.? Таа очигледно требала да придонесе за ширење на руските дезинформации во Австрија. За таа цел, на пример, таа лепела налепници кои наводно биле проукраински, а всушност имале нацистички симболи. Целта била да се шират руските дезинформации дека Украинците се нацисти. Таа исто така требала да шири слични дезинформации на интернет. Таа, наводно, им признала на австриските власти дека била најактивна во 2022 година, кога Русија ја започнала својата војна против Украина.

Шпионката повремено работела како чистачка (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/SvenSimon/F. Hörmann

Цветанка Д. имала и посложени задачи: таа требала да ги следи лицата од интерес, меѓу кои и шефот на ДНС, Омар Хаиџави-Пирчнер, потоа истражувачкиот новинар Христо Грозев, како и Ана Талхамер, главен уредник на неделникот „Профил“, познат по своето истражувачко новинарство.

„Кон крајот на летото 2024 година, добив повик од Бирото за заштита на уставниот поредок“, вели Талхамер за ДВ. „Ми рекоа дека наводно лаптопот и мобилниот телефон имало план да ми бидат украдени и однесени во Москва. Во декември добив уште еден повик - дека можам да ги прегледам досиејата во државното обвинителство. Во нив имаше детали, меѓу другото, дека г-ѓа Д. со месеци го следела секој мој чекор“.

Бугарката дури требала да го снима и истражувачкиот новинар Христо Грозев, кој во 2022 година беше ставен на листата за потрага од руското Министерство за внатрешни работи. За таа цел изнајмила стан во Виена, веднаш спроти неговиот.  

Како Цветанка се нашла на платен список на руските служби? 

Како е регрутирана Цветанка Д.? Нејзините познаници од Виена велат дека во 2020 година, кога започна пандемијата на Ковид-19, почнала да шири и лажни факти и манипулации за вирусот, а потоа и за вакцините. Ова било типично за многу Бугари - станува збор за земја со најниска стапка на вакцинација против корона во Европската Унија. Дезинформациите и недовербата кон вакцините се главната причина за тоа.

Веројатно тогаш таа се нашла во фокусот на руската шпионска ќелија. Станува збор за група Бугари во Лондон кои беа осудени во Велика Британија на почетокот на март 2025 година за шпионажа.

Сите тие работеле за Јан Марсалек, поранешен шеф на германската компанија „Вајркард“, кој наводно побегнал во Москва и оттаму координирал операции за шпионажа и дезинформација во Европа. Христо Грозев бил цел на повеќето од овие операции – според информациите од Лондон, требало да биде киднапиран, па дури и убиен. Во таа намера требало да помогне Цветанка Д, како и друга Бугарка што ја разоткри Би-Би-Си, Цветелина Генчева. Таа работела на аеродромот во Софија, каде што ги следела пристигнувањата и заминувањата на новинарите и руските дисиденти. 

Сите тие работеле за Јан Марсалек, поранешниот шеф на германската компанија Wirecard, кој наводно побегнал во Москва.Фотографија: Daniel Bockwoldt/dpa/picture alliance

Руските тајни служби регрутирале „обични“ граѓани 

Цветанка Д. била регрутирана од тројца бугарски државјани од Лондон. Меѓу нив е и Вања Г. Таа и Цветанка Д. тврдат дека не знаеле точно што прават. Според Вања Г, нејзиниот партнер Бисер Д, кој исто така припаѓал на лондонската шпионска група, ја лажел дека работат за Интерпол. Истата приказна во Виена ја раскажала и Цветанка Д.

Вања по професија е козметичар. Познаници во Лондон велат дека таа не била заинтересирана за политика. „Луѓето кои ја познаваат Вања ја опишуваат како многу мирна и наивна жена“, вели за ДВ Васил Христов, бугарски новинар кој известува од Велика Британија. „Според низа стручни анализи, руските тајни служби намерно регрутираат сосема обични луѓе кои не привлекуваат внимание. Профилот на Вања совршено одговара на тој шаблон“, вели Христов. 

Руските шпионски мрежи сè уште се активни 

Членовите на лондонската шпионска ќелија во моментов ги чекаат правосилни пресуди. Цветанка Д. моментално е на слобода во Австрија, но истрагата против неа продолжува. Во Бугарија, пак, друг наводен член на групата, Цветелина Г., засега не е на удар на властите. Бугарските власти не го коментираа случајот до објавувањето на овој текст.

Дали ова значи дека шпионската мрежа на Марсалек пропадна? „Не“, вели Ана Талхамер. „Моите информации се дека властите веруваат дека има други ќелии. Идејата зад оваа структура е дека ако една ќелија падне, постои друга. Тие свесно не се поврзани, туку работат кон истата цел“.

И изгледа дека Бугарите многу често се вмешани во шпионажа . Како што вели уредничката на Профил, не се работи за обучени шпиони, туку за ситни криминалци. „Луѓето со бугарски имиња се појавуваат многу често во руските шпионски мрежи. Очигледно постои поврзаност меѓу бугарското криминално милје и руските разузнавачки структури“, заклучува Талхамер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми