1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Како да ја минем таа река Вардар“

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
26 септември 2023

Продолжува „стогодишната“ војна и во 21 век меѓу патриоти и предавници. Едните ќе не` бранат да си останеме кај што сме, во крчмата, а другите ќе не` внесат во Европа, ако не оваа среда, другиот петок. Пишува Ерол Ризаов

Реката Вардар во Скопје, Северна Македонија Фотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

Знаменитиот доктор и учен Методи Чепрегенов, лесна му земја,  во кафеанските муабети за тажната и темна  судбина и светлата  европска иднина на Македонија, кога дискусијата ќе се вжештеше до агресивно викање и меѓусебно навредување, знаеше, како најефикасна терапија, да потпевне еден стих и на тоа да додаде коментар со што кавгата преминуваше во општо смеење на наследниците на некогашните патриоти и вечни предавници.

Стихот од песната гласи: „како да ја минем таа река Вардар“, а коментарот: „па преку мостот п...ка ви мајчина." Разјаснувањето, како причина за смеење,  тие што не ја знаат драмолетката  е следното: Во крчма во Софија меѓу двете светски војни големите македонски патриоти, асли вмровци, секоја вечер добро залиени со ракија и најадени со јагнешко во голема еуфорија и видна носталгија подготвени да загинат за слобода на Македонија, со месеци секоја пијанка ја завршуваат со песната „Како да ја минем таа река Вардар,“ тогаш најопасната граница. 

Крчмарот, пред банкрот, му дошло преку глава оти патриотите и ослободители на Македонија ништо не плаќаат, не можејќи да се воздржи сочно опцул: па преку мостот п...ка ви маjчина. Утредента го нашле зад шанкот со пресечен грклан. Во Новата крчма продолжува софрата на патриотизмот и подготвеноста за целосно  ослободување на Македонија со многу пољубезен  крчмар пребледен од љубов кон неканетите гости.

Не знам колку има вистина во оваа приказна, ама и сто години подоцна од оваа страна на Вардар, веќе одамна поминати преку мостот, уште траат истите кавги и делби, а на сите страни  ечат патриотски песни препеани во ново руво, да ти се наежи кожата и да ти се крене косата на глава. На човека му доаѓа да земе пушка и да тргне во борба. Се чека и најновата верзија на Абре Македонче. Мал проблем е само деминутивот, но и тој може лесно да се премавне,  па да биде како треба - Абре Македончиште... Значи,  продолжува „стогодишната“ војна и во 21 век меѓу патриотите и предавниците.

Цехот за големиот патриотизам како и секогаш го плаќа  саканиот народФотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

„Дуж реке Брегалнице..."

Едните и натаму  ќе не` бранат, никако да не` одбранат, од домашните и надворешните непријатели, од разни вета и блокади, асимилации и диктати, да си останеме таму кај што сме свои на своето, во крчмата, а другите ќе не` внесат во Европа, час поскоро, ако не оваа среда, другиот петок, за да не бидеме и натаму како по Јован Цвијиќ „дуж реке Брегалнице живи најпростији народ на Балкану који се облачи гуњевима и назива шоповима.“

Се, разбира,  завојуваните страни повеќе  не ги колат ни крчмарите, ни предавниците, премногу се испоубија меѓу себе. За разлика од тогаш, сега битките за превласт не се со меѓусебни убиства. Но жестокоста на пресметките води, исто така, кон едни поинакви ликвидации. Цехот за големиот патриотизам како и секогаш го плаќа  саканиот народ.

Конечно, така и треба, оти сите зла се направени и се` уште се прават во име на народот. Иако нарачките не се од народот, тие беа прифатени без отпор и поговор  како свои и со помош на идеологизираната историја од историчари, повеќе патриоти отколку научници, како и на целиот Балкан, под диктат на политиката, се врежани во свеста на луѓето како целата историја да е  меѓусебна борба  за слобода меѓу патриотите и предавниците.

Ликвидацијата на првата и последна буржоазија

Сите убиства  на цветот на македонската интелигенција се најтрагичниот настан од поблиската современа историја. Убиени се првите учени луѓе, на  првата и последна  македонска вистинска буржоазија, целосно уништена се` до појавата на црвената комунистичка  буржоазија и најновата капиталистичка олигархија.

Тој прекин и одложување на општествените промени кои веќе беа завршени во цела Европа, по  историските закономерности е најголемата несреќа на македонскиот народ. Таа индоктринација  и ден денес за наводната  неопходност од пресметка со предавниците дава катастрофални последици  во името на народот. Дали Македонија и по еден век  повторно е пред втората голема несреќа, одложувајќи ги големите општествени промени како во почетокот на 20 век, кога не успеа да направи своја држава поради трагичните последици од пропагандите на соседните царски дворови и меѓусебните убиства на се` што вредеше и што можеше за Македонија да ја добие својата автономија по урнекот на сите соседни земји.

Многу мириса на повторување на историјата по се` она што ни се случува. Така ќе биде се` до денот кога граѓаните ќе осознаат каде води ова безумие и ќе смогнат сила да кажат – аман, доста не` браневте. Деновиве наеднаш неупатените во вмровскиот историски (дис) континуитет искажаа голема изненаденост и загриженост од судирот во врвот на патриотите. Катил ферманот преку Германија  стаса во Унгарија и во Македонија . Го испрати Христијан Мицкоски до Никола Груевски преку германски гласник.

Велам само неупатените се изненадени, бидејќи ВМРО ДПМНЕ и се` што е со предзнакот ВМРО како и во 20, така и во 21 век се` уште опстојува на истата доктрина, откривање предавства, организирање ликвидации и истраги  кој ги украде парите за купување оружје и кревање востание.

Судир во врвот на ВМРО ДПМНЕ - Христијан Мицкоски и Никола Груевски Фотографија: Petr Stojanovski

Лош плагијат на пресликана историја

Поранешниот премиер, лидер и основач на  ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски,  задржувајќи се само на актуелниот миг за настаните во револуционерната партија во односите на тројцата претседатели на ВМРО ДПМНЕ, ќе го потврди проклетството наследено низ целата современа  историја. Тој,  обраќајќи му се на  Никола Груевски,  ќе му предочи  дека се соочува со истите работи кои тој му ги правел нему кога го наследил на лидерската позиција. „Се` што ми направи мене сега ти го прават тебе. По учебникот кој им го остави. Само очигледно тие што ми беа лојални беа далеку помногубројни,“ му пишува  Георгиевски на својот наследник Груевски.

Георгиевски Љубчо  со порака  не го поштеди ни Христијан Мицкоски,  нарекувајќи ја сегашната политика на партијата „ВМРО-Шумадија“. Тој му пишува и на Мицкоски: „Многу мал чекор треба да направите за да му помогнете на вашиот довчерашен лидер, што единаесет години ви даваше власт. Да им помогнете на уште петнаесетина ваши сопартијци кои лежат по затворите, вклучувајќи ги и тие од 27 април. Да и` помогнете на Македонија на патот до Европа."

Што да се каже на ова освен дека е пресликана историја од минатиот век, како лош плагијат  на бурни настани, но сега сведени на мал интензитет од политички маргиналци кои се во суштина закржлавени рецидиви кои се` уште цицаат од раната  на Македонецот што не го вадат од уста. Една паразитска позиција да се остане во балканската крчма и да не се плати цехот. Зачудувачко и несфатливо  е слепилото да не се осознае и види  ни во врвот на партијата, ниту пак од интелектуалните следбеници бесмисленоста на постоењето на една ваква политичка партија и сила која влече назад со истите доктрини и лаги од пред сто и повеќе години.

На сето ова универзитетскиот професор д-р Христијан Мицкоски, партиски лидер,  одговара со повици: ајде веднаш на избори. Никогаш не сме биле поединствени. Ќе освоиме  61 место во Собранието. И секој час повторно и повторно како планинско ехо:  „никогаш не сме биле поединствени.“ Голема е потребата ова да се соопшти оти очигледно единството е само во партискиот врв.  Паничните повици на единство од  Белата палата ечат како Никола Груевски да е вратен во Скопје и само што не влегол во својата канцеларија придружуван од „коалиционите партнери“  Димитар Ковачевски и Али Ахмети. И оваа лага, продон псеудос, татко на сите лаги, може да се проголта кај следбениците на ВМРО ДПМНЕ и кај конзервативната  интелектуална и академска елита која  го подржува овој вековен анахронизам, тежок инцидент на историјата. Ништо арно нема да се изнедри од пуштањето нови фиданки врз калемените јалови рецидиви кои не даваат никаков плод.   

Одамна тврдам дека Груевски  уште е тука, само физички е отсутен. Неговите  писанија се голтаат како серија од новооткриена историја, а веќе од поданиците му е доделена и царската титула. Ете тоа се надежите насочени кон овие луѓе кои одлучуваат  за продолжување или блокирање на  преговорите со ЕУ и за  европската иднина на Македонија. Па сега проценете дали има некакви шанси.      

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми