1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се спречи: Иселување со димензии на егзодус

22 март 2024

Темата што Таравари ја оцени како приоритетна, бара и дебата и системски решенија. Проекциите за РСМ не се поволни.

Мрачни бројки: Северна Македонија е во групата на првите 20 земји во светот со најголема емиграција во странство
Мрачни бројки: Северна Македонија е во групата на првите 20 земји во светот со најголема емиграција во странствоФотографија: Antonio Calanni/dpa/picture alliance

Арбен Таравари, кандидатот за претседател на државата на опозициската коалиција „Вреди“, пред неколку дена ги покани противкандидатите  на јавна трибина в сабота напладне во Тетово, на која главна тема ќе биде спречување на иселувањето. Само од Пендаровски добил одговор на пораката што им ја испратил телефонски.

Трибината секако ќе се одржи, но за темата што Таравари ја оцени како приоритетна, треба да се бара решение преку заедничко дејствување и разговори, но и системски решнија. Како илустрација за проблемот тој ја посочи Општината Гостивар каде што е градоначалник, која изгубила 36 отсто од населението. Но, овој проблем е слика за целата земја.

Според публикација на ИОМ (Меѓународната организација за миграција) за миграциите во РСМ (профил на земјата 2021) вкупниот број на државјани на Северна Македонија што престојуваат во странство може да се процени на најмалку 700.000 лица. Извештајот на ИОМ за 2020 година покажал дека според стапката на емиграција во 2019 година (која е проценета на околу 25 проценти), Северна Македонија е во групата на првите 20 земји во светот со најголема емиграција во странство. Семејните причини остануваат доминантна основа за првпат издадените дозволи за престој на македонските државјани во земјите на прием во ЕУ, и покрај трендот на намалување на нивниот удел. Од 2017 значително се зголемил бројот на првпат издадените дозволи заради вработување, а во 2019 година и за школување во странство.

Арбен Таравари, кандидатот за претседател на државата ги покани противкандидатите на јавна трибина в сабота во Тетово, на која главна тема ќе биде спречување на иселувањетоФотографија: DW/P. Stojanovski

„Особеностите на миграцискиот контингент потврдуваат дека со емиграцијата Северна Македонија директно (преку одливот на постојното население) и индиректно (преку природниот прираст) губи значителен дел од вкупното население. Сите податоци покажуваат дека надвор од земјата се околу (најверојатно и повеќе од) 700.000 македонски државјани што претставува повеќе од една третина од вкупното население во земјата. Имајќи го предвид вкупниот број жители во Северна Македонија, денес емиграцијата во странство добива димензии на егзодус со мошне неповолно влијание врз развојот на населението во земјата“, се наведува во публикацијата.

Се раѓаат, ама во странство

Дополнителни прашања отвора и истражување на научници од Институтот за метрика и проценка на здравје од Универзитетот во Вашинготон објавено месецов во медицинското списание „Лансет“, кое покажало дека три четвртини од земјите во светот немаат доволно висока стапка на фертилитет за да го одржат постоечкиот број на жители дo 2050 година. Според проекциите од истражувањето, ако продолжат сегашните трендови, Северна Македонија, Србија, БиХ и Украина до крајот на векот (2100 година) ќе имаат најниска стапка на фертилитет во Европа.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2023 година, во споредба со истиот период од претходната година, бил намален за 4.5 % и изнесува 4.185 живородени деца. Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2023 година бележи намалување од 1.5 % во споредба со истото тримесечје од 2022 година и изнесува 5.028 лицa, а од нив 9 се починати доенчиња. Природниот прираст е негативен - 843 лица што значи, за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.

За илустрација, во Северна Македонија има 20 општини каде во последното тромесечје од 2023 година се родиле помалку од 10 деца. Општина Конче во последното тромесечие од минатата година имала само едно (1) новороденче, 2 во општините Лозово, Демир Капија и Пласница и 3 во Ранковце и Градско. Во истиот период имало само 5 новороденчиња во општините Дојран, Дебрца, Новаци и Пехчево, 7 во Могила, Зрновци, Карбинци и Центар Жупа, 8 во Ново Село и Росоман и 9 во Кратово, Македонска Каменица, Чешиново- Облешево и Вевчани. 

Во Северна Македонија има 20 општини каде во последното тромесечје од 2023 година се родиле помалку од 10 деца.Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Одливот на население, кое негативно се одразува на природниот прираст, е евидентно и според податоците. Со порастот на семејната миграција расте бројот на жени на оптимална репродуктивна возраст кои се иселиле од земјата. Според публикацијата на ИОМ, учеството на родените во странство во вкупно родените во земјата, од 14,8% во 2009 година достигнал повеќе од една четвртина, или 26,1% во 2019 година. Во овој временски интервал надвор од земјата биле родени 48.658 деца, што претставува двегодишен наталитет на земјата и 19,5% од вкупно родените (250.061 дете) во Северна Македонија. Но, овие податоци не значат целосен опфат на децата родени во странство, бидејќи нивниот број денес најверојатно е значително поголем.

Проекции и надежи

Анализите покажуваат дека на европско тло миграцијата кон поразвиените земји е интензивна во многу земји во годините на транзиција, односно пред нивното пристапување во ЕУ, и неколку години по членството. Со јакнење на економската моќ по влегувањето во Унијата, искуствата покажуваат зачеток на реверзибилен процес, враќање на дел од граѓаните кои претходно се иселиле, но и на имиграција од други земји.

Според „Проекции на населението на Република Северна Македонија до 2070 година“ на ДЗС, за првата деценија на проекцискиот период е претпоставено дека годишното миграциско салдо би било негативно и растечко. Така, во 2031 година, годишниот број на отселени би го надминал за 21,2 илјади бројот на доселените. За наредните две децении е претпоставено дека ќе се случува забавување на иселувањето од земјата, односно намалување на негативното миграциско салдо, што во 2054 година би резултирало со изедначување на бројот на емигранти и бројот на имигранти, односно со нулта миграциско салдо. 

Да останат или да си заминат?

02:41

This browser does not support the video element.

При поставувањето на варијантите на хипотезите за миграциите, се тргнало од основната определба дека во проекцискиот период, на територијата на РСМ и во нејзиното поблиско опкружување, нема да има воени ниту поголеми вооружени дејства, дека во земјата ќе има стабилна внатрешно-политичка состојба, дека ќе се интензивираат и во почетокот на 30-тите години во целост ќе завршат процесите на европска интеграција на земјата, дека ќе се подобрат економските и финансиските состојби и ќе се забрза економскиот развој.

Според проекциите, под претпоставка на остварување на релативно брзо зголемување на фертилитетот, кој почнувајќи од 2034 година би се стабилизирал на 2,03 деца по жена, би можело да дојде до стопирање на процесот на намалување на населението, но дури после три децении, односно почнувајќи од 2064 година.

„Тоа укажува на комплексноста на демографската состојба во земјата, која најдобро се согледува преку ефектите од негативното миграциско салдо и многу интензивниот и напреднат процес на стареење на населението“, оценува ДЗС.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми