1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се штеди драгоцената вода?

Сузана Здржалек
3 септември 2022

Горештините и сушите ја погодуваат цела Европа. Во многу делови на континентот е забрането пумпање вода од потоци и реки. Но, тоа не е единствен начин да се заштеди вода.

Горештините суши  Европа
Горештините и сушите ја погодуваат цела ЕвропаФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

Овошките во центарот за агрономска едукација во Штајнфурт се погодени од актуелната суша. Гранките се полни со јаболка и круши, но за конечно созревање недостига вода. Поради тоа, овошките обилно се полеваат со вода од сопствениот бунар. Но, со скапоцената вода мора да се постапува внимателно. „Ние полеваме навечер за да не испари водата толку брзо и тоа го правиме бавно, директно во корените“, вели раководителот на центарот Клаус Кроме. Но, тревниците меѓу овошките се пожолтени, а сепак никој не ги полева. „Да се ​​полева тревата сега би било чиста загуба на вода. Тревниците се отпорни и целосно ќе се опорават кога повторно ќе дојдат пообилни дождови“, вели Кроме.

Потенцијал за штедење вода во секојдневниот живот

Но, вода може да се штеди не само во градината, туку и во домаќинството. Секој жител на Германија дневно троши во просек по 123 литри вода. Од нив, цели 27 отсто се трошат на миење на тоалетот, а дополнителни 36 отсто на одржување на телесната хигиена, покажуваат податоците на Сојузниот уред за заштита на животната средина.

Уредите за заштита на потрошувачите укажуваат на огромниот потенцијал за заштеда на вода во домаќинствата. Ако во куќата има славина што не се затвора добро, прво што треба да се направите е таа да се поправи. Заштеда може да се постигне и со поставување на специјални штедливи тушеви, а слично решение се нуди и за тоалетите со поставување на специјални, штедливи казанчиња. При перење алишта, пожелно е да се внимава и на економичноста, односно да се внимава машината за перење да е полна. А секој што се тушира ​​секојдневно, треба да размисли за целесообразноста на оваа навика. Туширањето секој втор ден може да заштеди огромни количества вода, се вели од Уредот за заштита на потрошувачите.

Вода може да се штеди не само во градината, туку и во домаќинствотоФотографија: Bildagentur-online/HRI-McPhoto/picture alliance

Заштеда на дождовница

За експертите, меѓутоа, приватната потрошувачка е најмалиот проблем. „Кога ќе испиете шолја кафе наутро, статистички веќе сте потрошиле 120 литри вода“, вели хидрологот Јирген Јесен. Проблемот е индустриската потрошувачка на вода. За производство на само еден автомобил потребни се 400.000 литри вода. Јесен смета дека едно од решенијата е во цистерни за собирање на дождовница.

Потенцијал постои и во повторна употреба на отпадните води од домаќинствата, како што е водата после туширање или капење, која со едноставни филтри може да се прочисти за повторна употреба, да речеме за наводнување на градината или миење на тоалетот.

Добивање вода од воздухот

01:07

This browser does not support the video element.

Некои установи веќе експериментираат со сопствени резервоари за дождовница. „Дури и во вакви сушни години, има доволно дождовница во резервоарот“, вели Лиза Хес, раководителка на младински центар во Дортмунд, каде што веќе некое време се експериментира со резервоари за дождовница. Резервоарот е делумно финансиран и од државата, која сака да постигне во наредните топли и сушни периоди ни капка вода за пиење да не се користи за наводнување на градината.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми