1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ниту две плати не се доволни за да се преживее месецот

ДТЗ
9 август 2022

Минималните трошоци на едно семејство за јули изнесуваат 47.042 денари, за што се потребни две плати за да може да се подмират само основните трошоци. Работничките џебови се сѐ поплитки.

Mazedonien Preise Vergleich
Фотографија: DW/K. Delimitov

Вртоглавиот раст на цените ги исцеди паричниците на граѓаните. Поскапувањето на храната доведе до ситуација кога ниту две плати не се доволни за да се преживее месецот, ако се има предвид дека само за подмирување на основните потреби се неопходни речиси 800 евра. 

Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), покажуваат дека минималните трошоци на едно семејство за јули изнесуваат 47.042 денари. Оваа сума не е доволна ниту за семејства каде има двајца вработени кои имаат примања од една просечна и една минимална плата. 

Тоа го потврдуваат и најновите пресметки на Државниот завод за статистика, кој за само еден месец утврдил зголемување на трошоците на 1,9 %, додека на годишно ниво е забележана инфлација од дури 16 проценти. Вртоглав пораст на цените има особено кај основните прехранбени артикли – лебот, млекото и млечните производи. Статистичарите укажуваат дека овие трошоци за една година се зголемиле дури за 24,3 проценти. На годишно ниво лебот и житата поскапеле за 36,5 проценти, месото за 21,4 проценти, масла и масти за 51,9 проценти, млеко, сирење и јајца за 23,5 проценти. Цените на шеќерот, мармаладот, чоколадото и кондиторските производи скокнале за 22,2 проценти, како и на кафето, чајот и какаото од 17,5 проценти.   

Синдикалната минимална кошница за една година е зголемена за 5.498,00 денари односно за 16 отсто, разликата меѓу просечната нето-плата и синдикалната кошница во 2022 година е 7.384 денари, цената на лебот за една година е зголемена за повеќе од 100 проценти, на маслото за јадење за 94 проценти, на горивата за 64,5 проценти, на електричната енергија за 9,4 проценти, на гасот за 64,6 отсто, а не е намалена на ниту еден производ или енергенс, укажаа неодамна од ССМ. 

Инфлацијата ги изеде платите 

Инфлацијата од 16 проценти ги изеде платите, па така зголемувањето на минималната плата тешко може да го амортизира ударот од кризата. 

„Имајќи предвид дека инфлацијата од 16 проценти ја обезвреднува вредноста на платите, износот од 18.000 денари колку што изнесува минималната плата во Северна Македонија има реална вредност од 15.120 денари. Износот на просечната нето плата од 31.525 денари има реална вредност од 26.481 денари со што значително е осиромашен македонскиот работник и граѓанин“, укажуваат од ССМ.

Според нив, со владините политики за само пет месеци од зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари повторно ја вратиле нејзината вредност на нивото пред март годинава, односно со една минимална плата работниците да можат да купат само исхрана и пијалоци, колку што им биле потребни во јули (17.842,91 денар). 

„На работниците им се потребни итни усогласувања на платите за амортизирање на инфлаторниот удар, а тоа значи Владата да ги усогласи платите за 18,4 проценти до септември согласно Законот, а во спротивно како што ги казнува Владата работниците, така работниците ќе ја казнат Владата, а истото се однесува и на работодавачите“, укажуваат од ССМ. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми