Како Џефри Епстин станал толку богат
17 февруари 2026
Како Џефри Епстин, човек кој се откажал од колеџ и започнал кариера како професор по математика и физика, стекнал огромно богатство?
Барем на почетокот, човекот од работничко семејство од Кони Ајленд во Њујорк имал доста среќа.
Преку познаници, Епстин се вработил во инвестициската банка Беар Стернс, што му овозможило увид во светот на високите финансии. Во 1980 година, тој станал ограничен партнер.
По пет години, ја напуштил банката, но ги искористил своите контакти и работното искуство како доказ за кредибилитет.
Џефри Епстин – човек на мистерии и финансии
По напуштањето на Беар Стернс, името на Епстин се појавувало сè почесто во финансиските кругови, но било тешко да се каже што всушност работел.
„Тој беше енигма“, рече Чарлс Гаспарино, виш дописник на Фокс бизнис нетворк во документарниот филм на Нетфликс од 2020 година „Џефри Епстин: Валкано богат“. Обично луѓето на Волстрит оставаат траги, но Епстин бил недопирлив.
„Тој беше човек за кого луѓето многу зборуваа, а кој всушност немаше значително влијание во инвестицискиот свет“, рече Гаспарино.
Наводни врски на Епстин со пирамидална измама
Стивен Хофенберг, поранешен директор на Тауерс Фајненшл Корпорејшн, тврдеше дека знае дел од приказната.
Кон крајот на 1980-тите, тој го ангажирал Епстин, кој, според едно интервју во документарниот филм на Нетфликс, станал негов „партнер во криминалот“. Хофенберг раководел со пирамидална измама (во САД колоквијално се нарекува Понзи шема) вредна 460 милиони долари.
Епстин „го презел секторот за хартии од вредност, лажни активи, манипулирал со цените на акциите и тргувал со нив нелегално“, рече Хофенберг.
Во 1993 година, сето се распаднало. Хофенберг се изјасни за виновен и беше осуден на 20 години затвор. Епстин никогаш не беше обвинет за никакво кривично дело, па затоа е тешко да се каже точно каква улога играл и колку финансиски профитирал од тоа.
Врска со Лес Векснер
Во средината на 1980-тите, Епстин се запознал со Лес Векснер, малопродажен магнат од Охајо, кој ги поседувал Викторијас Сикрет и Лимитед. Епстин се претставувал како финансиски советник и во 1991 година добил пристап до финансиите на милијардерот.
Со управувањето со личните финансии на Векснер, Епстин си обезбедил огромни хонорари, а притоа стекнал и недвижен имот и приватен авион.
Тие се разделиле во 2007 година, кога финансиерот бил вмешан во скандал. Дури тогаш Векснер открил дека Епстин „проневерил огромни суми пари од мене и моето семејство“, напиша тој подоцна.
Од каде потекнува првичното богатство на Епстин?
Епстин украл или проневерил неколку стотици милиони долари што му припаѓале на Векснер, според неодамна објавениот извештај на американските обвинители.„Тоа недолично однесување, заедно со хонорарите кои Епстин си ги исплаќал за услугите на Векснер, се чини дека го сочинуваат речиси целото негово богатство“, се вели во извештајот.
Епстин си го продал себеси приватниот авион на Векснер за делче од неговата вредност. Истото го сторил и со луксузната куќа во Њујорк. Купувал и имоти во име на Векснер, а потоа си ги препродавал по намалени цени.
Во 2008 година, му вратил на Векснер 100 милиони долари во приватна спогодба, избегнувајќи јавно судење. Векснер ги прекинал сите контакти со него, но никогаш не поднел официјална жалба.
Сепак, Епстин си заминал со огромна количина имот и пари. Бидејќи Векснер не зборувал јавно за тоа повеќе од една деценија, никој не знаел што се случило.
Како Епстин ги користел врските со Векснер
Векснер му дал на Епстин и нешто друго: кредибилитет. Ако Векснер му верува на Епстин, и другите би можеле да му веруваат. Епстин ја искористил таа репутација за да влезе во сè поширок круг на моќни луѓе.
Тој не се двоумел да спомене имиња како Клинтон или Рокфелер. Изгледало дека тоа функционира - богати поединци, како милијардерот Леон Блек, влегуваа во неговата мрежа.
Со текот на годините имаше тивки обвинувања за пренаплаќање или експлоатација, но Векснер се чини дека е единствениот кој јавно тврдеше дека е оштетен од кражбата.
Улогата на ЏП Морган и Дојче Банк
Дури и откако стана регистриран сексуален престапник во 2008 година и помина време во затвор, многумина сè уште бараа негов совет - како што потврдуваат и најновите документи од Министерството за правда на САД.
Многу компании биле подготвени да соработуваат со него. Посебно внимание е посветено на неговите банки.
Епстин беше клиент на ЏП Морган од 1998 до 2013 година, кога банката ги затвори неговите сметки. Десет години подоцна, без да признае вина, ЏП Морган плати 75 милиони долари во порамнување со Американските Девствени Острови и 290 милиони долари во порамнување со група жртви на Епстин.
Откако го напушти ЏП Морган, Дојче Банк му дозволи да отвори сметка во 2013 година. Подоцна имаше околу 40 сметки, пред банката да ги прекине врските со него непосредно пред неговата смрт.
Банката изрази жалење за својот однос со Епстин и се согласи да плати 75 милиони долари во порамнување со група негови жртви, исто, така без да признае вина.
Што се случи со богатството на Епстин?
Епстин беше уапсен на 6 јули 2019 година и обвинет за трговија со малолетнички за сексуална експлоатација. На 10 август истата година беше пронајден мртов во затворската ќелија.
Оставинската документација на Американските Девствени Острови, каде што имал дозвола за престој, покажала дека неговиот имот вредел 577 милиони долари — од кои 56,5 милиони во готово, речиси 194 милиони во хеџ фондови и приватни инвестиции, и 112 милиони во акции. Тука се вклучени и компаниите преку кои ги поседувал своите имоти во Девствените Острови, Ново Мексико, Њујорк, Палм Бич и Париз.
Но даноците, трошоците за одржување, правните процеси и големите порамнувања значително ја намалиле вредноста на имотот.
Весникот Њујорк Тајмс во декември 2025 година заврши долга истрага и заклучи дека Епстин го создал своето богатство преку „измами, кражби и лаги“.
„Епстин не беше финансиски гениј, туку извонредно умешен манипулатор и лажго“, напиша весникот. „Постојано бил подготвен да дејствува на работ на криминалност и да урива мостови за дебе во потрагата по моќ и богатство.“