1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТрговијаСоединети Американски Држави

Царините на Трамп ја потресоа глобалната трговија

Кира Шахт
2 април 2026

Една година по тарифите на Трамп за „Денот на ослободувањето“, глобалните трговски текови се променија. Трговските податоци покажуваат кои земји добија, кои загубија - и кој ја плаќа сметката.

Терминал со контејнери со стока, 22.09.2025
Кога беа објавени царините, американските увозници реагираа со складирање на стока пред царините да стапат на сила.Фотографија: Charly Triballeau/AFP

Една година по прогласувањето на „Денот на ослободувањето“, глобалната трговија изгледа значително поинаку. Американскиот претседател Доналд Трамп на 2 април 2025 година го шокираше светот со објава за „економска независност“ на САД, воведувајќи широки царини за сите држави. Иако Врховниот суд во меѓувреме ја оспори законитоста на овој потег, американскиот претседател остана решен не само да ги задржи, туку и да ги прошири тарифите.

ДВ ги анализираше податоците за потеклото на американскиот увоз во последната година за да одговори на три прашања:
Што постигнаа тарифите? Како се прилагодува светот на новиот економски поредок? И кој најмногу профитира – ако воопшто профитира?

Основни царини и почетен глобален хаос

Во рамките на тарифите за „Денот на ослободувањето“, Белата куќа соопшти дека секоја земја, со неколку исклучоци поради санкции и претходни договори,ќе биде погодена со основна царина од 10 % на целиот увоз. Дополнително, 85 земји со трговски суфицит со САД се соочија со тарифи до 50 %.

„Не верував дека некој очекуваше американската администрација практично да објави трговска војна на целиот свет“, вели Хаиши Ли, економист од Универзитетот во Хонг Конг.

Пазарите веднаш реагираа: светските берзи драстично паднаа. На 9 април администрацијата прогласи 90‑дневна суспензија на сите тарифи над основните 10 %, дозволувајќи им на земјите да преговараат нови трговски договори. ЕУ, Виетнам и Обединетото Кралство веднаш започнаа интензивни преговори, додека разговорите со Кина беа особено тензични, со закани за реципрочни царини до 125 %.

По неколку продолжувања на 90‑дневната пауза, индивидуалните царини стапија во сила на 7 август 2025 година.

Почетокот на 2025: американските компании складираат стоки

Очекувајќи поскапувања, американските компании брзаа да складираат стока. Меѓу јануари и март 2025 година, САД увезоа околу 20 % повеќе стоки од просекот 2022–2024 година — раст од огромни 184 милијарди долари.

Увозот на златни прачки достигна историски рекорд: САД увезоа 50 пати повеќе злато од вообичаено, во вредност од 72 милијарди долари, најмногу од Швајцарија, но и од нови добавувачи како Узбекистан, Филипини и Зимбабве.

Азија бележеше силен раст: Тајван, Виетнам и Индија значително го зголемија извозот во САД.

Април–јули 2025: американските компании „се префрлаат“ кон земји со пониски царини

Преодниот рок им овозможи на американските увозници да го пренасочат снабдувањето кон земји со пониски тарифни ризици.

„Увозот течеше како вода – од земји со високи царини кон оние со ниски“, објаснува Ли.

Најголем пад го претрпе Кина,која беше најсилно погодена: САД увезоа 66 милијарди долари помалку кинески производи од вообичаено. Канада исто така беше погодена, но успеа делумно да компензира со пренасочување на трговијата – нејзиниот вкупен извоз се намали за само 1,6 милијарди долари.

Најголеми добитници беа земјите со 10 % царина, како Австралија и државите во Латинска Америка.

Но, имаше и изненадувања: Виетнам, Тајланд и Тајван добија реципрочни царини од 46 %, 36 % и 34 %, но сепак значително го зголемија извозот. САД увезоа дополнителни 34 милијарди долари од Тајван.

„Американските фирми бараа алтернативи за Кина“, вели Ли. Веќе постојните партнерства од првиот трговски конфликт со Кина им помогнаа на тајванските и виетнамските производители.

Американците го поднесуваат најголемиот товар

Тарифите не ја вратија индустриската база во САД, потврдува Алекс Дуранте, виш економист во „Такс Фаундејшн“ (Tax Foundation).

„Годината беше многу лоша за производството и вработувањето“, вели тој. Растеше само секторот што е исклучен од тарифите – компјутерска опрема и технологија поврзана со вештачка интелигенција.

Иако компаниите го пренасочија увозот, вкупната вредност на увозот брзо се нормализираше. Единствената бројка што експлодираше беше царинскиот приход, кој достигна 287 милијарди долари во 2025 – тројно повеќе од претходните години. Првичните податоци укажуваат дека 2026 може да биде уште повисока.

Студиите потврдуваат дека товарот го платија американските увозници, а со тоа и потрошувачите. „„Проценивме дека царините ефикасно го чинеа секое американско домаќинство околу 1.000 долари во 2025 година“, проценува Дуранте.

Компаниите мораа да ги покријат трошоците преку повисоки цени, намалени инвестиции, отпуштања или пониски плати.

Глобална неизвесност и нестабилни трговски договори

Од август 2025 година наваму, светот е сведок на нагло склучени и исто толку брзо поништени трговски договори, како и нови пакет-тарифи насочени кон одделни земји или сектори.

„Ако прашате академици или политичари што ќе се случи оваа година — никој не знае“, вели Ли.

Во февруари 2026 година Врховниот суд ја укина правната основа на првичните царини на Трамп. Новата царинска стапка од 15 % повторно внесе несигурност, бидејќи администрацијата бара начини повторно да воведе повисоки стапки. За да се заштитат од оваа нестабилност, многу влади почнаа да ги поддржуваат компаниите во диверзификацијата на пазарите надвор од САД.

„Ако успеат да ги диверзифицираат синџирите на снабдување, ќе станат поотпорни – можеби единствената позитивна страна на оваа криза“, додава Ли.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми