1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до стан со изгор цени за квадратен метар?

26 ноември 2025

И покрај високите цени на становите, пазарот на недвижности бележи раст во однос на обемот на тргување.

Bildergalerie Skopje
Фотографија: DW/A. Feilcke

Цените на становите во земјата вртоглаво растат, станбените кредити се едни од најбараните, но патот до дом и натаму останува тежок.

„Со плата во противвредност од околу 700 евра, за три месеци можам да купам само еден квадратен метар, под услов целата плата да биде наменета за таа цел“, вели Борче М. 42-годишен скопјанец, кој со сопругата и две малолетни деца живеат во 60 метри квадратен стан заедно со неговите родители.

„Три плати за еден квадратен метар е незамисливо. Ако работат двајца во семејството, месецот ќе треба некако да се истурка со другата плата. Ама ако семејството е тричлено, четворочлено, есапот никако не излегува“, вели тој.

До 2023 година пресметувал колку негови плати, односно колку години, ќе бидат потребни за да купат стан од 50 метри квадратни, но со оглед дека цените галопираат, секој претходна пресметка брзо паѓала во вода.

И тоа не е изненадувачки. Според пресметките на НБРМ, во третиот квартал од годинава цената на недвижностите во земјава се зголемила 25,1 отсто.

И покрај тоа, само во периодот од први јули до 30-ти септември во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани вкупно 8.319 трансакции, што е збир од вкупен број купопродажби и вкупен број закупи. Споредено со вториот квартал од 2025 година, во третиот квартал се регистрирани 584 трансакции повеќе, што укажува на раст на пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување. Најголем број трансакции се случиле на територијата на општината Центар – 611, потоа во Аеродром 515, во Карпош 440, во Кисела Вода и во Куманово по 390, и  во Битола 346.

Каде е плафонот?

Оние што се занимаваат со продажба на недвижности, уште пред три години прогнозираа дека пазарот постепено ќе се стабилизира, но тоа не се случи. Засега никој не може да прогнозира каде е „плафонот“.

Останува констатацијата дека високите цени се резултат на динамиката меѓу понудата и побарувачката, која со години е нарушена. Многу  станови кои се купувале како инвестиции со години зјаат празни.  Според пописот од 2021 година, во изминатите 20 години бројот на станови во  Македонија бил зголемен за дури 20,2 проценти. Но, од вкупно 839.174 станови во земјата, 531.987 или 63,4% се вселени, а 307.187 или 36,6% се празни. Најголем број од празните станови во  Скопје  се наоѓаат на територијата на Општина Центар – 40% или 10.865 станови.

Јавното претпријатие за станбен и деловен простор лани најави инвестиции во изградба на комерцијални станбени згради за да се намали цената на станбениот квадратФотографија: DW/A. Dimitriveska

Токму во оваа општина беше продаден најскапиот стан во третиот квартал од годинава. За 91 квадратен метар купувачот платил 280.000 евра или над 3.000 евра за квадратен метар. Колку долго ќе трае трендот на раст на цените, и натаму ќе зависи од понудата и побарувачката во наредниот период.

За илустрација, еднособен стан во скопска општина од 27 метри квадратни, купен пред десетина години за 27.000 евра, денес се продава за 63.000 евра. Коментарите под огласот се иронични. „Да не е малку?“, „Штета е да го продавате толку евтино, а со таква раскошна квадратура“.

Но, токму помалите станбени единици засега се најбарани на пазарот, како и становите со површина меѓу 40 и 50 метри квадратни.

„Побарувачката се уште е многу поголема од понудата во општини кои се атрактивни за купувачите, а пак таму нема толкав интензитет на градба за да може се задоволат барањата на сите оние сакаат да купат стан“, велат од агенција за продажба на недвижности.

Јавното претпријатие за станбен и деловен простор, уште лани најави инвестиции во  изградба на комерцијални станбени згради,  со цел да се намали тој јаз, а со тоа и цената на станбениот квадрат.

Останува стапката од пет проценти

Со цел трошокот да не падне на товар на купувачите во услови на рекордни цени на становите, градежниците повикуваа да не се менува повластената стапката на ДДВ, која истекува на крајот од годинава. Позитивен одговор стигна од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Повластената стапка од пет проценти ДДВ за новоизградени станови ќе важи и по први јануари“, соопшти таа.

„Пред еден месец го изнесовме нашиот став, но беше потребно да се извршат дополнителни анализи и пазарни испитувања, не само во Македонија, туку и споредбено со другите земји. Врз основа на тие резултати, предложивме стапката од 5 проценти да остане и натаму“, изјави министерката.

Народна банка усвои мерки со кои од декември годинава ќе може  да се купува прв стан  по олеснети услови за кредитирање, а тие граѓани што веќе имаат дом и купуваат дополнително живеалиште како инвестиција, ќе подлежат на построги услови за купување. Оние што купуваат прв стан, ќе може да добијат станбен кредит од банките и со учество од 10 проценти од вкупната вредност на објектот за живеење.

Aко е за утеха...

Македонија не е исклучок по прашањето за турбуленции на цените на пазарот на недвижности. Според податоците на Евростат и цените на недвижностите во ЕУ пораснале за 5,4% во вториот квартал од 2025 година во споредба со истиот период во 2024 година, додека цените за закуп се зголемиле за 3,2%.

Вртоглав раст на цените на становите, не само во МакедонијаФотографија: Fotolia/svort

Во седум земји растот бил двоцифрен: најголем скок е забележан во Португалија (+17,1%) Бугарија (+15,5%), Унгарија (+15,1%), Хрватска (+13,2%), Шпанија (+12,8%), Словачка (+11,3%) и Чешка (+10,5%). Финска е единствената земја каде што цените паднале за 1,3%.

Од 2010 година до денес, цените на становите во ЕУ се зголемиле за вкупно 60,5%, а закупнините за 28,8%. Во тој период од 15 години, највисок раст на цените на становите е забележан во Унгарија (+277%) и Естонија (+250%), а Италија е единствената земја каде што цените се пониски отколку пред 15 години (-1%). Во истиот период, закупнините се зголемиле во сите земји освен во Грција (- 9%), додека Естонија е предводник по растот (+218%).

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми