1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Германија ќе ја намали огромната зависност од Кина?

21 ноември 2022

Германија треба да увезе 39 од 46 стратешки важни суровини. И надлежниот министер и канцеларот велат дека зависноста на Германија, особено од Кина, е преголема. Решение се диверзификацијата и европски суровини.

Кинеското пристаниште Лианјунганг
Утовар на руда во кинеското пристаниште ЛианјунгангФотографија: Wang chun lyg/Imaginechina/picture alliance

Една штотуку објавена студија од консултантска компанија Ернст и Јанг (ЕЈ), нарачана од германската Влада, предупредува дека германските фирми се повеќе зависат од суровини: додека во 2011 година се идентификувани 14 критични суровини, во 2020 година веќе имаше 30.

„Поради зголемената побарувачка за високотехнолошки и енергетски ефикасни иновации, не треба да очекуваме промена на овој тренд“, се вели во студијата, во која 46 суровини се класифицирани како „стратешки“ бидејќи се од големо значење за производството на важни стоки, особено во високотехнолошкиот сектор. Германија мора да увезе 39 од овие стратешки важни суровини. 

Како и студијата на Германскиот економски институт, консултантската компанија Ернст и Јанг исто така доаѓа до заклучок дека постои особено голема зависност од Кина, на пример кога се работи со таканаречените ретки метали или литиум. 

Мал магнет на прав од неодим Фотографија: Frank Rumpenhorst/picture alliance

Владата бара решение 

Од рускиот напад врз Украина, западните влади уште поинтензивно размислуваат за зависноста од Кина, која, меѓу другото, е главен снабдувач на ретки метали. Германската влада со месеци работи на нова стратегија која има за цел да се обиде да ја намали оваа зависност со различни мерки. Канцеларот Олаф Шолц минатата недела нагласи дека со нив треба да се опфати и употребата на домашни суровини. 

Другите мерки вклучуваат државен фонд за финансирање предложен од Германија и Франција на ниво на ЕУ за развој на нови наоѓалишта на суровини во Европа. 

Германската индустрија инсистира на домашни наоѓалишта 

Ова го бара и Конфедерацијата на германската индустрија (БДИ). „Домашните суровини се дел од решението за поголема одржливост и намалување на зависноста од увоз“, изјави за Ројтерс Матијас Вахтер, шеф за суровини во БДИ.

„За повеќето минерални ресурси, зависноста, особено од Кина, е веќе многу поголема од претходната зависност на Германија од рускиот гас“, предупреди тој.

„Диверзификацијата вклучува и изградба на капацитети за преработка на суровини во Европа. Ова особено се однесува на првата фаза со топилниците“, додава тој. Заднината е дека и Кина увезува литиум, но потоа го преработува и го продава на светскиот пазар. 

Хабек: преголема зависност од Кина 

Министерот за економија Роберт Хабек исто така рече дека економската зависност на Германија од Кина е преголема. Во некои области, како што се важните суровини, тоа е речиси 100 проценти.

Роберт Хабек во Сингапур, 13.11.2022 година.Фотографија: DW

„Во однос на суровини, полупроводници, други критични добра, ние сме многу зависни од еден снабдувач. А, тоа е главно Кина“, рече тој, додавајќи дека војната во Украина ги разоткри опасностите од таквата едностраност: 

„Лекцијата што ја научивме е дека треба да најдеме некаква безбедносна мрежа. А, тоа значи дека мораме да допреме до другите региони“.

Хабек е вознемирен што досега „40 отсто од вкупниот обем на државните инвестициски гаранции“ се потрошени за инвестиции во Кина.

„Доколку Кина исчезне како пазар, некои германски индустрии нема да преживеат“, предупреди тој. Долго време, ниските трошоци за производство се сметаа за „единствениот правилен начин“.

Тој најави дека инвестициската гаранција по компанија и по земја ќе биде ограничена на три милијарди евра, а дополнителна државна заштита за инвестициите на предметната компанија ќе биде можна само за активности во друга земја. 

Не сакаме глупава трговија со Кина 

„На овој начин сакаме да спречиме сите странски инвестиции на една компанија да се слеваат во една земја“.

Истовремено, тој јасно стави до знаење дека не е заинтересиран за одвојување од Кина: „Се разбира, ние сме заинтересирани за трговија со Кина, но не и за глупава трговија со Кина“.

„На крајот од ова патување, германската економија треба да биде поробусна“, рече Роберт Хабек во Сингапур, каде што е ко-домаќин на голема конференција за германскиот бизнис во азиско-пацифичкиот регион. Фокусот е на намалување на економската зависност на Германија од Кина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми