1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Германија се подготвува за подобра одбрана од дронови

Нина Веркхојзер
19 декември 2025

Опасноста од сомнителни дронови во Германија годинава значително порасна. Властите често реагираат немоќно. Можат ли построги закони да го решат проблемот?

Два дрона во лет на сиво небо
Опасност од воздух - сомнителните летови на дронови во Германија се зголемуваатФотографија: ABB/ABBfoto/picture alliance

Тоа беше итен апел од полицијата во Нирнберг: „Уште еднаш би сакале експлицитно да напоменеме дека е забрането летање дронови над божикниот панаѓур во Нирнберг“, предупреди полицијата на 1 декември. Претходно, беспилотно летало неочекувано се појави над популарниот божиќен пазар во центарот на Нирнберг - и покрај строгата забрана за летање. Дронот му припаѓал на блогер кој сакал да направи „поубави кадри од воздух“. Тој едноставно ги игнорирал важечките прописи.

Дроновите го загрозуваат воздушниот сообраќај

Овој случај заврши релативно без последици, но другите не поминаа толку добро како блогерот: на почетокот на октомври беспилотни летала го парализираа воздушниот сообраќај во Минхен неколку часа, оставајќи многу патници заглавени. Дроновите се појавуваат над пристаништата, железнички пруги и индустриски капацитети. Не ги заобиколуваат ниту воените објекти. Како можен мотив често се наведува шпионажа за Русија. Министерот за внатрешни работи Александар Добринт претпоставува дека овие беспилотни летала се „исто така, под контрола на непријателските сили“. 

По забележувањето на беспилотни летала на 2 октомври 2025 година, операциите на аеродромот во Минхен беа запрени со часовиФотографија: Enrique Kaczor/onw-images/dpa/picture alliance

Нивното неутрализирање е комплицирано: тие се движат со голема брзина и често брзо исчезнуваат. Кој управува со нив, главно останува непознато.

Чекорите на германската влада

Наспроти впечатокот на немоќ, кој властите повремено го оставаа во соочување со оваа хибридна закана, германската влада сега постепено почна да дејствува. Германската полиција на почетокот на декември доби нова специјална единица за одбрана од беспилотни летала, опремена со модерна технологија за неутрализација. Се ревидираат и закони кои досега не ги покриваа ниту регулираа дроновите.

Во овој контекст, Бундесверот добива повеќе овластувања: во иднина може да дејствува и против дронови со употреба на сила, тоа значи и надвор од воените објекти. Досега немаше правна основа за ова. Тоа ќе се промени со новиот закон за воздушна безбедност.

Ограничено делување на Бундесверот во земјата

Во пракса, тоа ќе бидат ретки случаи - кога полицијата може да побара помош од Бундесверот за да се спротивстави на заканата од дронови. Во Германија задачите на полицијата и на армијата во земјата се строго разделени. Во случај на воен напад од вооружени дронови, одговорен е Бундесверот. Ако беспилотно летало се појави над аеродром, електрана или Октоберфест во Минхен, тоа е во надлежност на полицијата. 

Новата единица за одбрана од дронови на германската сојузна полиција е стационирана во Аренсфелде во близина на БерлинФотографија: Andreas Gora/picture alliance

Полицијата, се разбира, може да побара „помош од службата“ на Бундесверот, но само за да спречи особено сериозен инцидент. Мисијата на армијата во земјата од добри причини е дозволена само во многу мал број случаи, нагласи министерката за правда, Стефани Хубиг, и така треба да остане.

Заеднички центар за одбрана од дронови

Одбраната од беспилотни летала е првенствено задача на полицијата - полициските органи на 16-те германски покраини и сојузната полиција, која е одговорна за безбедноста на аеродромите, железничките станици и границите. Одговорностите се поделени, па затоа е потребна голема координација.

Тука стапува во игра новиот „Заеднички центар за одбрана од беспилотни летала“ (ГДАЗ), кој го отвори министерот за внатрешни работи Добринт на 17 декември 2025 година во Берлин. Од почетокот на 2026 година, центарот ќе собира информации од Сојузната полиција која работи на државно ниво, покраинската полиција, разузнавачките служби и Бундесверот 24 часа на ден. „Со тоа ја зголемуваме брзината и прецизноста во борбата против хибридните закани, саботажите и насочените провокации“, рече министерот.

Меѓутоа, прашање е дали е доволна подобра координација во ГДАЗ сама по себе? Зелените кои се во опозиција во Бундестагот се сомневаат или не се убедени дека е. Тие веруваат дека јасно се дефинирани неопходните надлежности кога станува збор за одбрана од дронови. „Сојузните покраини имаат свое поле на дејствување, а сојузните институции имаат свои“, ја опишува актуелната ситуација за ДВ политичарката од Зелените, Ирене Михалиќ. Одговорноста се префрла од една на друга страна.  

Сојузниот министер за внатрешни работи Александар Добриндт на отворањето на Заедничкиот центар за одбрана од беспилотни летала во БерлинФотографија: Tobias Schwarz/AFP

Михалиќ, која и самата е обучена полицајка, ја истакнува важната разлика помеѓу апстрактната и конкретната закана. „Во едниот случај има уште време за собирање и проценка на информации. Во другиот, за само неколку минути, треба да се одлучи што да се прави против дронот кој претставува голема потенцијална опасност“, вели експертката за безбедност. „На крајот ако нешто се случи, се формира истражна комисија и никој не сака да преземе одговорност.“

Германија не е добро подготвена за случај на опасност

Со сите овие новини, дали Германија е добро подготвена за одбрана од беспилотни летала? Експертот за дронови Џералд Висел смета дека не е. „Сè уште сме далеку од навистина ефикасно откривање и одбрана“, вели Висел, кој е претседател на Европската асоцијација за беспилотна авијација.

Безбедноста, според него, се создава само доколку сеопфатно се следи и долниот воздушен простор во рамките на сеопфатната слика на ситуацијата. Тоа не е случај во моментов. „Ако немаме сеопфатна слика за воздушниот простор, не може да се разликува добро од лошо. Тоа е нашиот голем проблем“, вели Висел за ДВ. Станува збор за простор висок околу 250 метри, во кој летаат дронови. Аналогно на горниот воздушен простор, и на долниот му треба и „сеопфатен радарски систем“. 

Постојат многу прописи за приватна употреба на дронови, но слаба контролаФотографија: Sorge/Caro/picture alliance

Исто така, неопходно е да се воведе задолжителна електронска идентификација за сите дронови, технички наречена АДС-Л. На овој начин би можеле да се идентификуваат сите беспилотни летала кои се појавуваат ненадејно и летаат над главите на голем број луѓе, над индустриски капацитети или аеродроми.

Ограничување на приватната употреба на дронови

Кога дроновите летаат, не станува секогаш збор за шпионажа или саботажа. Купувањето дрон преку интернет или во електронска продавница и управувањето со него е омилено хоби во Германија. Порталот Статиста во 2023 година забележал повеќе од 350.000 приватни дронови.

За корисниците важат низа прописи, но тие често се игнорираат, што го покажува примерот со божикниот панаѓур во Нирнберг. Здружението УАВ ДАЦХ затоа бара областа на употреба на хоби-дронови значително да се ограничи, меѓу другото, на посебни писти и приватни имоти, со максимална висина од 50 метри.

Иако на хоби-дроновите им е забрането да летаат километри надвор од видното поле, тоа лесно се изведува, вели претседателот Гералд Висел. „И верувајте ми: да се пронајде лицето и местото од кое тоа управува со дронот преку екран и телефон, е возможно само со големи технички напори.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми