1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како гласа дијаспората?

Кристоф Хаселбах
1 јули 2023

Две третини од германските Турци гласале за Ердоган, додека американските иселеници во Германија се полиберални од американскиот просек. На што се должат таквите разлики?

Славје во Берлин по победата на Ердоган
Славје во Берлин по победата на ЕрдоганФотографија: Omer Messinger/Getty Images

По претседателските избори во Турција, резултатот од гласањето на лицата кои живеат во Германија, а се со турско потекло, предизвика дебата.Претседателот Реџеп Таип Ердоган во вториот круг од изборите, на 28 мај, победи кнап, со 52% гласови наспроти 48% на противкандидатот Кемал Киличдароглу. Цели две третини од турските гласачи во Германија кои излегоа на избори се изјасниле за автократскиот владетел. Тоа се истите оние гласачи кои во Германија ги уживаат сите права и слободи за кои во Турција само може да се сонува. Сличен беше исходот и на изборите во 2018 година.

На што се должи дискрепанцата меѓу однесувањето во Германија и во татковината? Дел од причините е веројатно и тоа што првите Турци кои во 1960-тите години дошле во Германија потекнуваат од рурално-конзервативната Анадолија.

Јунус Улусој од Центарот за студии за Турција на универзитетот Дизбург-Есен неодамна за ДВ изјави дека конзервативно-верските вредности на овие луѓе „токму во дијаспората повторно се конзервираат”.

Но, Улусој причини гледа и на германска страна и вели дека „политиката и по 60 години има потешкотии јасно да застане зад овие луѓе”. Ердоган пак категорично ги поддржува, независно од нивното државјанство.

Турски „гастарбајтери“ во Диселдорф во 1970 година: дали тие до денес не се навистина дел од општеството?Фотографија: bertram/dpa/picture-alliance

Меѓу американските иселеници одвај да има поддржувачи на Трамп 

Сосема поинаку е со Американците кои живеат во Германија. Магазинот „Ексберлинер“ на претседателските избори во 2016 и 2020 година имаше голема мака да најде отворени поддржувачи на Доналд Трамп во Германија. Потрагата по „исклучително реткиот примерок, имено американски Републиканци” била „залуден напор”, напиша магазинот. Официјални бројки за однесувањето на изборите на доселениците од САД во Германија немало, но големото мнозинство, според изнесеното, веројатно гласале за Демократите.

Организацијата „Демократи во странство” е адресата за поддржувачи на Демократската партија на Бајден во странство. Нејзин портпарол е Пеги Џонс, која наклонетоста кон левиот политички спектар ја објаснува со повисоко ниво на образование. „Многу експатрити имаат факултетска диплома или пак студираат”, оцени таа за ДВ. Тоа се поклопува со статистиките за последните избори во САД, според кои за Џо Бајден гласале пред сѐ млади и образовани лица.

Американка во Берлин ја слави изборната победа на Џо Бајден во 2020 годинаФотографија: Markus Schreiber/picture alliance/AP Photo

Џонс наведува уште една можна причина, имено дека „повеќето Американци во странство се наклонети кон лево поради она што во земјата домаќин, барем што се однесува до Европа, и го гледаат - општо здравствено осигурување, строги правила за поседување оружје, изразени права на ЛГБТ заедницата и слично”. Таа додава дека изборот на Доналд Трамп помогнал „уште повеќе луѓе да увидат што е на коцка”.

Организацијата „Републиканци во странство“ исто така беше контактирана од ДВ со молба за одговор, но од таму не се огласија.

Помала излезност во дијаспората

Студијата „Екстернал воутинг” се занимава со прашањето зошто однесувањето на избирачките места на лицата со право на глас е различно во странство отколку она на домашните гласачи. Студијата ги третира исклучиво земјите од средна и источна Европа, како Бугарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Чешка и нивните заедници на иселеници во западни ЕУ земји, меѓу кои и Германија.

На што се должи дискрепанцата меѓу однесувањето на турските гласачи во Германија и во татковината?Фотографија: Christoph Reichwein/dpa/picture alliance

Мигрантите според студијата „генерално повеќе гласаат за партии кои се пазарно ориентирани и помалку за нелиберални, антидоселенички, популистички и авторитарно-националистички сили отколку гласачите во татковината”. Вака еден од авторите на студијата, Каспер Шулецки од Норвешкиот институт за меѓународни односи, ја сумира главната поента за ДВ, но предупредува од носење прерани заклучоци. Тој вели дека излезноста на гласачите во странство често е многу пониска отколку во татковината, некогаш дури и за 30% и повеќе. „Тоа значи дека однесувањето на избори на дијаспората не е по секоја цена репрезентативна за овие заедници”.

Иселениците се често млади и економски успешни

Но, што точно влијае на ваквото однесување на гласачките места? Студијата изведува заклучок дека „најважниот фактор е од социодемографска, а не од идеолошка природа”. Гласачите во дијаспората од овие држави се помлади и економски поуспешни од просекот. Според Шулецки, откако мигрантите во странство „со години живееле во функционална земја во благосостојба”, во татковината може да гласаат за партии кои се залагаат за истото или пак го доживуваат спротивното и на изборите извлекуваат консеквенции, односно може да се „радикализираат затоа што се чувствуваат исклучени во земјата домаќин”, што е можно објаснување за омиленоста на Ердоган кај дел од германските Турци.

Економскиот успех во странство често го менува однесувањето на гласачите за избори во матичната земјаФотографија: Daniel Bockwoldt/dpa/picture alliance

Големи разлики кај Полјаците

Од источноевропските земји пред сѐ кај Полска се забележуваат разлики во гласањето на иселениците во старите ЕУ-земји како Германија и на домашните гласачи, што особено е видливо од доаѓањето на власт на националконзервативната ПиС во 2015 година. Партијата, според Шулецки, на парламентарните избори во Полска во 2019 година освоила скоро 44%, додека во Германија само 24% гласови. Точно спротивен е исходот со либералната граѓанска коалиција, која во Полска освоила околу 27%, а кај полските експатрити во Германија 43%. Шулецки смета дека причина за тоа е составот на полската заедница, каде луѓето „често се високообразовани и во Германија не дошле само заради подобри работни услови, туку и заради можностите за поатрактивен животен стил”.

Дали разликите со време се изедначуваат или растат, прашува ДВ. „Општо погледнато, разликите со текот на времето се продлабочуваат”, заклучува Шулецки.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми