1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како горештините ни го топат БДП

24 август 2026

Високите температури, суши, пожари и натамошни ризици од пожари - претставуваат закана за продуктивноста на земјата.

Шумски пожар во близина на Куманово, Северна Македонија, јули 2024
Намалена продуктивност, штети од пожари, суша, намалени или уништени земјоделски приноси, се само дел од последиците на екстремните горештини во Северна МакедонијаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Намалена продуктивност, штети од пожари, суша, намалени или уништени земјоделски приноси, отежната работа на отворено во повеќе сектори, зголемени расходи за лекување, намалување на водните резерви, ограничени транспортни активности. Ова се само дел од последиците на екстремните горештини во Северна Македонија, кои не се од краткорочен карактер (во траење од десетина денови), туку се слика за речиси целото лето. Земјата веќе има долга историја на разорни поплави, а сегашноста навестува непредвидливи, високоинтензивни екстремни временски настани - поројни дождови и топлотни бранови.

„Северна Македонија  е изложена на повеќе  природни и климатски опасности,  а потенцијалните трошоци од недејствување се високи“, беше наведено уште во 2024 година во „Извештајот за климата и развојот на државите“ на Групацијата на Светска банка.

„Зголемувањето на стрес факторите на затоплување - повисоки температури, суши и зголемени  ризици од пожари -претставуваат закана за стабилноста и продуктивноста на земјата. Климатските промени исто така ја влошуваат пристапноста до свежа вода, што, пак, води до зголемување на болести пренесувани преку вода. Екстремните температури во Северна Македонија предизвикуваат зголемен степен на морбидитет и морталитет. Загубите од катастрофи и екстремни климатски настани се проценуваат на околу 667 милиони американски долари во последните 20 години“, беше наведено во извештајот.

Краткорочен и долгорочен план

Прашањето не е само како било досега, туку како ќе биде во иднина. Според СБ, земјата би требало да инвестира 6,4 милијарди американски долари (од 2020 година, без дисконтирање) во текот на следната деценија, за да ги заштити луѓето и имотот од штетните и растечките негативни влијанија на климатските промени. Според пресметките, таков почетен сеопфатен пакет на инвестиции во адаптација би чинел околу 0,8-1,2 проценти од БДП годишно до 2050 година, со очекување тие инвестиции во адаптација да донесат „тројна AAA дивиденда“, која вклучува три типа на придобивки: избегнати загуби, забрзан економски потенцијал и зголемени социјални и еколошки взаемни придобивки.

Ова е една од темите за кои одамна не се води дебата. Фокусот е ставен на гасење и локализирање на низата од пожари што во изминатиот период ја зафатија земјата. Билансот на штетите за опожарените површини (шуми или земјоделски и други имоти) ќе се прави потоа, но тоа не треба да биде единствениот епилог: ефектите од природните опасности се акумулираат и го зголемуваат вкупниот ризик за веќе ранливите сектори, особено земјоделството, кое учествува со 8 до 9% во вкупниот БДП на земјата.

Според СБ, малите семејни фарми кои доминираат во секторот се особено ранливи на суши и град, бидејќи ретко се покриени со националните системи за наводнување или заштита од град, не користат наводнување капка по капка или ултравиолетови мрежи и немаат земјоделско осигурување.

Низок процент на осигурување

Проблемот е голем, ако се има предвид дека околу половина од вкупната територија во Северна Македонија е земјоделско земјиште на кое преовладува растителното производство, кое циклично ги чувствува последиците од  поплави и суши.

„Ако се видат сумите што ги исплаќа Комисијата за штети при Владата, во некои години тие изнесуваат 5 или 4,5 милиони евра, во други години повеќе или помалку. Како и да е, во просек се исплаќаат околу три и пол милиони евра годишно за штети од временски непогоди“, објаснува земјоделец од скопско.

Ако отсуствуваат инвестиции за адаптација на климатските промени, СБ проценува дека очекуваните годишни штети ќе достигнат 4 проценти од БДП во 2050 годинФотографија: Arbnora Memeti/DW

Во исто време, во земјата останува многу низок процентот на осигурување на земјоделците и покрај тоа што државата го субвенционира осигурувањето. На годишно ниво, индивидуалните земјоделци и агро-компаниите склучуваат помеѓу 3.500 и 4.500 договори за осигурување на посеви, плодови и животни. Тоа не е доволно, бидејќи покажува дека само околу 4% од вкупно регистрираните земјоделци земале полиса за земјоделско осигурување. Во таа бројка поголем е процентот на правни лица кои ги осигуруваат земјоделските површини (околу 70%), додека процентот на физички лица е околу 30%. Според земјоделците, најголема причина за неосигурување е недовербата, односно нереалната проценка на штетите од страна на друштвата за осигурување.

Акции за адаптација

Ако отсуствуваат инвестиции за адаптација на климатските промени, СБ проценува дека очекуваните  годишни штети ќе достигнат 4 проценти од БДП во 2050 година. Заради тоа, исклучително важно е спроведувањето на климатските акции за адаптација на национално ниво, кое значително ќе ги намали човечките и економските загуби од катастрофи. Со такви мерки се проценува намалување на штета по животите, инфраструктурата и имотот (25%-50%), а соодносот придобивка - трошок на инвестициите во адаптација се движи од 2 до 10 евра за секое инвестирано евро.

Препораките за тоа што би можело и треба да се направи на краток рок (до 2030 година), опфаќаат четири области: (1) отпорност и адаптација, (2) декарбонизација и ублажување, (3) макроекономија и финансирање и (4) регулаторна/институционална рамка и образование и труд.

Да се намали циклусот на штети

Проблемот не е ендемски. Ги тангира сите земји, а особено се засили дебатата во ЕУ по екстремните горештини кои летово зафатија дел од земјите членки. Холандската „Triodos bank“ во извештајот „Hot Summer Economics“ од 8-ми август годинава, оценува дека главните начини на кои топлината влијае врз БДП на ЕУ се пониското земјоделско производство и повисоките цени на храната, ограниченото производство на енергија и повисоките цени на електричната енергија, прекините во транспортот и зголемените трошоци за транспорт, како и намалената продуктивност на работната сила. Според анализата, вкупното влијание на овие фактори може да „изгори“ 1% од БДП на ниво на ЕУ во 2026 година.

„Адаптацијата може да намали дел од штетата, но не може да ја елиминира“, оценуваат од банката.

Укажуваат на потреба од посилни политики за да се избегне влошување на циклусот на штети предизвикани од горештините. Посочуваат дека една неодамнешна проценка ја става долгорочната загуба на светскиот БДП на над 20% за секој степен на глобално затоплување, откако ќе се земе предвид целиот опсег на климатска варијабилност.

Продуктивноста на трудот има најголемо економско влијание, особено во секторите изложени на топлина. Според анализа на ОЕЦД, само десет дополнителни денови со температура над 35 степени ја намалуваат продуктивноста на годишно ниво во просек за околу 0,3%.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми