1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГерманија

Како ќе изгледа новата југословенска изложба во Аушвиц?

Ненад Крајцер
27 јануари 2024

По долги преговори, земјите наследнички на Југославија постигнаа договор за обновување на изложбата за жртвите на холокаустот во Меморијалниот центар Аушвиц. На договорот му претходеше макотрпна работа на ентузијасти.

Аушвиц логор
Во овој блок од поранешниот логор ќе има југословенска изложбаФотографија: Nenad Kreizer/DW

„Денес, четиринаесетгодишните дипломатски преговори конечно вродија со плод. Овој историски договор ја пополнува празнината, отсуството на сеќавање на самото место каде што се случиле овие ужаси“, рече во четвртокот (25-ти јануари) директорката на УНЕСКО Одри Азуле на свеченоста на потпишување на договорот за повторно уредување на изложбата во Југословенскиот павилјон.

Шестемина министри за култура на земјите наследнички на Југославија, во пресрет на годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц оваа сабота (27 јануари), ветија дека ќе направат напори да го пополнат повторно со содржина изложбениот простор на првиот кат од блокот 17 во концентрациониот логор Аушвиц I.

УНЕСКО од 2010 година прави напори за да се постигне овој договор. Директорот на Фондацијата Аушвиц-Биркенау, Војчех Сочевица, рече дека со потпишувањето на договорот, земјите наследнички на поранешна Југославија им се придружија на државите и поединците кои се грижат за одржување на споменот на Холокаустот.

„Денешната церемонија е јасен знак дека владите на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Словенија се подготвени да се приклучат на оваа коалиција и на тој начин да придонесат за сеќавањето и нашата одговорност кон идните генерации“, рече Сочевица.

Историски настан

Мирна Херман е член на семејството Херман од Осиек, кое во најголем дел било убиено во Холокаустот. Преживеал само еден дедо, а потомците ја основале Фондацијата на семејството Херман, која беше активна во „туркање“ на обновата на изложбата во Југословенскиот павилјон.

„Може да се каже дека ова е историски настан, бидејќи ретко се случува овие шест земји да се договорат за нешто“, изјави Херман за ДВ. Особено ако се работи за толку чувствителна тема како Холокаустот во поранешна Југославија, која често е злоупотребувана од политичарите.

Дговор на државите наследнички на Југославија: Даниел Либескинд (во средина со шал) ќе ја конципира изложбатаФотографија: Ministry of Culture Croatia

Повеќето од околу 20.000 граѓани од поранешна Југославија за кои се проценува дека биле убиени во Аушвиц поминале низ блокот 17.

Затоа овде во 1963 година беше организирана изложба, која требаше да се фокусира на страдањата на граѓаните на Југославија. Но, тогашната влада одлучи да го посвети наративот на друга тема и да го игнорира фактот дека повеќето од жртвите биле од еврејско потекло.

„За време на комунизмот, не само во Југославија, туку во сите комунистички држави, прашањето за етничката припадност на жртвите воопшто не се поставуваше, бидејќи наративот беше дека сите жртви биле 'жртви на фашизмот'“, вели за ДВ Јелена Суботиќ, политиколог од Универзитетот во Атланта и авторка на книгата „Жолта ѕвезда, црвена ѕвезда: Сеќавање на холокаустот по комунизмот“.

По распадот на Југославија, прашање на време беше кога ќе победат иницијативите за затворање на павилјонот со застарената поставка. Тоа се случи во 2009 година.

Даниел Либескинд ќе ја конципира изложбата

„Зошто беше потребно толку време за да се започне со обнова на изложбата не е прашање за нас, туку политичко прашање за министерствата, но мислам дека сега, кога е постигнат договорот, треба да бидеме среќни“, вели Мирна Херман.

Таа укажува на сложеноста на „југословенската“ изложба со оглед на тоа што на уредувањето работат шест земји, додека зад уредувањето на други национални изложби, како израелската, француската или холандската, стои по една држава.

Фондацијата што таа ја претставува успеа за проектот да ги придобие познатиот архитект Даниел Либескинд и кустосот Хенри Лустигер-Талер, кој веќе има искуство со слични проекти ширум светот.

Идејата е да се претстават приказните на преживеаните и жртвитеФотографија: Ministry of Culture Serbia

„Изложбата е конципирана како простор во осум целини, при што содржините се поставени на самите прозорци. Има и портрети на преживеани логораши, како и на оние кои биле убиени во Аушвиц. Важно е да се каже дека нема поделба по држави, туку тематски изложбата се занимава со една територија и сите жртви. Значи, нема хиерархија на жртви како што беше случајот досега кога, на пример, воопшто не се споменуваа Ромите“, вели Херман.

Јелена Суботиќ објаснува и зошто не би имало смисла жртвите да се делат според територијалниот принцип што постои денес. „Во случајот со Југославија, Музејот Аушвиц инсистираше поставката да биде заедничка, затоа што контекстот на депортации од територијата на поранешна Југославија е заеднички и од историска гледна точка не би имало смисла да се одвојат судбините на жртвите според денешниот, постјугословенски идентитет. Со други зборови, жртвите на Аушвиц беа југословенски жртви и така треба да се претстават“, вели Суботиќ.

Отворање на изложбата во 2026 година

Либескинд и Лустигер-Талер се платени со пари од Фондацијата Херман, а обновата на зградата ќе ја финансираат земјите наследнички. Блокот 17 е веќе делумно реновиран од Австрија, која е задолжена за изложбата во приземјето на зградата од црвена тула. Херман вели дека првичната желба за отворање на изложбата веќе на 27 јануари следната година, на 80-годишнината од ослободувањето на логорот, е неостварлива.

Филомена Франц: „Не можам да мразам!“

06:02

This browser does not support the video element.

„Музејот Аушвиц веќе се подготвува за големото одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на логорот. Затоа е невозможно паралелно да се работи на толку две сложени работи. Поради тоа, пореално е изложбата во југословенскиот павилјон да се отвори во текот на 2026 година“, рече Херман, додавајќи дека не жали поради одложувањето на датумот на отворање, туку е среќна што сега е отворен патот за повторно поставување на изложбата.

„Работиме на изложбата за комеморација на жртвите со надеж дека изложбата ќе привлече што повеќе посетители од овие простори. Посебно им се обраќаме на младите, кои се најбројни меѓу посетителите на Аушвиц“, вели Херман.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми