1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Кол и Горбачов го запечатија обединувањето на Германија

14 јули 2010

Пред точно 20 години се одржа решавачката средба меѓу германскиот канцелар Хелмут Кол и претседателот на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов, на која беа расчистени и последните пречки за германското обединување.

Кол (лево) и Горбачов во опуштена атмосфера во дачата на КавказотФотографија: picture-alliance/dpa

Утрината на 14 јули 1990 година, при полетувањето на делегацијата на чело со тогашниот канцелар Хелмут Кол за Москва, никој не знаеше што ќе донесе оваа посета. Сите членови на владината делегација беа пред се’ фокусирани на клучното прашање: дали Михаил Горбачов ќе го одобри членството на повторно обединета Германија во НАТО или пак таа ќе мора за возврат да прифати неутрален статус?

„Да или не!?“

Веќе на првата средба на Кол и Горбачов во Кремљ, гостинот од Бон му порача на домаќинот дека нема да го прифати понуденото патување во дачата на претседателот во Кавказот, доколку тој инсистира на неутралниот статус на Германија како цена за дозволата за повторно обединување. Кол го замоли Горбачов веднаш да му каже ако категорично и’ се спротиставува на идејата за членство на обединета Германија во НАТО. Одговорот на Горбачов беше јасен и симболичен: „Ќе летаме господине канцелар!“

Кол и Горбачов со најблиските соработници за време на една пауза во преговоритеФотографија: AP

Леб и сол

Со ваквото ветување двајцата државници летаат за Кавказот, каде се наоѓа дачата на претседателот Горбачов. Таму народот ги дочекува со леб и сол, во знак на добродојде. Тоа е уште еден добар знак за германската делегација, старите рани од војната се чини дека постепено зацелуваат. Следниот позитивен сигнал доаѓа од сопругата на претседателот Раиса Горбачова, која на шефот на германската дипломатија Ханс Дитрих Геншер му објаснува колку е важна оваа средба за нејзиниот сопруг. Таа раскажува за големите отпори во Советскиот Сојуз, за критиките на негова сметка дека државата губи на моќ со сите промени, исто како и целиот Источен блок. Затоа Раиса Горбачова бара од Геншер сега и Западот да ги исполни неговите ветувања кон Советскиот Сојуз.

Силната жена во позадината: Раиса Горбачова стои во вториот ред зад шефот на ГДР, Ерик ХонекерФотографија: picture-alliance/ Sven Simon

Финансиска помош

На вториот ден од разговорите во Кавказот на дневен ред се наоѓаат стратешките прашања за бројноста на германската армија по обединувањето, а се склучува и договорот за посебните односи меѓу Советскот Сојуз и Германија по обединувањето. Во оваа пригода се разговара и за финансиската поддршка на Германија за советските војници кои треба да се повлечат од Германската Демократска Република. Германската влада ветува помош за образованието на војниците, како и за изградба на станови за нив во татковината. Горбачов бара пари и за санирање на државниот буџет на Советскиот Сојуз. За конкретните бројки од овие зделки се’ уште молчат сите учесници на средбата. Членот на делегацијата Хорст Телчик на изричното прашање одговара со против-прашање: „Можевме ли да речеме не, доколку Горбачов ни речеше, обединувањето ќе ве чини 50 или 80 милијарди?“

Еден од клучните архитекти на обединувањето: тогашниот шеф на германската дипломатија Ханс Дитрих ГеншерФотографија: AP

Олеснување

На крајот од преговорите се решени сите преостанати прашања. Германската делегација задоволна лета назад во татковината, исполнета со сознанието дека Советскиот Сојуз нема да го попречува повторното обединување на Германија. Девет месеци по ненадејното паѓање на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година - германското единство е на дофат.

Автор: Матијас фон Хелфелд/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми