1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаЛитванија

Како Литванија ѝ го врти грбот на руската струја

Давид Ел
1 август 2022

Балтичките држави до денес ја делат електродистрибутивната мрежа со Русија и Белорусија. Во воени услови расте негодувањето во врска со тоа. На големо се одвиваат подготвителните работи за префрлање на мрежата на ЕУ.

Litauen Umspannwerk Alytus
Фотографија: David Ehl/DW

Челичните далноводи веќе се издигнати кон облачното литванско небо, каблите се закачени, само струјата уште не тече низ нив. На половина пат меѓу дистрибутивната мрежа и земјата стојат два големи алуминиумски чатала. Само четврт круг вртење и двете страни би се допреле, а струјното коло би било затворено и литванската мрежа приклучена на соседна Полска. Тука, на југот на Литванија, се наоѓа важен јазол за малата балтичка земја: еден преносник води внатре во земјата, друг се протега до станицата за поврзување во полското погранично место Елк. Но, на оваа траса сѐ уште не тече струја, затоа пак тече низ третата која води во Белорусија. 

Уште од советско време потекнува т.н.прстен „Брел”, сојуз за електрична енергија составен од Белорусија, западна Русија, Естонија, Летонија и Литванија. 

Првично беше планирано да остане така до 2025 година. Како последица од рускиот напад врз Украина, балтичките држави една година порано ќе се исклучат од прстенот и ќе се интегрираат во мрежата на ЕУ. Дотогаш струјата во  конфликтот со Русија  од гледна точка на литвански експерти останува единствената слаба точка.

Литванија е зависна од увоз на струја

Во првите денови од војната во Украина, Литванија „привремено” беше прикачена на мрежата на ЕУ. Во случајот со малите балтички земји преносот е технички покомплициран и се подготвува уште од 2009 година. По исклучувањето на атомската централа Игналина истата година, Литванија стана многу зависна од увоз на струја, така што во 2019 на пр.70% од потрошената струја потекнуваа од странство. 

Главни лиферанти се Шведска и Летонија. Увозот од Белорусија беше стопиран во 2020, од Русија пак во мај годинава. Оттогаш прстенот „Брел" за балтичките оператори е важен пред сѐ заради балансирање на напоните и бидејќи од таму централно се диригира тактот на фреквенција од 50 херци за променливиот напон. 

„Системот не е безбеден бидејќи зависиме од услуги кои Русија ги врши за нас", оцени енергетскиот експерт Мартинас Нагевичиус од литванското здружение за обновливи извори на енергија за ДВ во мај годинава. „За нас ситуацијата малку се подобри откако имаме две врски со Шведска и Финска преку Естонија, како и две врски со Полска. Сега може да разменуваме енергија со Европа. Но, фреквенциите и натаму се врзани за Русија."

Тоа значи дека иако денес веќе се докупува струја од Полска, таа мора на сврзната точка два пати да биде конвертирана, за да биде можен натамошниот транспорт низ Литванија синхронизирано со тактот во останатата мрежа од прстенот Брел. 

Руски закани во кавгата околу Калининград

Литванија е „подготвена за непријателски мерки од Русија како и напуштање на прстенот ‘Брел'”, изјави претседателот Гитанас Наузеда на 22 јуни годинава. Тој алудираше на заканите од Русија за одмазднички акции во спорот околу транспортот на стоки за Калининград. Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, зборуваше за мерки „кои ќе имаат сериозно негативни последици за литванското население".

Литванија кон средината на јуни го прекина  транзитот на одредени стоки  како челик, кои се предмет на санкции од страна на ЕУ, меѓу руското копно и  ексклавата Калининград.  Владата во Вилнус појасни дека само ги спроведуваат санкциите кои важат за цела ЕУ, а беа воведени поради рускиот напад врз Украина. Во меѓувреме се чини има смирување на страстите, откако Брисел даде насока на Литванија повторно да овозможи во најголема мера непречен транспорт.

Ако Русија го исклучи прекинувачот, ќе се синхронизираме со Европа"

Со тоа упад на Русија во мрежата на Литванија се чини спречен, барем засега. Но, опасноста останува додека не е завршено префрлањето на европската електродистрибутивна мрежа. Но, и денес веќе може да се регира во секое време и да се спречат поголеми штети, оцени директорот на државната електродистрибуција „Литгрид”, Рокас Масиулис, во мај годинава во разговор за ДВ. „Ако Русија сега нѐ исклучи, ќе се синхронизираме со Европа. Но, операцијата ќе поскапи. Сега веќе се работи само за тоа економски да сме покомотни."

Притоа најважна „артерија” е погонот со далноводи за прекрстување во Алитус во Полска. Во изградба е подводен преносен систем во Балтичко Море преку кој исто така ќе може да се олесни прекуграничната трговија со струја. Литванија во следниот чекор ќе инсталира три апарати кои се движат во струјни кола со променлив напон и чија задача е да ја стабилизираат фреквенцијата и мрежата кога има краткотрајни прекини во снабдувањето. И во Естонија и Летонија ќе се инсталираат по три такви фазни стабилизатори. 

Временски ограничени тестови во кои дел од литванската мрежа се откачуваа од прстенот „Брел", се покажаа успешни. Но, експертот Нагевичиус посочува дека тоа не е доказ оти „изолираниот модус” би функционирал и на неодредено време во целата земја. Во Алитус и на три други локации во земјата треба да се инсталираат батериски блокови со капацитет од по 50 мегават часови за дополнително да се засили стабилноста. 

Излезот е во обновливи извори на енергијаФотографија: David Ehl/DW

Следна цел – обновливи извори на енергија

Складирањето на енергија е исто така важно и поради тоа што денес 75% од произведената електрична енергија во Литванија е од ветар и сонце. „Тоа е единствениот извор на енергија што го имаме овде во Литванија,“ вели Нагевичиус.

Ова е аргумент кога на енергијата се гледа од аспект на безбедносна политика, а уште повеќе кога станува збор за заштитата на климата и целите на ЕУ. Соодветно на тоа, масовно се вложува во проширување на капацитетите од обновливите извори со цел да се намали увозот и покрај растечка побарувачка. До 2030 година, обемот на увозот треба да се преполови со помош на нови ветерни и фотоволтаични електрани. 

Дотогаш, секој трет од вкупно 1,6 милиони литвански потрошувачи на електрична енергија треба да стане таканаречен „производител“ - односно не само да троши електрична енергија, туку и да ја произведува со приватен соларен систем и да го внесува „вишокот“ во мрежа врз која Русија веќе нема да има никакво влијание.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми