1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Место одлив - циркулација на таленти

26 март 2026

Македонија и регионот бараат начини одливот на мозоци да го претворат во циркулација на таленти. Според анкетата на Балканскиот барометар, 68% од младите во регионот сакаат да заминат.

Иселување, млади луѓе со куфери
Македонија и регионот бараат начини одливот на мозоци да го претворат во циркулација на талентиФотографија: Fotolia/Peter Atkins

Одливот на мозоци одамна не е само статистика – тоа е реалност што секојдневно ја празни Македонија и регионот. Додека илјадници млади заминуваат во потрага по подобри услови за живот и работа, државите се соочуваат со дилемата: дали ова може да стане двонасочен процес наместо еднонасочна улица?

На регионална конференција во Скопје, експерти, министри и претставници на меѓународни организации испратија јасна порака дека одливот на мозоци не мора да значи загуба. Со вистински политики, мобилноста може да стане циркулација на мозоци – процес во кој младите заминуваат, учат, се усовршуваат, и се враќаат со нови идеи, контакти и знаење. 

На конференцијата „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, одржана во Скопје, беше истакнато дека клучот лежи во подобро образование, интернационализација и создавање реални можности за враќање на талентите дома.

Министерката за образование Весна Јаневска вели дека целта не е да се спречи мобилноста, туку студентите и професорите да се враќаат со нови знаења, контакти и идеиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Јаневска: Мобилноста треба да биде ресурс, не губење

Министерката за образование Весна Јаневска вели дека целта не е да се спречи мобилноста, туку студентите и професорите да се враќаат со нови знаења, контакти и идеи.

Таа нагласи дека интернационализацијата мора да биде достапна за сите, а не само за оние со финансиски можности. Универзитетите не смеат да ја гледаат мобилноста само како финансиски извор, туку како алатка за подобрување на квалитетот. Јаневска предупреди дека геополитичките промени бараат систематско вложување во високо образование, бидејќи без истражувања, иновации и трансфер на технологии не може да се решат современите предизвици.

Министерката потсети дека државата веќе ги зголемила вложувањата во високото образование, но остануваат предизвици како слаб институционален капацитет, бирократски процедури и недостаток од стабилно финансирање на мобилноста и истражувачките програми.

Шпајх: Германија може да го спречи одливот на мозоци од РСМ

00:52

This browser does not support the video element.

Дипломите без знаење создаваат фрустрации

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС), Амер Капетановиќ, посочи дека старото правило „учи – дипломирај – најди работа“ повеќе не важи. Работодавачите бараат вештини, адаптабилност и способност за доживотно учење.

„Добивањето универзитетски дипломи без квалитетно знаење создава фрустрации, а поседувањето диплома во сегашните услови не е доволно без доживотното учење, бидејќи кариерните патеки веќе не се толку линеарни. Работодавачите сега не ги гледаат само дипломите, туку вештините, способностите и адаптабилноста. Затоа се потребни универзитети кои се поинтернационални, порелевантни, пофлексибилни и повеќе поврзани со вистинските економии“, рече тој. 

Капетановиќ предупреди дека според анкетата на Балканскиот барометар, што се спроведува секоја година, 68% од младите во регионот сакаат да заминат, а само 29 сакаат да останат, што е алармантен сигнал.

„Не треба да плачеме за одливот на мозоци, туку треба да се фокусираме тие мозоци повторно да ги вратиме во нашите земји, како да ги вратиме оние што веќе заминале и да ги вклучиме повторно во синџирот на вредности“, додаде тој. 

Затоа мобилноста мора да стане двонасочна, а универзитетите поинтернационални и подобро поврзани со индустријата.

Регионот се соочува со стареење на населението, сериозна миграција и намалување на младото население. Затоа, според учениците на конференцијата, мобилноста треба да се претвори во регионална предност, а не загуба. Поради тоа, треба да се овозможат патеки за враќање, нешто што ќе им овозможи на луѓето да се вратат дома и да работат продуктивно.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми