1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Македонија стана шеста во Европа по раст на платите?

ДТЗ
29 септември 2025

Како Македонија стана шеста земја во Европа по раст на платите, во услови кога 374.045 работници или 73,3% од работниците во мај примиле под просечната плата? Синдикатите се сомневаат во однос на состојбата со платите

Премиерот Христијан Мицкоски
Македонија е шеста во Европа по раст на платите во јули во споредба со истиот период лани, вели Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Како Македонија стана шеста земја во Европа по раст на платите, во услови кога 374.045 работници или 73,3% од работниците во мај примиле под просечната плата? Ова е дилемата којашто им се наметнува на синдикатите, коишто мака мачат во битката за зголемување на минималната плата, за што не наидоа на слух од страна на работодавачите. 

Анализата којашто ја објави порталот „Пари“ покажуваат дека недостигот на работна сила и притисокот на инфлацијата ги тера македонските компании значително да ги зголемат платите на своите вработени, со што Македонија се нашла меѓу топ земјите во Европа според растот на просечната нето-плата во последната година. Споредено со државите од ЕУ, плус Албанија и Федерацијата БиХ, Македонија е на 6. место, се наведува во анализата на порталот.  

Во јули, Евростат измери најголем раст на просечната плата во Бугарија, од 13,4%. Следува Унгарија со 11,0 %. Веднаш зад овие две земји членки на ЕУ е Македонија, со раст на просечната плата од 10,5%.

Како Македонија стана шеста земја во Европа по раст на платите?Фотографија: Andrey Popov/Panthermedia/imago images

Реалноста наспроти статистиката

„Повторно медиумите и во Македонија и во оние статистики во Европа-Евростат ја демантираат опозицијата која што велеше дека не растеле платите. Еве тие велат дека е шеста во Европа во конкуренција на земјите од ЕУ и на земјите кои се кандидати за членство во ЕУ, во јули споредено со истиот период лани. Сите пораки се темелат на лаги, конструкции, подметнувања“, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Градско. 

Изјавата следи откако опозицијата деновиве критикуваше дека со Мицкоски како премиер, трошоците за живот растат, реалната плата се намалува a животниот стандард на граѓаните опаѓа. 

„Три месеци по ред се намалува реалната нето-плата. Два месеци по ред се намалува номиналната нето-плата. Во мај 2025 просечната плата била 45.796 денари, а во јули 45.276 денари. Тоа значи 520 денари пониска плата, во услови на повисоки цени на основните трошоци. Намалувањето на реална плата значи дека стандардот на граѓаните опаѓа а расте сиромаштијата“, покажуваат пресметките на опозицискиот СДСМ. 

Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство веќе надмина 65.000 денари месечно. Според Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јули 2025 година, изнесува 45.276 денари. Во јули 2025 година, во споредба со јули 2024 година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 10,5%. 

Ваквото зголемување, според ДЗС, се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна плата на вработените во администрација, образование и здравство. 

Синдикатите се сомневаат во состојбата со платите - во мај 374.045 работници примиле под просечната платаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сомнеж во состојбата со платите

Според ССМ, во мај се евидентирани 509.960 работници со пресметана и уплатена нето плата, од кои 374.045 работници (73,3%) примиле под просечната плата, а 135.915 работници( 26,7%) примиле плата над просечната плата.

„Фрапантни се податоците според кои во месец мај (последен податок од УЈП обезбеден од ССМ) има евидентирано нула работници кои примиле минимална плата и нула работници кои примиле просечна плата. Тоа фрла дополнителен сомнеж на состојбите со платите во Македонија“, вели за ДВ, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов

Тој смета дека со секое нејзино зголемување - опаѓа бројот на затворени фирми, а бројот на новоосновани фирми расте. Со тоа, вели Трендафилов, паѓаат во вода сите изговори дека нема простор за зголемување на минималната плата. Како аргумент тој ги наведува следните податоци: 

„Од 2022 година, кога ја покачивме минималната плата на 18.000 денари, имаше 7.062 нови фирми, а се избришани 5.694. Во 2023 година, со минимална плата од 20.175 денари, имаше 7.062 новоосновани, а само 3.372 затворени, а во 2024 година, со покачување на минималната на 22.567 денари, имаше 6.627 нови фирми и само 2.891 затворени“.

Синдикатите изразуваат сомнеж во однос на состојбата со платите, бидејќи сметаат дека во регионот минималната плата расте, а само во Македонија стагнира. „Па така, на пример, во Србија минималната плата од октомври ќе изнесува најмалку 500 евра, а во Македонија останува под 400 евра. Тоа значи дека македонските работници се најпотценети во регионот и работат за најниска цена на трудот“, вели Трендафилов.

Според него, потребно е итно зголемување на минималната плата, бидејќи со сегашниот износ работниците не можат да ги покријат ни основните трошоци за живот. „Секоја одложена реакција е директен удар врз достоинството на работниците, а воедно и врз иднината на земјата. Македонија не смее да остане земја со најевтина работна сила – работниците заслужуваат плата што ќе обезбеди пристоен и достоинствен живот“, вели Трендафилов за ДВ. 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми