1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаФинска

Како мигранти преку Русија стигнуваат до Финска

Алексеј Стрелников
28 ноември 2023

Финска ги заострува мерките против нелегален влез во земјата и ги затвора граничните премини кон Русија. Од каде потекнуваат мигрантите и барателите на азил кои сакаат да дојдат во ЕУ и кој им ветува помош за тоа?

Финска азил Русија мигранти
Баратели на азил во Финска стигнати преку РусијаФотографија: Vesa Moilanen/dpa/Lehtikuva/picture alliance

Со исклучок на еден граничен премин на североистокот на земјата, сите други меѓу Финска и Русија се затворени.
На 18. ноември беа затворени четири гранични премини, а на 24-ти уште три други.

Одмаздата на Кремљ


Хелсинки одлуката ја образложува со зголемувањето на нелегалните преминувања. Претседателот на Финска, Саули Нинисто, смета дека „бранот на мигранти е  „одмаздата на Кремљ” за  приклучувањето кон НАТО. Москва пак тврди дека граничните премини ги користат само луѓе кои имаат право на тоа.
Од август годинава до сега 684 лица од Јемен, Ирак и Сомалија, како и држави од Блискиот Исток побарале азил во Финска, според информации на граничните власти дадени за ДВ. Сите без дозвола за влез дошле преку руските гранични премини на финска територија.


Совети во месинџер групи


Истражување на ДВ во Телеграм откри повеќе групи на арапски јазик во кои се споделуваат информации и разменуваат искуства за рутите и доаѓањето без документи.
Во групата „Информации Русија - Финска” на пример, дури и од администраторите, за пари се нуди помош во поднесувањето барање за виза за Русија и за преминување на границата.
Како што може да се види по чет историјата, групата е основана во мај 2022 година од корисникот „Рус ГТ”, чијшто профил сега веќе е избришан и не се знае кој стои зад него.

 

„Помош" при преминувањето на границата

 

Повеќе корисници чиишто профили исто така се веќе избришани, во четовите тврдат дека може да помогнат за поднесување виза и преминување на границата кон Естонија или Финска. За тримесечна виза за учество во кратки јазични курсеви во Русија, како и за транспорт  до границата на ЕУ, се барале 1300 американски долари.

Комбе чека на финско-руската граница Фотографија: Vesa Moilanen/dpa/Lehtikuva/picture alliance


За 2500 долари се ветува виза што може да се продолжи до една година и се гарантира „студентско сместувалиште” и  здравствено осигурување, „за да нема проблеми на граница".
За до граница се ветува придружба на човек што зборува на руски јазик „кој регионот го владее подобро и од ГПС уред”. Потоа се даваат насоки како „врз основа на политички ставови, убедувања или закани во татковината” најдобро може да се бара  азил во ЕУ.


Што ветуваат „посредниците"?


Во октомври и ноември 2023 година има најмногу пораки во четовите. Еден корисник со телефонски број регистриран во Белорусија под името „Або Абдо” ветува дека може да помогне на луѓе да влезат во Финска така што прво „одредени Руси” ќе ги донесат во Виборг, од каде самите мора да продолжат кон земјата. „Або Абдо” додава дека за преминување на границата е потребен велосипед затоа што повеќето премини не може да се пројдат пеш.
Еден Русин за ДВ раскажува дека кај преминот Варцила-Нирала забележал минибус со руски таблички полн со велосипеди кои возачот им ги поделил на околу 30 лица пред границата.
Друг маж раскажува дека откако ги зеле велосипедите, „руски граничар ги водел до граничната контрола”.
Друг корисник под името „Н” вели дека руската полиција не апси мигранти кои се во придружба на „посредник”.
Корисникот „Тораб" нагласува дека „посредниците” имаат некаков договор со руските граничари и тие ги пуштаат на финската страна каде што може да бараат азил. Двајцата корисници не одговорија на прашањата на ДВ.

Велосипеди оставени на руско-финскиот граничен премин НуијамаФотографија: Vesa Moilanen/dpa/Lehtikuva/picture alliance


Во групата „Москва_Финска” по најавата за затворање на границите се дебатира дали е можно границата да се премине на север. Бројот на корисници за кратко време скокна од 30 на 170 лица. Многумина бараат од „посредниците” гаранции дека ќе може да влезат во ЕУ. На прашања дали може да бидат уапсени при обидот и протерани, администраторот на групата смирува дека „во рок од два дена границата ја преминале повеќе од 100 лица и никој не бил протеран”.


Русија ги отфрла обвинувањата


Министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, за ДВ вели дека Русија веќе не ја чува заедничката граница според договорите и дека тоа ги загрозува националната безбедност и поредокот во Финска. Според неа „се чини дека Русија поттикнува нелегално преминување на границата".
Дмитри Песков, портпарол на рускиот претседател, посочи дека „границите ги користат оние кои имаат законско право за тоа и дека руските граничари целосно ги почитуваат официјалните насоки за работа".
Од руското Министерство за надворешни работи појаснија дека идејата на финските власти да ги затворат сите контролни пунктови ја сметаат за „деструктивна”. Четирите премини во близина на Санкт Петербург се затворени до 18 февруари 2024 година, а финските власти посочија дека одлуката може да биде укината или коригирана, во зависност од ситуацијата.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми