Трамп најави увозни царини за стоки од Мексико и Канада
26 ноември 2024Како еден од неговите први потези на функцијата, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сака да воведе казнени царини за увоз од Мексико и Канада, како и дополнителни царини за стоки од Кина. Тој ќе потпише соодветен декрет на денот кога ќе ја преземе функцијата, на 20-ти јануари, напиша Трамп на неговиот сервис за кратки пораки „Truth Social". Царините од 25 проценти ќе важат за стоки од Мексико и Канада. Трамп го оправда потегот со нелегален шверц на дрога и луѓе преку граница. Царините ќе останат на сила „додека дрогата, особено фентанилот и сите илегални имигранти не престанат да влегуваат во нашата земја“, потенцира Трамп. И Канада и Мексико можат да го решат проблемот. „Ги повикуваме да ја искористат својата моќ и доколку не го направат тоа, време е да платат многу висока цена“, порача Трамп.
Дополнителни царини и за производи од Кина
Дополнителни царини од десет проценти ќе важат и за стоките од Кина. И ова Трамп го оправда со тоа што дроги како смртоносниот фентанил доаѓаат од земјата во САД. Иако Кина најави дека ќе преземе мерки за спречување, тоа не го направи. Актуелниот американски претседател Џо Бајден се сретна со шефот на кинеската држава Ши Џинпинг на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска заедница во перуанската престолнина Лима пред околу недела. Ши таму го уверил Бајден дека сака да соработува и со идната американска влада под Трамп.
Кина: Никој нема да победи во трговска или царинска војна"
По најавата на Трамп, кинеската амбасада во Вашингтон предупреди на трговска војна меѓу двете најголеми економии во светот. „Никој нема да победи во трговска или царинска војна“, рече Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон. „Кина верува дека кинеско-американската економска и трговска соработка е заемно корисна“. Лиу ги отфрли обвинувањата на Трамп дека Кина намерно дозволува супстанции за производство на дрога да стигнуваат во САД. Кина презела чекори за борба против трговијата со дрога по договорот меѓу Бајден и Ши минатата година. „Кинеската страна ја информираше американската страна за напредокот постигнат во операциите за спроведување на законот против наркотици поврзани со САД“, истакна Лиу. Кина во август објави дека ќе ги зајакне контролите на три хемиски супстанции што се клучни за производство на фентанил. „Сето ова докажува дека тврдењето дека Кина свесно дозволува супстанции за производство на фентанил да влезат во САД е целосно контрадикторно со фактите и реалноста“, тврди Лиу.
И Бајден се потпираше на протекционизмот
Трамп најави високи царини уште за време на изборната кампања. Царините се вид на доплата на увезената стока. Тие доспеваат на граница кога компанија или потрошувач во САД го купува производот од странство. Трамп тврди дека неговата царинска политика ќе доведе до тоа американските компании повторно да произведуваат повеќе во САД, што создава работни места. Демократскиот американски претседател Џо Бајден исто така се потпира на протекционизмот. Тој не само што во голема мера ги задржа царините на Трамп за Кина, туку воведе и нови царини - на пример за електричните автомобили.
Додека Бајден се фокусираше релативно конкретно на одредени индустрии, најавените царини на Трамп се подалекусежни.
Царините би можеле да ја поттикнат инфлацијата
Експертите предупредуваат дека таквата мерка може да има значително влијание врз американската трговија. Многу стоки од странство не можат да се произведат во САД преку ноќ. Затоа, компаниите при производството се уште зависат од увозот од странство - увозните царини потоа ги зголемат трошоците на стоките и се очекува компаниите да ги пренесат овие трошоци на потрошувачите. Покрај тоа, земјите погодени од царините веројатно ќе одговорат со контрацарини - што пак е лошо за американските компании кои многу извезуваат.
Повеќегодишен трговски конфликт со Кина
САД и Кина со години се заплеткани во трговски конфликт. Бајден ги остави во сила царините против Кина што ги наметна Трамп. САД, исто така, воведоа економски санкции и извозни ограничувања за да го отежнат пристапот на Пекинг во американските технологии. Администрацијата на Бајден воведе ограничувања и за американските инвестиции во Кина, иницираше големи инвестиции дома за да ги направи синџирите на снабдување на Америка понезависни - особено од Кина. Сепак, двете земји економски се тесно испреплетени. Трамп воведе царини и за одредени производи од Мексико и Канада, како челик и алуминиум, за време на неговиот прв мандат. Тој постојано се расправаше со двете земји и поставуваше различни услови за сепак да се избегнат казнените царини.