1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Русија: Како мигрантите се принудени да одат во војна

Марина Барановска
16 септември 2023

Тие доаѓаат во Русија за работа, а завршуваат на фронтот. Руските власти користат разни трикови и уцени за да принудат мигранти од земји како Таџикистан, Узбекистан или Ерменија да учествуваат во војната против Украина.

Работници од Централна Азија на градилиште во Москва (архивска фотографија)
Работници од Централна Азија на градилиште во Москва (архивска фотографија)Фотографија: DW/J. Vishnevetskaya

Досега многу мигранти побарале руско државјанство. Меѓутоа, кон средината на август, Советот за човекови права му предложи на рускиот претседател Владимир Путин измени во законот за доселување, според кои воениот рок би бил услов за добивање руски пасош.

На крајот на август, Комунистичката партија претстави нацрт-закон во руската Дума со кој ќе се овозможи одземање на државјанството на „новите Руси“ во случај на одбивање да одат во војна, бегство од мобилизација или непријавување за служење воен рок.

„Дали Мариупол е во Московската област?“

Прв пат на јавноста и стана познато дека работници мигранти биле регрутирани да служат во руската армија непосредно пред руската инвазија врз Украина. На 20 февруари 2022 година, узбекистанскиот блогер Бахром Исмаилов објави видео на YouTube во кое ги поканува мигрантите да потпишат договор со руското Министерство за одбрана и вели дека ќе добијат руско државјанство по шест месеци служба.

Валентина Чупик, адвокатка која ги застапува мигрантите, по почетокот на агресијата добила наплив од пораки во кои сепосочува дека граѓани од Узбекистан, Киргистан, Таџикистан, Ерменија и други мигранти биле убедувани да потпишат договори со Министерството за одбрана.

Валентина Чупик, адвокатка која ги советува мигрантитеФотографија: Aschot Gazazjan/DW

„Моите колеги и јас откривме видео снимено од Таџикистанец на која вози камион во Украина и вели дека не разбира што се случува, се пријавил во руската војска, а сега не знае дали ќе остане жив“, вели активистката за човекови права во интервју за ДВ. Таа самата потекнува од Узбекистан и со години се залагала за правата на мигрантите во Русија пред да биде протерана од земјата.

На социјалните мрежи се прошири видеото со коментарот на адвокатката. Чупик и нејзините колеги започнаа кампања против регрутирање во руската армија, што резултираше со намалување на бројот на регрутирани лица.

Во летото минатата година руското Министерство за одбрана почна да регрутира мигранти за градежни работи во Луганск, Доњецк и Мариупол, односно во областите на Украина под руска окупација. Чупик вели дека цели бригади луѓе од Централна Азија, кои не разбирале за што станува збор, потпишале договори.

„Во октомври ми се јавија луѓе од Узбекистан и ме прашаа дали Мариупол е во Московскиот регион затоа што голема група луѓе потпишале договор за градежни работи, наводно некаде во Московската област. А потоа ги ставиле во автобуси со залепени стакла и ги возеле во непознат правец - 20 автобуси со по 53 лица“, вели адвокатката.

„Кога пристигнале, виделе само урнатини и сфатиле дека тоа не може да биде Московскиот регион. Еден од нив го ималмојот телефонски број и ме контактираше. Се згрозив и почнав да се јавувам во амбасадите на Узбекистан во Русија и во Украина. Но, контактот со работниците е прекинат. Веројатно потпишале договори со Министерството за одбрана, бидејќи стражарите што ги следеле пријавија дека се однесени во војска“, вели Чупик.

Руски регрути во регионот на Волгоград (архивска фотографија)Фотографија: dpa/AP/picture alliance

Со измама во руската армија

Активистите за човекови права наскоро дознале за уште еден трик на руските власти да ја наполнат армијата со луѓе од Централна Азија. Во Центарот за миграција Сахаров во Москва, каде што може да се добијат разни документи, од работни дозволи до дозволи за престој, мажите со измама потпишуваат договори со руската војска.

„Им давате цел куп документи, и по 40 листови хартија, за да ги потпишат и им давате половина минута да ги прочитаат. А, зад нив има огромна редица и немаат време да ги читаат. Многумина едноставно се потпишуваат без да гледаат“, вели таа.

„Подоцна се испоставува дека потпишале договор да служат во руската армија. Луѓето потоа паничат, се јавуваат и прашуваат што да прават. Има многу случаи кога мигрантите, и покрај тоа што имаат дозвола за престој, се откажуваат од се и ја напуштаат Русија што е можно побрзо“, вели Чупик.

Регрутирање на странци во затворите

Има и обиди да се регрутираат мигранти кои го прекршиле рускиот закон и се во притворни центри и чекаат депортација. „Им се нуди да склучат договор со армијата со ветување дека по шест месеци служба ќе добијат руски пасош. Ако тоа не успее, ги заплашуваат луѓето и им се закануваат дека ќе го поминат остатокот од животот зад решетки“, вели Чупик.

Руски затвор во СаратовФотографија: Filipp Kochetkov/Tass/imago images

Беа регрутирани и странци кои отслужуваат затворски казни. Русите се обидуваат да ги принудат да служат во руските вооружени сили со помош на тепање, мачење и закани дека ќе ги силуваат.

Активистката за човекови права вели дека во исто време добила многу писма со извештаи од затворите низ државата. Управникот на затворот во Иркутск, на пример, ги принудувал затворениците да потпишуваат договори со армијата и им се заканувал со подолги затворски казни во уште полоши услови.

Државјанство само со потврда од центар за регрутација

Рускиот претседател Владимир Путин на 15 мај потпиша указ за поедноставено доделување руско државјанство на странци кои ќе потпишат едногодишен договор со руската армија.

Оттогаш, станува сè повообичаено странците кои аплицираат за државјанство да бидат испратени во Центарот за регрутирање за да земат потврда. Таму потоа се обидуваат да ги принудат да потпишат договор со војската.

„Без потврда од регрутниот центар не ги прифаќаат документите што треба да се достават за државјанство. Тоа е целосно незаконски, нема писмени наредби во врска со тоа“, вели Светлана Ганушкина, претседателка на организацијата „Граѓанска поддршка“ која се залага за помош на бегалците и протераните лица.

Таа ги припишува обидите за насилно регрутирање странци на желбата на руските власти да го зголемат бројот на војници во руските вооружани сили.

Од друга страна, Валентина Чупик го поврзува притисокот врз мигрантите со неуспесите на Русија на фронтот, но и со регионалните избори и „со традиционалниот руски расизам“ кој денес се негува како државна идеологија.

„Пред секои избори во Русија се подгрева фобијата од мигрантите. Сега смислија нова форма, имено принудно регрутирање. Оние кои се најмалку способни да се одбранат, ги киднапираат и ги регрутираат“, вели активистката.

Светлана Ганушкина, руска активистка за човекови праваФотографија: DW

Во татковината прогон за платеници

Во сите земји од Централна Азија служењето во армијата на странска земја се смета за кривично дело и законски се третира како платеничка активност. Затоа, мигрантите кои потпишале договор со руското Министерство за одбрана ќе бидат кривично гонети доколку се вратат во матичната земја.

Затворските казни се движат од 5 до 12 години во Таџикистан, од 5 до 10 години во Узбекистан и од 10 до 12 години во Киргистан.

Во меѓувреме, амбасадите на овие земји ги предупредуваат граѓаните дека учеството во битки на територијата на странски држави е кривично дело. Исламските верски водачи од Узбекистан дури издадоа фатва со која им забрануваат на муслиманите да учествуваат во војната на Русија против Украина.

Таџикистанските власти составија списоци на таџикистански платеници кои се борат во редовите на руската армија. И во Бишкек во мај 2023 година државјанин на Киргистан беше осуден на десет години затворска казна затоа што една година се борел како платеник за руските сили во Украина, а потоа се вратил во Киргистан.

Засега не е јасно колку луѓе од централноазиските земји се борат за руската армија на територијата на Украина. Според некои податоци, руската војска регрутирала десетина илјади мигранти. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми