1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Како САД воено го помагаат Тајван?

Весли Ран | Вилијам Јанг
8 август 2022

САД, главните воени поддржувачи на Тајван, ги советуваат властите во Тајпеј да купат оружје дизајнирано за мобилност и прецизност за борба против кинеска инвазија од море.

Irak | F-16 Kampfjet der U.S. Air Force
Фотографија: Ssgt. Trevor T. Mcbride/U.S Air/Planet Pix via ZUMA Wire/picture alliance

Кина неделава, покрај брегот на Тајван ја спроведува  најголемата воена вежба  во последниве децении. Тоа е одговор на посетата на највисоката делегација на американскиот Конгрес на островот во последниве 25 години. Посетата на делегацијата која ја предводеше  претседателката на Конгресот, Ненси Пелоси,  некои ја критикуваа како ризичен и симболичен гест, и како што велат, од Вашингтон повеќе е потребна работа зад кулисите на јакнење на одбранбената способност на Тајван за да се справи со растечката агресија која се заканува од Кина.

„Во однос на нашите билатерални односи со Тајван, треба да се фокусираме на активностите во насока на  јакнење на одбраната на Тајван,  без многу галама. Посетата на претседателката на Конгресот е токму спротивното,“ вели Карис Темпелман, експерт за Тајван на Универзитетот Стенфорд.

Присуството на американската морнарица во Пацификот и  Јужното Кинеско Море  се главен фактор за одвраќање на Кина од активности во овој регион. Впрочем, негување и унапредување на американските сојузнички мрежи во Индо-пацифистичкиот регион беше наведено и како главна причина за посетата на Пелоси. Ова подразбира вклучување и на европските земји како Франција и Велика Британија да учествуваат во таканаречените „маневри за слободна пловидба“ во меѓународните води кои Кина ги смета за свои територијални води.

Цу-јун Су, аналитичар од Институтот за национална одбрана и безбедност во Тајван, вели дека воените вежби на Кина се замислени како „стратешка психолошка војна“ против Тајван и сигнал дека Пекинг сака „да ја спречи американската војска да му пружа помош на Тајван“.  

САД се главниот воен помагач на Тајван на кој му продаваат оружје и одбранбена технологија кои му се неопходни. Вашингтон со децении му продава оружје на Тајпеј во согласност со Законот за односи со Тајван, со кој се дозволува снабдување со „одбранбено“ оружје.

Од 2019 до сега, Тајван има нарачано воена опрема во вредност од најмалку 17 милијарди долари, пишува Дефенс њуз. Ова ја вклучува и нарачката на 66 борбени авиони од типот Ф-16 во вредност од 8 милијарди долари, која беше склучена уште во време на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Ова е една од најголемите поединечни нарачки досега.

Од јули 2022 американскиот Стејт Департмент одобри можна продажба на „воено-техничка помош“ за Тајван во вредност од 108 милиони долари. Пентагон наведе дека Тајван побарал делови за поправка на тенкови и борбени возила, малокалибарско оружје, системи за борбено оружје и средства за логистичка поддршка.

Во јануари, среде зголемените кинески упади во воздушната безбедносна зона на Тајван, властите на островот изгласаа одлука за дополнителни 8,6 милијарди долари за одбрана, од кои поголемиот дел ќе бидат наменети за одбрана од инвазија од море. 

„Асиметрично војување“

Но, и покрај поддршката од САД и зголемените воени трошоци, Тајван се уште не може да држи чекор со модернизацијата на кинеската армија која во неа вложува децении. Оваа неусогласеност го турка Тајван во пренасочување на неговите капацитети за „асиметрично војување“.

Оваа стратегија вклучува користење на помало, но поефикасно оружје за борба против побројните и подобро опремени непријателски сили. Успехот на Украина во одбраната во текот на првата фаза од руската инвазија со користење на противтенковски ракети кои истрелуваат од рамо, е наведен како успешен пример на примена на оваа стратегија. САД сега го советуваат Тајван за борбата против кинеската инвазија од море да купи оружје кое го карактеризира мобилност и прецизност.

Во мај, „Њујорк тајмс“ и „Политико“ пишуваа дека Стејт департментот му порачал на Тајпеј дека треба да се насочи на набавка на опрема соодветна за асиметрично војување со кое подобро би одвратила и би се одбранила од Кина, како што се на пример проектили и пософистицирана артилерија, наместо да се купува скапи хеликоптери наменети за лов на подморници.

Уште од администрацијата на Трамп, Вашингтон веќе одобри продажба на вакви асиметрични системи како што се ракетите за крајбрежна одбрана Харпун, артилериски ракетни системи со висока мобилност, ХИМАРС, ракетите Стрингер и MQ-9 дронови.

Земји кои го признаваат Тајван

Стратешка „амбивалентност“

Поради проблеми со производството и војната во Украина, во Тајван не пристигна целото оружје кое беше нарачано. Ова доаѓа заедно со критиките дека САД делува премногу бавно кога станува збор за давање приоритет на одбраната на Тајван како приоритет на националната безбедност.

САД нема воспоставено официјални дипломатски односи со Тајван, ја признава Народна Република Кина и Пекинг како „единствена легална влада на Кина“ според политиката на „една Кина“.

Пекинг пак гледа на Тајван како на кинеска покраина со која еден ден „повторно ќе се обедини“, па дури и со употреба на сила доколку е потребно. Но, САД меѓутоа не го признава експлицитно кинескиот суверенитет над Тајван и продолжува да го снабдува со оружје островот кој има самоуправа. Тоа доведе и до создавање на компликувана дипломатска и стратешка сива зона.

Според Законот за односи со Тајван од 1979, Вашингтон стои на ставот за „стратешка амбивалентност“ што значи дека не е загарантирана директна воена интервенција, но исто така не е ниту експлицитно исклучена. Но, неодамнешните изјави на претседателот Џо Бајден дека САД ќе го „бранат“ Тајван ако Кина го нападне, предизвикаа конфузија поради што Белата куќа мораше да се дообјаснува дека нема промена на ставот на Вашингтон за неинтервенција.

Имаше повици од некои американски надворешно политички кругови САД да го промени својот став бидејќи Кина постепено работи на изградба на својата оперативна и воена способност. Критичарите велат дека таа политика доаѓа од времето кога американската војска беше значително посилна од кинеската.

Ричард Хас, директор на американскиот Совет за надворешно-политички односи, за „Форин аферс“ напиша дека Вашингтон треба да прејде на политиката на „стратешка јасност“.

Старата „игра која функционираше кога Тајван и САД имаа воена предност над Кина, веројатно нема да ја одврати од интервенција кинеската војска која дваесет и пет години се подготвува за судир со Тајван“, напиша Хас.

Тајванскиот аналитичар Су, смета дека и покрај тоа што кинеската војска неделава спроведува демонстрација на сила „без преседан“, шансите за ескалација се „многу мали“ бидејќи опцијата војна во овој момент е „неповолна за Пекинг“, бидејќи победата е неизвесна. При тоа и „Ши Џинпинг не може да ризикува да го загрози својот трет мандат“, додава Су.

Ќе интервенираат ли САД?

Во 1950 година, непосредно откако Кинеската комунистичка партија ја презеде контролата над континентална Кина, генералот на американската војска Даглас МекАртур рече дека Тајван ( во тоа време Формоза) во „рацете на комунистите“ може да се спореди со „непотонлив носач на авиони“ и доведувањето во прашање на Тајван  ќе ги загрози стратешките интереси на САД во Пацификот. Сепак малку е веројатно дека САД ќе се вмешаат во она што неделава го прави Кина и што се смета само за воени вежби, вели Лев Нахман професор по политички науки на Националниот универзитет Ченгчи во Тајван.

„Мислам дека ова е јасна тактика на заплашување. Ако САД почнат да разгледуваат промена на стратешката амбивалентност, тоа ќе покаже дека стратегијата на заплашување од страна на Пекинг била успешна.“ Сепак Нахман додава и дека актуелната ситуација може да го промени домашниот политички калкул во САД.

Тој смета дека политичарите јастреби во САД „ќе се закачат“ на ова.

„Се плашам дека ова може да биде трка до дното, а тоа им дава ‘гориво’ на сите оние кои бараат американска реакција кон Кина за да си ја оправдаат својата позиција. А ваквите остри реакции само би се хранеле една со друга“, заклучува професор Нахман.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми