1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се бори Германија против расизмот во полицијата

9 ноември 2024

Од неодамна, германската сојузна полиција има и ополномоштеник кој се занимава со можни случаи на расизам и дискриминација на полицајците. Која е целта и што велат експертите?

Германија полиција
Во германската полиција има случаи на расизамФотографија: Fotostand/Gelhot/picture alliance

Функцијата на Ули Греч звучи бирократски: сојузен ополномоштеник за полиција. Тој беше именуван од Бундестагот овој март, па затоа го има мандатот на највисокото демократско тело во Германија. Греч беше член на СПД, но го врати мандатот за да биде целосно независен во своето делување. Не е дел од полициските структури, ниту пак на Министерството за внатрешни работи.

Самиот Греч бил полицаец 21 година. Тој сега е лице за контакт во  случаи на дискриминација во Сојузната полиција  и Сојузната криминалистичка служба. Доколку тужбата се покаже како оправдана, последица може да биде отказ, се разбира со одлука на работодавачот или судот.

Набргу по неговото назначување, Греч им се претстави на новинарите и беше изненаден што веднаш има многу работа: секој ден пристигнуваат три до четири пријави, третина од случаите се  пријавени од самите полицајци,  две третини доаѓаат од граѓани.

Неговиот мандат трае 5 години и вели дека негова задача е да создаде доверба во работата на полициските службеници.

Проблемот е да се најдат соработници

Греч би сакал да има разновиден тим на соработници: „Ми треба некој со темна боја на кожа, некој со арапско потекло, идеално некој од ЛГБТИК заедницата“.

Тој сака тим од луѓе „кои самите биле  изложени на дискриминација  или припаѓаат на група која е особено силно изложена на дискриминација“.

Тој сѐ уште бара такви соработници: од 18 работни места, 10 се пополнети, но сè уште нема никој од ЛГБТИК заедницата. Тука веќе има проблем: сите работни места можат да ги добијат само лица кои одговараат на прописите за вработување државни службеници.

Ули Греч е германски сојузен ополномоштеник за полицијаФотографија: Kilian Genius/dpa/picture alliance

Сепак, Греч сака да ги сослуша сите поплаки: тој веќе договорил средба со Абду Рахиме Диало, кој е на чело на Дијаспора полиси интеракшн, (Diaspora Policy Interaction, DPI) и кој досега се занимавал со поплаки за работата на над 60.000 сојузни полицајци.

„Одеднаш тројца полицајци беа на мене“

Самиот Диало има искуство со  полициско насилство:  во 1998 година, како студент, трчал на главната железничка станица во Диселдорф, кога одеднаш се нашол испружен на земја.

„Тројца полицајци ме држеа на земја, немав воздух, бескрајна болка - а пред сѐ понижување и траума“, сведочи Диало. „А единствената причина беше - јас сум со црна боја на кожата.".

Кога полицијата утврдила дека е германски државјанин и дека не направил никаков прекршок туку само брзал, физички го истуркале и му рекле да си оди.

„Се обидов да се жалам, но ништо не излезе од тоа.“ Тој бил сè уште млад и во шок. Кому би можел да се обрати? Во меѓувреме има уште многу советувалишта, вели тој: „Денес дефинитивно би постапил многу поинаку“, вели Диало.

Сојузната полициска структура во Германија

И тој инцидент покажува дека во Германија има огромна потреба од институција за надзор, но проблем е и самата структура на полицијата во оваа земја: Греч е задолжен само за полицијата која работи на сојузно ниво - која меѓу другото ја надгледува и безбедноста на границите, железничките станици и аеродромите, а посебен оддел е одговорен за безбедноста на германскиот парламент.

Но, најголемиот дел од работата ја врши полицијата на 16 германски покраини, а само во 8 има ополномоштеници слични на Греч.

Уште полошо: само во покраините Рајнланд-Пфалц и Шлезвиг-Холштајн тамошните ополномоштеници против дискриминација имаат овластување за целосен увид во актите на државното обвинителство и полицијата, а градот-држава Берлин е единствениот каде што ополномоштеникот може да води истрага во случај на жалба.

Проблем е и јазикот: практично никаде нема службеници кои зборуваат странски јазици, но во неколку покраини се планира тоа да се смени.

Обука на полициски службеници

Политикологот и правен експерт Хармут Аден е професор на Универзитетот за економија и право во Берлин и веќе петнаесет години се занимава со темата дискриминација. Тој посочува дека во тој период се случило многу и веќе има многу научни истражувања, но и официјални извештаи:

„Пред 15 години беше табу воопшто да се зборува за  полиција и расизам  за време на обуката и едукацијата на полицајците.

Знаме со виножито - симбол на различноста се виори понекогаш и пред полициски станициФотографија: Christian Spicker/imago images

Денес, сведочи и дека младите во полициските училишта се многу покритични отколку пред 10, 20 години. А тоа е затоа што тие ја знаат темата од сопствено искуство, бидејќи и полицијата стана многу поразновидна, вели Аден.

Често се молчи и трпи

Експертите се согласуваат дека е тешко да се процени колку расизмот и другите форми на дискриминација всушност се распространети во полицијата.

Германската полиција се соблекува

00:48

This browser does not support the video element.

Ополномоштеничката за дискриминација на градот-покраина Бремен, Сермин Ридел, објаснува дека дури и жртвите ретко и неволно пријавуваат такво однесување. „За нас е голем предизвик, да допреме до луѓето и да ги охрабриме да ни ја кажат нивната приказна“, вели ополномоштеничката од Бремен.

Расизам - десничарски екстремизам

Затоа Ридел повикува на подигање на свеста дека расизмот не е само синоним за  десничарските екстремистички мрежи.  Тоа започнува онаму каде што целосно несвесните и ненамерните шеми на дејствување или размислување можат да предизвикаат полициските акции да имаат расистички ефект.

Тоа вклучува неосновани лични проверки врз основа на бојата на кожата или други надворешни карактеристики, познати во технички жаргон како „расно профилирање“.

Хартмут Аден го опишува ова полициско однесување како „класичен“ пример на расизам. Ваквите контроли се вратата за „многу субјективни перцепции, вклучително и предрасуди“, вели експертот. Засегнатите можат да контактираат со ополномоштеници на покраинско, а сега и на сојузно ниво.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми