1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Кореја

Како Северна Кореја ја поддржува Русија во Украина?

Дарко Јањевиќ
21 јуни 2024

Северна Кореја, наводно, испорачала милиони артилериски гранати - и повеќе - во Русија, помагајќи ѝ на Москва да го задржи притисокот врз одбраната на Украина. Која е целта на Ким Јонг Ун?

Северна Кореја Владимир Путин Ким Јонг Ун
Фотографија: GAVRIIL GRIGOROV/AFP/Getty Images

Односите меѓу Русија и Северна Кореја, во моментов, меѓу другото и поради посетатана рускиот претседател на Пјонгјанг, не биле толку добри со децении. Москва и Пјонгјанг објавија нов одбранбен пакт во средата (19 јуни, 2024), вклучувајќи и „меѓусебна помош во случај на агресија врз една од страните на овој договор“, рече Владимир Путин. Веста доаѓа покрај извешатите дека Северна Кореја испорачува артилериски гранати и - ако им се верува на американските и украинските извори - дури и балистички ракети за Русија да ги користи во војната во Украина, а Русија наводно нуди воена и сателитска технологија за возврат. Двете страни ги демантираа овие извештаи. Тоа би значело кршење на ембаргото за оружје на ОН против Северна Кореја.

Јужна Кореја: Пјонгјанг можеше да испорача речиси 5 милиони гранати

Минатата недела, јужнокорејскиот министер за одбрана Шин Воншик рече дека неговата земја открила до 10.000 бродски контејнери кои патувале од Северна Кореја во Русија, а можат да содржат до 4,8 милиони артилериски гранати. Во интервју за американската медиумска корпорација Блумберг, Восник рече дека Путин најверојатно ќе побара повеќе за време на неговата посета на Пјонгјанг.

Во претходниот извештај на американската разузнавачка служба се зборуваше за „најмалку 3 милиони“ севернокорејски гранати кои се доставени во Русија. Доколку се потврдат, овие испораки ќе бидат од голема корист за Русија во војната во Украина, каде двете страни се пожалија на хроничен недостиг на гранати кои спречуваат артилериски напади.

Во разговорот за ДВ на руски јазик, австрискиот воен експерт Волфганг Рихтер истакна дека сојузниците на Киев од ЕУ не успеаја да достават ниту милион гранати во Украина во рок од една година, кој самите го поставија. „На крајот, по една година, беа испорачани само околу половина (милион), а остатокот ќе стигне до крајот на оваа година“, рече Рихтер. Тој, исто така, процени дека Северна Кореја најверојатно ѝ испорачала до три милиони артилериски куршуми на Русија. „Можеби не е одлучувачки, но тоа е значајно снабдување“, вели Рихтер.

САД и Украина велат дека руските сили користат севернокорејски ракети

Во јануари, САД ја обвинија Москва дека користи балистички ракети со краток дострел испорачани од Северна Кореја за да гаѓаат цели во Украина. Ракетите истрелани од Русија имаат дострел од околу 900 километри, изјави портпаролот на американската национална безбедност Џон Кирби. Тој не даде детали за типовите на ракети кои се користат, но графиката која ја сподели Белата куќа ги прикажува балистичките ракети со краток дострел (СРБМ) КН-23 и КН-25.

Украинците подоцна се приклучија на тврдењата дека против нив биле користени севернокорејски проектили, велејќи дека ги испитале остатоците од повеќе од 20 севернокорејски проектили истрелани на нивна територија. Минатиот месец, американската Одбранбена разузнавачка агенција (ДИА) го декласифицира извештајот за кој тврди дека обезбедува фотографски докази за соборените севернокорејски ракети во Украина.

Пјонгјанг сѐ уште е во ривалство со Сеул

Воениот експерт Рихтер вели дека е помалку јасно дали Севернокорејците навистина ѝ ги испорачале ракетите на Русија, иако е „можно да се замисли“ дека некои од нивните постари ракетни системи завршиле во Украина.

Севернокорејците, вели тој, се особено заинтересирани за развој на нови, напредни системи и имаат корист од руската ракетна технологија.

Пјонгјанг, исто така, е внимателен „целосно да не ги исцрпи своите резерви во корист на Русија... бидејќи сакаат да останат подготвени за конфликт на Корејскиот полуостров“, додава Рихтер, мислејќи на актуелните тензии во регионот со Јужна Кореја, Јапонија и со САД.

„И Корејците мора да одржуваат рамнотежа, бидејќи и нивната понуда не е бесконечна“, вели тој за ДВ.

Фотографирање во Пјонгјанг

Бидејќи Русија, исто така, го проширува домашното воено производство, тешко е да се процени точната изведба на севернокорејското оружје. Меѓутоа, руските сили се чини дека имаат иницијатива на првата линија на фронтот и полека ги потиснуваат украинските сили во последните месеци.

Се верува дека и Северна Кореја ги помага воените напори на Москва надвор од бојното поле, а Пјонгјанг, наводно, испраќа работници во Русија и на териториите окупирани од Русија за да ги заменат работниците кои се регрутираат за фронтот.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун приреди спектакуларен настан за добредојде на рускиот претседателФотографија: GAVRIIL GRIGOROV/AFP/Getty Images

Во исто време, севернокорејскиот режим дава и дипломатска поддршка. Од почетокот на војната во Украина, Северна Кореја отворено ја поддржа инвазијата и стана трета земја во светот - по Русија и Сирија - која ги призна отцепените украински региони Доњецк и Луганск како независни држави во јули 2022 година.

Пјонгјанг, исто така, е еден од ретките градови во светот кој сè уште е подготвен да приреди можност за  раскошно фотографирање за Владимир Путин - симболично, но важно оружје во борбата Москва да излезе од меѓународната изолација.

Поблиску до Русија, подалеку од Кина?

Се чини дека лојалноста на Ким Јонг Ун кон Владимир Путин се исплатеше. Не само што Русија сега е подготвена да ја брани Северна Кореја во случај на „агресија“, туку се очекува и да обезбеди енергија и стручно знаење за унапредување на економијата и воениот арсенал на земјата. Воената соработка на Пјонгјанг со Москва сега е веројатно поблиска отколку со нејзиниот традиционален сојузник и заштитник Пекинг.

Аналитичарите веруваат дека поддршката на Русија веќе го охрабри Ким, кој продолжува да ги ескалира тензиите со Јужна Кореја.

„Јасно можеме да видиме промена во однесувањето на Северна Кореја во последно време, кое станува сѐ поагресивно“, изјави за ДВ Хјун Сеунг-су, експерт за односите меѓу Северна Кореја и Русија во Корејскиот институт за национално обединување со седиште во Сеул.

„Апсолутно се согласувам дека Ким сега е поопасен бидејќи е убеден дека има голем и моќен пријател во Русија“, оценува Хјун. „Тој можеби го гледа ова како можност да преземе воена акција против Јужна Кореја. Неодамнешното грубо однесување е многу опасно“.

Сепак, зближувањето со Русија би можело да предизвика Ким да го загуби тлото под нозете во Пекинг, смета Рихтер. Кина е загрижена дека проширувањето на нуклеарниот арсенал на Пјонгјанг може да ги испровоцира САД да го зголемат своето присуство во регионот.

„Не сум сигурен дали Кина е навистина среќна поради овој развој“, вели Рихтер. „Се чини дека тие ќе ѝ сигнализираат на Русија да не оди предалеку и да не го нарушува режимот за неширење на конвенционалното вооружување“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми