1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСеверна Кореја

Како Северна Кореја влијае на војната во Украина

Давид Ел
24 октомври 2024

Сѐ повеќе знаци укажуваат на тоа дека војници од Северна Кореја можеби се борат на страната на Русија во Украина. Киев зборува за нов учесник во војната. Како тоа влијае на динамиката - и што презема Западот?

Владимир Путин и Ким Јонг Ун, Пјонгјанг, 19 јуни 2024 година.
Владимир Путин и Ким Јонг Ун, Пјонгјанг, 19 јуни 2024 година.Фотографија: Vladimir Smirnov/POOL/TASS/dpa/picture alliance

Соработката меѓу Русија и Северна Кореја не е ништо ново. Во јуни годинава рускиот претседател Владимир Путин отпатува во Пјонгјанг за да преговара за безбедносно партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун. Пред средбата се шпекулираше за големи пратки оружје од Северна Кореја, пред сѐ за артилериски гранати. Украинската разузнавачка служба уште во 2023 година известуваше дека ограничен контингент војници од Северна Кореја пристигнал на окупираните територии на Украина.

Наводно 3 илјади севернокорејски војници во Русија

Сепак, меѓусебната соработка се појавува во ново светло откако минатиот петок излегоа информации од јужнокорејската разузнавачка служба според кои Пјонгјанг планира да обезбеди до 12 илјади војници за војната на Русија против Украина.

1.500 од нив се веќе префрлени во рускиот пристанишен град Владивосток, а во меѓувреме тајната служба наведува цифра од три илјади војници кои се наводно веќе таму. Тимот за проверка на факти на ДВ потврди дека снимката обезбедена од службата покажува локации од источниот воен округ на Русија. Ниту од Русија, ниту од Северна Кореја досега немаше официјална потврда на наводите.

Овие сателитски снимки објавени од јужнокорејското разузнавање имаат за цел да го докажат присуството на севернокорејски војници во Русија: ДВ можеше да потврди дека прикажаните бази - како што тврди Јужна Кореја - се наоѓаат во Источниот воен округ на РусијаФотографија: Sopa/Sipa/picture alliance

„Во моментов има малку конкретни информации и многу неосновани шпекулации“, оценува за ДВ Нико Ланге, виш соработник на Конференцијата за безбедност во Минхен, и додава дека „нема сомнежи оти севернокорејски војници се наоѓаат на обука во Русија. Исто така, несомнено градежни тимови на севернокорејската војска веќе некое време, или поточно по посетата на Путин во Пјонгјанг, се активни во окупираните области на Украина“.  Истовремено, Ланге нагласува оти „не треба автоматски да се извлекува заклучок од информациите што моментално кружат дека 12 илјади севернокорејски војници се борат рамо до рамо со Русите во рововите во Украина. Тоа не е она што до сега може да се види“, нагласува Ланге.

Украина од Западот бара помош против новиот сојуз на Путин

Сепак, од украинска перспектива ова е загрижувачки развој на настаните. Додека рускиот претседател Путин неделава се претставува како почитуван домаќин на самитот на БРИКС оваа недела, Киев е загрижен за понатамошната поддршка. Т.н. „план за победа“ на претседателот Зеленски досега не успеа многу да ги придвижи нештата. Украина стравува дека на изборите во САД на почетокот на ноември ќе победи Трамп, кој планира да ја укине помошта со наоружување за Украина и кој неодамна во подкаст дури делумно го обвини Зеленски за руската инвазија.

Зеленски изминатиот викенд јасно стави до знаење дека партнерите на земјата нападната од Русија мора да одговорат на „јасните докази“ и порача дека „не смееме да дозволиме злото да расте. Ако на фронтот видиме севернокорејски војници исто толку често колку што до сега доборуваме ирански дронови, тоа никому на овој свет нема да му е од корист и само ќе ја продолжи војната“, нагласи украинскиот претседател. 

Зеленски и Трамп во Њујорк, септември 2024 годинаФотографија: Shannon Stapleton/REUTERS

Западот реагира воздржано

Од клучно значење е како сега ќе реагираат САД - Вашингтон имено не е само најголемиот поддржувач на Украина, туку и заштитник на Јужна Кореја. САД се и првата членка на НАТО што зборуваше за „доказите“ за присуство на севернокорејски трупи во Русија, меѓутоа, министерот за одбрана Лојд Остин е воздржан. „Што точно прават таму? Тоа допрва ќе видиме. Ако имаат намера да учествуваат во војната во име на Русија, тоа ќе биде многу, многу сериозен проблем“, изјави тој во Рим.

Тоа е проблем кој веројатно најмногу ќе ја погоди следната американска администрација, без разлика дали на чело ќе го има Доналд Трамп, или Камала Харис.

Европа, исто така, веројатно ќе ги сочека резултатите од изборите во САД, оценува Ланге. „Во моментов, не гледам дека големите држави во Европа се здружуваат за да развијат заедничка стратегија. Што сакаме да постигнеме во Украина? Што ќе правиме против самата Русија и нејзините поддржувачи? И како ќе постапиме заедно? Тоа сега се бара“, заклучува Ланге. Портпаролката на НАТО во Брисел рече дека доколку силите се наменети за борба во Украина, тоа би била „значајна ескалација на поддршката од Северна Кореја за нелегалната војна на Русија и уште еден знак за руски загуби на фронтот“. НАТО актуелно расправа за следните чекори.

Фактот што Европа досега не реагираше на наводното испраќање на севернокорејски трупи се смета за „фатален пропуст“ според Родерих Кизеветер (ЦДУ), кој понатаму мисли  дека е итно потребна обединета и одлучна реакција на сила и одвраќање. „Многу европски земји одамна го посакуваа тоа, но Германија мора конечно да го промени својот став“, изјави тој за ДВ. Кизеветер ги повтори барањата да се укинат ограничувањата за дострелот на испорачаното оружје, да се обезбедат дополнителни моќни системи за Украина и да се упати покана за членство во НАТО.

Министерството за надворешни работи на Германија во средата наутро го покани на состанок вршителот на должноста на Северна Кореја и нагласи дека безбедноста на Германија и европскиот мировен поредок се загрозени со поддршката за руската војна. 

Привремена заемна корист за Русија и Северна Кореја

Уште кога се појавија навестувања за продлабочена руско-севернокорејска соработка, ДВ разговараше со Андреј Ланков, професор по историја и меѓународни односи на Универзитетот Кукмин во главниот град на Јужна Кореја, Сеул.

Русија може да извлече корист од оваа соработка со избегнување на мобилизација. „Војната е генерално популарна во Русија, но само додека мнозинството луѓе не се директно вклучени во борбите и војната не влијае на нивниот секојдневен живот“, нагласува Ланков. Во Русија, сè помалку мажи се подготвени да ги ризикуваат своите животи, дури и за финансиските придобивки што ги нудат воените договори.

За возврат, Северна Кореја сака пари и технологија. „Војник со договор во руската армија добива 2илјади долари месечно, со еднократен бонус кој може да биде и до 20 илјади долари. Пјонгјанг би бил задоволен со најмалку половина од таа сума за секој војник“, рече Ланков. Исто така, модерната технологија е многу барана. „Под различни околности, Русија никогаш не би била подготвена да ја сподели технологијата со таква нестабилна земја, но сега нема друг избор“, вели Ланков. Сепак, тој смета дека соработкате нема да биде долгорочна. По завршувањето на војната во Украина, односите ќе се вратат на претходното ниво, бидејќи тогаш Северна Кореја веќе нема да биде економски интересна за Москва.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми