1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаШпанија

Како Шпанија го избегна куршумот на крајната десница

29 јули 2023

Што значи резултатот од изборите не само за Шпанија, туку и за Европската унија, особено за Европската народна партија. А, индиректно и за Македонија. Пишува Љупчо Поповски

Албeрто Нуњез Феихо, лидерот на Народната партија, уште се надева да формира владаФотографија: Manu Fernandez/AP/picture alliance

Пред две недели на ова место пишувавме за маршот на крајната десница во Европа. И дека нејзиниот подем е лоша вест за проширувањето на ЕУ. Речиси без исклучок тие партии не сакаат ЕУ да се шири со нови членки. Европа минатата недела со запрен здив ги следеше изборите во Шпанија – дали моќната земја во ЕУ ќе го поставиобразецот по кој би може да оди Унијата наредната година.Тоа значи класичната десница (во случајот, Народната партија) ќе формира влада со крајната популистичка, па дури и неофашистичка десница (Вокс). Сите анкети одеа во тој правец. А кога новата ѕвезда на популистичкото крајно десно небо, италијанската премиерка Џорџа Мелони на еден митинг ги повика шпанските гласачи на 23 јули да ја поддржат Вокс за да ја „забрзаат промената на политиките на Европа“, таа пророчки објави:„Часот на патриотите пристигна“.

Но Шпанците не мислеа така. Патриотизмот има многу облици. Еден од нив е и да го запреш напредувањето на ксенофобичните партии кои се и против правата на жените, меѓу другото. Како што е Вокс. Најзаслужен за тоа е харизматичниот премиер и лидер на социјалистите (ПСОЕ), Педро Санчез. Наспроти сите анкети, во последните десетина дена од кампањата, тој успеа да ја сведе разликата меѓу неговата партија и ПП на само 1,4 отсто, иако во распределбата на мандатите поради Донтовиот метод таа изгледа поголема, 136 наспроти 122. Најважниот резултат е што Вокс, која на претходните избори во 2019 освои дури 52 пратенички места, сега имаше 600 илјади гласови помалку, што значеше само 33 пратеници.

Пирова победа на Феихо

Еве мал водич што значи резултатот од изборите не само за Шпанија, туку и за Европската унија. А индиректно и за Македонија.

Прво, Народната партија освои најмногу места,но тоа е недоволно за да формира влада, бидејќи и да влезе во коалиција со Вокс ѝ недостасуваат уште седум пратеници од регионалните партии во Баскија и Каталонија. Треба да има 176 пратеници во 350-члениот парламент.

Албeрто Нуњез Феихо, лидерот на ПП, од понеделникот наваму зборува дека има цврста решеност да ги собере потребните пратеници за да формира влада, бидејќи тоа било негова „должност“. Но „должноста“ и постизборната ситуација не е иста работа. Феихо брзо ја обезбеди поддршката на Народната унија на Навара - виртуелен огранок на Народната партија – (таа има еден пратеник), но останатите негови обиди да придобие потенцијални сојузници се удрија во ѕид. И тоа најмногу во оној на неговиот потенцијален коалициски партнер, Вокс. Нејзиниот генерален секретар изјави дека партијата не може да поддржи премиер кој ќе има поддршка од сепаратистите. „Не можете да имате патриотски глас покрај оној на сепаратистичка партија. Тоа е невозможно“. За неколкуте просепартистички партии од Каталонија, кои влегоа во парламентот, и да не зборуваме. Тие велат дека невозможно е да поддржат влада која ќе ја вклучува Вокс.

Лидерот на крајно десничарската партија Вокс, Сантијаго Абаскал на гласачко место на парламентраните избори во ШпанијаФотографија: Andrea Comas/AP/picture alliance

Во овој момент, единствениот начин на кој Феихо може да успее е ако 122-та социјалистички пратеници на Санчез се согласат да не гласаат против неговата хипотетичка кандидатура - фантастично сценарио кое нема шанси да се случи по кампањата во која основната порака на Народната партија беше дека е време да се „укине санчизмот“.

Второ, во ситуацијата кога Санчез има повеќе шанси да формира влада заедно со левичарската партија Сумар (заедно имаат 153 пратеници + оние од Каталонија, Баскија и Канарските Острови), групацијата на која припаѓа ПП – Европската народна партија, бара решенија нејзиниот човек, иако победник да не излезе како голем губитник. Според шпанските прописи, во второто гласање за избор на премиер потребно е да се има повеќе гласови „за“ отколку „против“, што значи дека не е неопходно апсолутно мнозинство, туку некој може да апстинира за да се стигне до влада.

Висок извор од ЕПП за „Еурактив“ изјави дека „идеално е да се формира голема коалиција меѓу ПП и социјалистите“, се разбира со Феихо како премиер. „Шпанскиот народ побара промена, стабилност и дијалог меѓу двете главни политички сили“, вели изворот од ЕПП, но дека „во никој случај Вокс нема да биде дел од новата влада“. Уште подобро би било ПП да формира малцинска влада, а ПСОЕ на Санчез да се согласи на тоа. Но од ПСОЕ ја отфрлија секоја можна таква спогодба.

Трето, резултатот од изборите е голем проблем за лидерството на ЕПП, особено за нејзиниот шеф, Германецот Манфред Вебер. Пред изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни следната година Вебер сакаше коалиција на ПП со Вокс само за да ја собори ПСОЕ од шпанската влада.

Според изворите од ЕПП, Вебер изгуби голем облог бидејќи сметаше дека со победата на Феихо неговите планови во Брисел ќе добијат дополнителна сила. Вебер мислеше дека во Шпанија ќе може да го повтори моделот на Шведска или Финска, но Пировата победа на Феихо ги измеша картите и во ЕПП. Особено што односите меѓу Вебер и шефицата на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен (која, исто така, е од ЕПП) се на историски минимум. Судирот ескалира откако Вебер - со соработка на екстремно десничарските сили во Парламентот на ЕУ - се спротивстави на Законот на ЕУ за обновување на природата, витален дел од Зелениот договор воден од Фон дер Лајен.

Нов идол - Изабел Дијаз Ајусо

Четврто, европската политика е многу покомплицирана и поделикатна отколку што овде има симплифицирани толкувања. Па и со Шпанија по изборите. По неуспехот да обезбеди апсолутно мнозинство (макар и со Вокс) позицијата на Алберто Нуњез Феихо е разнишана. А треперењето се чувствува и во Брисел, иако тој засега е само лидер на опозицијата.

Народната партија во Шпанија има нов идол, претседателката на регионот Мадрид, Изабел Дијаз Ајусо. Оваа десничарска популистика освои апсолутно мнозинство на пролетните избори во Мадрид. Таа веќе го гледа местото на Феихо. Ноќта по објавувањето на конечните резултати, кога пред штабот на ПП Феихо им се обраќаше на приврзаниците, оттаму ги слушна извиците „Ајусо, Ајусо!“

Изабел Диаз Ајусо е новата надеж на Народната партија - на фотографијата со Хозе Луис Мартинез Алмеида по успехот на локалните избориФотографија: JAVIER SORIANO/AFP

Зошто амбициите на Ајусо би биле проблем за Вебер? Изабел Ајусо е блиска соработничка на поранешниот генерален секретар на ЕПП, Антонио Лопез, кој беше исфрлен од Вебер кога го презеде раководството на европската групација. Лопез беше 20 години генерален секретар на ЕПП и сè уште е влијателна фигура во партијата. Победата на Феихо и неговото именување за премиер ќе беше клучниот акт што ќе му помогнеше да Манфред Вебер да го етаблира своето лидерство во ЕПП. Доколку сега Ајусо ја преземе Народната партија, па дури и владата ќе ја смени рамнотежата на моќта во рамките на ЕПП.

Конзервативците и крајната десница

Петто, веројатно верувајќи дека новата влада меѓу ПП и Вокс во Шпанија е неизбежна, сојузникот на Вебер во Германија, лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, истиот ден кога Шпанците гласаа рече дека неговата партија можеби ќе работи заедно со екстремната десница од Алтернатива за Германија на општинско ниво.

Тоа би значело револуционерна промена во германската политика и веднаш предизвика остри критики, дури и во неговата партија.

Германските етаблирани партии одамнаотфрлаат каква било соработка со АфД која има ксенофобична политика и ги негира климатските промени, и во последните месеци се искачи на втората позиција во националните анкети. Мерц тврди дека оваа можна промена се однесува само на локално ниво.

„Локалната политика е различна од државната и федералната политика“, рече Мерц во интервју за јавниот радиодифузен сервис ЗДФ како реакција на неодамнешните победи на АфД на локално ниво во источна Германија. Иако нагласи дека не може да стане збор за соработка во федералната влада.

Градоначалникот на Берлин од ЦДУ, Кај Вагнер, веднаш напиша на Твитер: „ЦДУ не може, не сака и нема да соработува со партија чиј бизнис модел е омраза, поделби и исклучување“. Многу влијателниот член на ЦДУ, Норберт Ретген, го потсети Мерц дека партијата „донесе обврзувачка одлука да ја забрани соработката со АфД без никакви ограничувања...“ Членката на раководството на ЦДУ и лидер на женската група Анет Видман-Мауз, беше уште поостра: „Партијата и нејзините нечовечки и антидемократски содржини остануваат исти, без разлика на кое ниво. Без релативизација, без тривијализирање, но јасно не за десничарските екстремисти“.

Социјалистичкиот премиер Педро Санчез уште има шанса да формира влада и покрај поразот на изборитеФотографија: Emilio Morenatti/AP Photo/picture alliance

Шесто, Санчез сепак успеа да добие уште една шанса да ја води Шпанија, иако не е сигурно дека тоа може да му успее и ќе се оди на нови избори. Санчез како премиер има релативно силно економско досие. Владата во заминување успеа да ја скроти инфлацијата и покрај нејзините раскошни социјални политики, да ја намали ендемично високата невработеност и да поттикне постојан раст. БДП се зголеми за 5,5% и во 2021 и во 2022 година, со што Шпанија стана една од најуспешните економии во еврозоната. Оваа година може да се очекува понизок раст, главно поради ефектите од војната во Украина. Но, не е сѐ така розово. Невработеноста останува на 12,7% - една од највисоките стапки во Европската унија - иако реалната невработеност е веројатно помала, бидејќи многу работници можеби заработуваат за живот во сивата економска зона.

Втората причина зошто Санчез е во посилна позиција од неговите противници е посуштинска. Предвремените избори беа врамени како еден вид Kulturkampf, војна на вредности меѓу католичкиот конзерватизам и прогресивниот лаицизам, како што напиша Шломо Бен-Ами, поранешен израелски министер за надворешни работи и потпретседател на Меѓународниот центар за мир, Толедо.

Десницата мобилизираше поддршка со обвинување против Санчез дека ги напаѓа традициите и вредностите што им се драги, како што се проширување на правата за абортус, воведување прогресивни закони кои ги поддржуваат правата на трансродовите лица и усвојување на законот „само да значи да“ за сексуална согласност. Вокс, наспроти тоа, го негира самото постоење на родово базирано насилство.

Десницата не може да се помири со обидите на Санчез да ја исчисти Шпанија од остатоците од наследството на Франко. Владата на Санчез нареди префрлање на посмртните останки на Франко од мавзолејот во Долината на паднатите на поскромна локација и донесе закон за да се обезбеди „правда, репарација и достоинство“ на жртвите на Франко.

Таборот на Санчез предупреди дека коалицијата ПП/Вокс ќе ја одведе Шпанија назад во нова ера на темнина и поделба која потсетува на 1936-39 година, кога земјата беше растурена од граѓанска војна предизвикана од каталонскиот и баскискиот сепаратизам. ПСОЕ имаше деликатен однос со каталонските сепаратистиво досегашната влада обезбедувајќи ја нивната поддршка. Што би требало да значи дека можеби ќе најде начин како повторно да владее. Но политиката, како што рековме, навистина е деликатна и некогаш она што изгледа највозможно може брзо да пропадне.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми