1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Како Трамп го засака биткоинот

АРД
14 ноември 2024

По изборната победа на самопрогласениот „биткоин претседател“ Трамп, криптовалутата урива рекорд по рекорд. Зад љубовта на Трамп кон биткоинот се кријат и лични финансиски интереси.

Доналд Трамп  биткоин
Како Трамп го засака биткоинотФотографија: Alex Brandon/AP/picture alliance

На пазарот со крипто-валути владее еуфорија. Откако Доналд Трамп беше избран за нов претседател на САД, за биткоинот нема застој. Крипто-валутата урива рекорди, забележувајќи го последниот утринава со 90.647 долари. Од нејзиниот пад на 38.505 долари на 23-ти јануари, најважната и најстара сајбер валута  бележи повеќе од двојно зголемување на вредноста.

Класична „Трамп трговија"

Криптовалутата  сега се движи кон 100 илјади долари, а експерти како Роберт Ретфелд од Веленрајтер инвест поаѓаат од тоа дека психолошки важната граница наскоро би можела да биде достигната. Со оглед на големиот пораст на вредноста на биткоинот, познавачите на пазарот зборуваат за класична „Трамп трговија“. Па така криптопазарот се смета за еден од најголемите добитници од победата на Трамп. „Иднината на криптовалутите никогаш немала подобри изгледи од денес“, вели Крис Марзалек, шеф на втората по големина берза за криптовалути во светот на платформата X.

САД да станат „крипто-центар на планетата“

Со Трамп на чело, сега е претседател еден кој дури неодамна, но затоа пак уште поинтензивно откри љубов за  дигиталните валути.  Летоска Републиканецот на една национална конференција за биткоин се самопрогласи за „биткоин претседател“ и најави дека ќе ги направи САД „крипто-центар на планетата“. За таа цел, Трамп сака да ја олабави  регулативата за криптовалутите.  Тој планира да формира „Одбор за биткоин и крипто“ уште во првите 100 дена од владеењето. Негова задача ќе биде да развие јасни насоки за регулирањето на браншата.

Какви се шансите на „крипто-мама“?

Трамп неколку пати изјави дека еден од првите потези на власт ќе биде разрешувањето на шефот на Комисијата за хартии од вредност, Гери Генслер, поради неговата крипто-фобија. Во пракса тоа е тешко спроведливо, но вообичаено шефовите на ова тело самите се повлекуваат од функцијата уште пред доаѓањето на новиот претседател. Хестер Пирс има добри изгледи потоа да го преземе раководењето со оваа институција. Комесарката назначена од Трамп во 2018 година се прослави во браншата како силен застапник за пофлексибилен и поиновативен регулаторен пристап за криптовалутите, па така се здоби и со прекарот „крипто-мама“.

„Национални резерви биткоини“ за кризни времиња?

Трамп покрај тоа најави и дека ќе создаде „национална резерва“ од биткоини и дека со тоа ќе создаде „национално богатство од кое ќе имаат корист сите Американци“. Со поимот „национална резерва“ Трамп свесно алудира на веќе постоечките стратешки резерви во злато и нафта на државата и на тој начин сугерира стабилност во можни кризни времиња.

Ако администрацијата на Трамп навистина создаде национална резерва во биткоини, тоа ќе биде „историски ден за американската монетарна политика, кога ќе испарат и последните задршки во однос на одржливоста на биткоинот“, прогнозире пазарниот аналитичар Константин Олденбургер од ЦМЦ Маркетс. Но, колку е разумно за стабилна развиена земја како САД да прават резерви со биткоини? Огромното мнозинство економисти сметаат дека ова е апсурдна идеја. Особено што САД се татковина на светската валута за резерви – доларот.

Резерва со биткоини би била конкуренција за доларот

Недостатоците на биткоинот како дополнителна стратешка резерва се очигледни - сајбер валутата е многу помалку ликвидна од доларот и не е насекаде призната како средство за размена. Покрај тоа, курсот на биткоинот многу флуктуира. Затоа биткоинот наспроти доларот, но и златото, тешко дека е погоден како депозит на вредност. „Од перспектива на американската влада е бесмислено да се гради биткоинот како втора валутна резерва покрај американскиот долар“, нагласува Роберт Ретфелд од Веленрајтер инвест. „Во тешки времиња гаранцијата на ФЕД резервите за ликвидноста на доларот е важна и за другите централни банки“, вели експертот и додава дека протекционизмот од агол на гледиште на САД значи и одржување на американскиот долар како светска резервна валута.

World Liberty Financial - крипто проектот на Трамп

Но, дали Трамп во носењето на своите одлуки воопшто ќе ги има интересите на САД во фокусот, е спорно. Милијардерот има сосем личен интерес за подобрување на пазарот за криптовалути. Тој не само што ќе им се оддолжи на своите поддржувачи од криптозаедницата, кои финансирањето на неговата изборна кампања го помогнаа со износ од над 140 милиони долари, туку и самиот Трамп има лични финансиски интереси.

По изборната победа на самопрогласениот „биткоин претседател“ Трамп, криптовалутата урива рекорд по рекордФотографија: Daniel Kalker/picture alliance

Пред три години биткоинот за Трамп уште беше „измама“, но од тогаш направи пресврт од 180 степени, кој се гледа и во неговите бизниси. Во октомври годинава започна Ворлд Либерти Фајненшл, криптопроект „инспириран од Доналд Трамп“. Засега тоа е само едноставна веб страница, продажба на истоимен токен со кратенката ВЛФИ и многу ветувања.

Трамп како „главен крипто-застапник “

Според веб-страницата, синовите на Трамп - Ерик Трамп, Барон Трамп и Доналд Трамп Јуниор - ја имаат функцијата „амбасадори на Веб3“. Исто толку нетранспарентна како работните задачи на синовите на Трамп, е и  улогата на Доналд Трамп  како „главен крипто-застапник“, настрана од прашањето дали таквата функција е компатибилна со функцијата претседател на САД. Експертите од стручниот свет жустро расправаат за крипто -проектот на претседателот бидејќи веќе може да се купи токенот ВЛФИ, но не може со него да се тргува. Токенот е „непренослив“. Па така купувањето на токенот е фактички како донација, а за возврат купувачите добиваат непрецизно објаснето „право на одлучување“ во однос на Ворлд Либерти Фајненшл.

Приходот од токенот треба да оди за „внатрешниот круг“

Всушност, токенот досега е неуспех, со оглед на тоа дека според вебстраницата се продадени само 1,09 милијарди токени, што е само мал дел од зацртаните 20 милијарди. Вредноста на продадените токени изнесува околу 16 милиони долари, што е далеку под посакуваните 450 милиони долари. Но, што ќе се случи со парите доколку наспроти очекувањата токенот стане успешен и се продадат сите токени? Одговорот на ова прашање е во „ситно печатените пасуси“ кои кај ВЛФИ се викаат „златен документ“. 30 милиони долари треба да бидат користени за тековните трошоци, а остатокот од околу 420 милиони долари би бил поделен на „блискиот круг“ составен од „првите поддржувачи“.

Критичари на Трамп: ВЛФИ е „провидна измама“

Најголемиот профитер од ова би бил Трамп. Постојат тврдења дека 75 проценти од приходите се одлеваат во компанијата ДТ Маркс ДЕФИ ЛЛЦ, која е во сопственост на идниот претседател на САД. Хеџ-фонд менаџерот Ентони Скарамучи во интервју за КоинДеск зборува за „јасна измама“. Скарамучи за време на првиот мандат на Трамп во краток период беше шеф за комуникации во Белата куќа и од тогаш е еден од најжестоките критичари на Трамп. Самиот Трамп токенот ВЛФИ во изјава за платформата X го опиша како „ваша можност“ да ја „обликувате иднината на финансискиот свет“. Можеби ВЛФИ е сепак повеќе „ваша шанса“ да ја обликувате иднината на финансиите на Доналд Трамп.

Автор: Ангела Гепферт, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми