1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Како Трамп ја прекројува глобалната енергетска карта

АРД
18 март 2026

Американската стратегија за „енергетска доминација“ ги пренасочува светските нафтени текови, ги засилува домашните компании и ја таргетира Кина како клучен конкурент.

Пумпа на наоѓалиште на нафта во САД
Прво Венецуела, потоа Иран: Експертите се сомневаат дека постапките на Трамп се дел од стратегијата за пренасочување на глобалните текови на нафта и ослабување на конкурентската КинаФотографија: Odessa American/AP/dpa/picture alliance

Американската нафтена индустрија – особено компаниите за хидраулично фрактурирање (фракинг) – се меѓу најголемите добитници од ескалацијата на конфликтите со Иран и претходниот притисок врз Венецуела. На тоа укажува и самиот американски претседател  Доналд Трамп,  кој неодамна изјави дека повисоките цени на нафтата се финансиски „добри“ за САД, нагласувајќи дека земјата е најголем светски производител на сурова нафта.

САД - најголем производител и нето‑извозник на нафта

САД произведуваат повеќе нафта од која било друга држава. Од 2020 година, земјата е и нето‑извозник на нафта и нафтени деривати.

Во 2025 година, американските рафинерии извезувале нето околу пет милиони барели преработени производи дневно – бензин, дизел и керозин.

Фракинг-индустријата профитира од високите цени

Во САД, високите цени на нафтата им одговараат на производителите, рафинериите со извозен бизнис, операторите на гасоводи и, особено, на компаниите кои работат фракинг. Според Федералната банка Далас, новите фракинг‑бунари стануваат исплатливи дури при цена од 60-70 долари за барел, зависно од регионот. Цените околу 100 долари – какви што се забележаа на глобалните берзи – го забрзуваат профитот на фракинг‑компаниите.

Бројот на активни бушотини во САД веќе бележи раст: според „Бејкер Хјуз“, во првите две недели од март бројката се зголеми од 407 на 412. Ако цените останат високи, трендот веројатно ќе продолжи.

Проценките за производството растат

Аналитичарот од Комерцбанк, Карстен Фрич нагласува дека во краток рок САД нема да пуштат многу дополнително количество на пазарот. Според американската енергетска агенција ЕИА, значајно зголемување на американското производство ќе се почувствува дури кон крајот на годината, а во 2027 би можело да достигне 13,8 милиони барели дневно.

Домашен политички ризик: раст на цените на бензинот

Но високите цени на нафтата имаат и темна страна за администрацијата во Вашингтон. Тие ја оптоваруваат домашната економија, компаниите и потрошувачите – односно гласачите. Просечната цена на бензинот минатата недела достигна 3,60 долари за галон, од 2,90 долари пред почетокот на конфликтот. А Трамп во кампањата ветуваше  пониски енергетски трошоци.

Енергетската доминација како централна стратегија

Нападот врз Иран  совршено се вклопува во Трамповата стратегија за „енергетска доминација“. Само еден ден пред наредбата за напад, Трамп во Тексас рече дека САД мора да го зацврстат статусот на „водечка енергетска суперсила“. Во земјата тоа се постигнува преку максимално искористување на фосилните ресурси – политиката „Drill, baby, drill“.

Нападот врз Иран совршено се вклопува во Трамповата стратегија за „енергетска доминација“Фотографија: AFP/B. Smialowski

Но оваа стратегија не се ограничува само на домашната политика. Многу аналитичари неговите надворешнополитички потези – вклучувајќи ги конфликтите со Венецуела и Иран – ги толкуваат како обиди да се пренасочат  глобалните нафтени текови  во корист на САД.

Зошто венецуелската нафта е важна

„Вол Стрит Џурнал“ објави дека увозот на венецуелска нафта во САД достигнал највисоко ниво во последната година.  Нафтата од Венецуела  е атрактивна за рафинериите на брегот на Мексиканскиот Залив, бидејќи нивната технологија е оптимизирана за преработка на потешки, посулфурни видови сурова нафта.

Кина – најголемиот купувач на иранска нафта

Вашингтон очигледно сака да ги врати венецуелската и – во случај на промена на режимот – иранската нафта на глобалниот пазар, но под услови што ќе ги контролира САД. Тоа директно го таргетира  најголемиот купувач: Кина,  која во 2025 година купувала најмалку 80 проценти од иранската нафта, околу 1,38 милиони барели дневно.

Поради санкциите, Техеран и Каракас продаваа по намалени цени, што му заштеди милијарди долари на Пекинг. Пренасочувањето на тие текови значително би го поскапело снабдувањето на Кина.

Кинески резерви какви што досега немало

И покрај тоа, Пекинг не е целосно неподготвен. Кина масовно ги зголеми нафтените резерви – само минатата година ги зголеми залихите за повеќе од 400 милиони барели. Според „Бернстин Рисрч“, кинеските резерви достигнуваат околу 1,4 милијарди барели, а според некои анализи дури над два милијарди. За споредба, американските стратешки резерви пред почетокот на конфликтот со Иран изнесуваа 415 милиони барели.

Нафтата како инструмент на моќ

Трамп сака да ја обезбеди американската енергетска супериорност и преку тоа да ги ослаби геополитичките конкуренти. Но Кина, со рекордни резерви и агресивна стратегија за снабдување, нема да му го олесни патот. Светскиот пазар на нафта станува централно поле на новата геополитичка пресметка.

Автор: Ангела Гепферт, АРД

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми