1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Турција планира да ги искористи промените во Европа

АРД
29 март 2025

Кризата меѓу Европа и САД ја погодува и Турција. Анкара ги гледа промените како неочекувана шанса - и сака да биде дел од нови сојузи.

Турција предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган (на фотографијата) очигледно се гледа себеси како добитник од пресвртот во трансатлантските односи
Турција предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган (на фотографијата) очигледно се гледа себеси како добитник од пресвртот во трансатлантските односиФотографија: Emin Sansar/Anadolu Agency/picture alliance

Турција очигледно се гледа себеси како профитер од пресвртот во трансатлантските односи. Упатените во моментов велат дека Анкара чувствува дека нејзините европски партнери сега ја сфаќаат сериозно. Пред сè, затоа што земјата се гледа себеси како вклучена во важни настани. На пример, кога на почетокот на март се одржа самитот за Украина во Лондон, на кој присуствуваше и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.

Ова е само еден од неколкуте примери кои покажуваат: Турција е призната и е рамноправен партнер. Од перспектива на претседателот Реџеп Таип Ердоган, тоа е логична последица, Турција знае дека има добра почетна позиција во процесот кон нов европски безбедносен поредок, вели Улрих Шли, политиколог и експерт за безбедносни и стратешки студии на Универзитетот во Бон, додавајќи: „Гледаме (...) дека Турција игра до крај и ќе продолжи да го прави тоа додека Европа слабее“.

„Џинот е пуштен од шишето“

Во Турција се смета за сигурно дека европските партнери во НАТО ќе мора повторно да се сортираат. Зашто, како што изјави за Т24 експертот за надворешна политика Барчин Јинанц: „Дојде време ние во Европа сами да се грижиме за себе од сега па натаму, дури и ако САД останат во НАТО“. А, министерот за надворешни работи Фидан тоа го сумираше во интервју за Фајненшл Тајмс. Другите партнери во НАТО повеќе не можат слепо да се потпираат на САД: „Џинот е надвор од шишето и нема начин да се врати назад“, рече тој. 

Ердоган и шефот на дипломатијата на Русија, Лавров: Турција ја поддржува Украина – додека одржува блиски односи со РусијаФотографија: DHA

„Не без нас!

Тоа во Брисел е познато одамна. Но, каква улога ќе ѝ се дозволи на Турција во ова е сѐ уште отворено прашање. Претседателот Ердоган посочува дека неговата земја во моментов има најголема армија во НАТО по САД. Ако сега има огромна програма за вооружување во ЕУ, треба да се вклучи и неговата земја, нагласува тој.

Според мене, програмата на европската одбранбена индустрија во рамки на Унијата треба да биде отворена за сите европски сојузници, порачува тој.

Впрочем, се работи за заеднички интереси. Покрај тоа, Турција ја поддржува Украина - иако во исто време одржува блиски врски со Русија. А, Турција има што да понуди: Ердоган со години го турка напред во својата земја она што беше очигледно запоставено во ЕУ - развојот на сопствената одбранбена индустрија.

„Влијанието на Турција ќе расте“

Затоа, поблиска интеграција на Турција во идната безбедносна структура би можела да биде исплатлива. Не само за да би се имало подобра позиција во однос на Русија. Блискиот исток моментално е во фаза на реорганизација - исходот е отворен. Меѓутоа, она што е сигурно е дека од соборувањето на владетелот Башар ал Асад, руското влијание во Сирија, а со тоа веројатно и во целиот регион, се намали, а тоа е празнина што Турција ќе продолжи да ја пополнува, како што веќе го прави, вели политикологот Шли. „Сè уште немаме јасна геополитичка ориентација на регионот, но ќе видиме посилно турско влијание“. За тоа, вели, сведочат добрите односи со новите владетели во Дамаск.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан присуствуваше на состанокот за Украина во Лондон на почетокот на мартФотографија: Ahmed Hasan/AFP

Прашање кое се повторува: членство во ЕУ

Ердоган очигледно ја користи шансата и се обидува да го искористи своето влијание врз геополитичките случувања. Тој постојано бара полноправно членство во ЕУ, а за возврат треба да го промени својот став кон Турција, вели пријателот на таа земја Насими Агаев, амбасадорот на Азербејџан во Германија. Европа повеќе не може да си дозволи да биде селективна, бидејќи „стабилноста во Турција значи и стабилност во Европа“.

Турција, од своја страна, се чини дека се приближува кон исполнувањето на барањата на ЕУ. Мировниот процес со ПКК, организацијата класифицирана како терористичка, се чини дека напредува. Има дури и шпекулации дека Селахатин Демирташ, поранешниот претседател на ХДП (сега ДЕМ), во која доминираат Курдите, би можел да биде ослободен, нешто што Европскиот суд за човекови права долго го бараше. Турските новинари јавуваат дека Европската комисија се согласила да ја продолжи соработката со Турција. На почетокот ова веројатно ќе вклучи олеснување на визниот режим и проширување на царинската унија - наместо полноправно членство. Во крајна линија, меѓутоа, Европската унија и Турција би можеле значително да се зближат поради кризата поврзана со НАТО.

Автори: Уве Луеб и Мехмет Уксул, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми