1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како важна бугарска тема делумно се покрива со „Македонија“?

31 мај 2023

Аудио снимка од внатрепартиски разговори во ПП предзивика лавина реакции во Софија. Можат ли наводите за руско влијание во бугарските служби, да се сокријат зад друга тема?

Пленарната сала на бугарскиот парламент:
Пленарната сала на бугарскиот парламент:Фотографија: BGNES

Советник на поранешен бугарски премиер открил класифицирана информација за бугарската позиција околу пристапувањето на РСМ кон ЕУ, кога за неа извршил консултација со државен службеник на Северна Македонија. Оваа изјава на претседателот на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС), Пламен Тончев, од вчера предизвикува големо внимание од двете страни на границата. Но, повеќе од самата вест, внимание предизвикува атмосферата и причините поради кои таа е обелоденета.

„Во однос на лицето кое ние го утврдивме, е поведена предистражна постапка, затоа што на странски државјанин - државјанин на Република Северна Македонија му ја доставило на консултации позицијата на Република Бугарија во преговарачкиот процес. Имаме информации дека оваа информација била доставена индиректно - не на амбасада, туку на државен службеник, а потоа било барано таа да биде претставена како официјална информација на Република Бугарија од страна на тогашната министерка за надворешни работи, г-ѓа Генчовска“, рече Тончев, одговарајќи на прашање од пратеници на партиите ИТН и Преродба.

Заради доверливоста на процесот тој не го откри името на советникот, бидејќи пратениците изгласаа седницата да биде отворена, а не затворена. Но посочи дека тоа лице било дел од последниот редовен владин кабинет.

„Можам само да кажам дека тоа лице, од  неговиот службен компјутер извршува специјално бришење, кое благодарение на напорите на експертите беше вратено“, откри шефот на ДАНС.

Но, критиките ги насочи и кон шефовите на посочениот советник.

„Однесувањето на некои министри кои беа во редовниот кабинет, дефинитивно не го заштитуваа националниот интерес. Сите знаат дека постапките на тоа лице (советникот - н.з.) не се направени без согласност на неговиот шеф (премиерот - н.з.)“, изјави Тончев.

Иако тој не го откри името на советникот, тоа го стори пратеникот Тошко Јорданов од ИТН изјавувајќи дека Весела Чернева била советничка за надворешна политика за време на редовниот кабинет на Кирил Петков во 2022 година.

Весела Чернева е под истрага за пренесување бугарски дипломатски информации на македонски државјанин Фотографија: BGNES

Генчовска, која во тој период беше министер за надворешни работи, на предлог на ИТН, во повеќе наврати изразуваше незадоволство, потенцирајќи дека „има сериозни несогласувања меѓу бугарското МНР и надворешно-политичкиот тим на премиерот Петков, за прашањето за евроинтеграциите и преговорите". Во една прилика откри што му порачала на македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи.

„Откако ја презедов функцијата министер за надворешни работи, при првата средба со него мојата прва реченица беше: 'Господине министре комуницирајте само со мене'. За жал тоа не се случи“, изјави Генчовска.

Смена во службите

Но, поважниот дел од приказната - е по кој повод се случи ваквото сведочење на Тончев во парламентот. Неколку шефови на безбедносни служби беа повикани да одговараат пред Народното собрание, откако Радостин Василев избран за пратеник од листата на ПП-ДБ (претходно беше во редовите на ИТН и министер за спорт во владата на Петков) објави снимка од неколкучасовна седница на Националниот совет на ПП, на која се дискутирала можноста за формирање на влада со ГЕРБ-СДС, со ротација на премиери, но и за смени во безбедносните служби за да се исчисти руското влијание.

„Ќе бараме надворешни консултанти да ни помогнат во дел од структурирањето на службите. Овие надворешни консултанти не треба да бидат кои било, туку тоа да ни дава одредена шанса да го исчистиме рускиот актив што навлезе длабоко во службите“, се слуша гласот на Кирил Петков на снимката.

Во отсуство на редовна влада, шефовите на сите овие служби се назначени со укази на Радев, а на некои во меѓувреме и им се обновени мандатите на предлог на бугарскиот претседател.

Асен Василев одговарајќи на прашање, појаснува дека на предлог на премиерот, парламентот ќе одобри нови шефови на ДАНС, главниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Државната агенција „Разузнавање“ (ДАР), Национална служба за безбедност (НСО) Државната агенција „Технички операции“ ( ДАТО) и евентуално на военото разузнавање.

„Тоа ќе бидат наши луѓе, одобрени од амбасадите“, изјави тој.

Од седница на бугарскиот парламентФотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/picture alliance

Последново предизвика пријави за „предавство“ до обвинителството од страна на две националистички партии, и беше побарано сведочење на шефови на служби - дали кадрите се избираат во консултации со странски амбасади.

Тончев во парламентарната дебатата објаснуваше дека именувањата во службите никогаш не било во консултација со амбасади, но и дека Агенцијата самата открила нејзини вработени кои работеле за руското разузнавање.

Повеќе наводи од снимката укажуваат на планови како идната влада да расчисти со руското влијание во Бугарија и дел од нејзините институции. Петков напоменува дека на средбата (со ГЕРБ) се разговарало за опција за импичмент на Румен Радев, но дека таква иницијатива нема да има.

„Најпаметно е да му се тргнат службите, да му се тргнат овластувањата (врз службите), но да се остави таму каде што е. Ако го отповикаме, ќе си започне свој политички проект“, вели Петков, а Асен Василев објаснува дека во таков случај би добиле „прокремљска партија на Радев".

Два дена по обелоденувањето на снимката, Радев, го додели мандатот на номинираниот кандидат за премиер од страна на ПП, академик Николај Денков, но истовремено го повика целосно да ја преиспита целисходноста за негово користење, бидејќи според него тој мандат веќе бил дискредитиран (по објавувањето на снимката).

Оваа изјава на Радев синоќа беше повод за протест од поддржувачи на ПП, со индикативни пораки до претседателот „Овде не е Москва“,и „Бугарија е со Украина“.

Невидливата рака

Во целата таа ситуација, исфрлањето во прв план на случајот со советникот на Петков кој наводно давал доверливи информации на државен службеник од РСМ, во дел од тамошната јавност се толкува како испланиран наратив кој треба да го сврти вниманието од контаминираноста на безбедносните служби - кон партии кои наводно ги изневериле бугарските интереси.

Македонски политичари и аналитичари избегнуваат да даваат јавни оценки „заради екстра-сензитивноста на темата и начинот на кој би можела да биде злоупотребана, со оглед дека засега билатерални, пошироки безбедносни, но и комуникациски аспекти, кои ја засегаат и ЕУ“.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи на почетокот на годината одговарајќи на новинарско прашање дали ќе испрати протестна нота до Бугарија за демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград, кажа оти е време да се стави крај на вициозниот циклус на меѓусебни обвинувања, но тогаш го наведе и влијанието на „невидливата рака“.

Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска на средба во јули 2022 годинаФотографија: BGNES

„Мислам дека треба да ставиме црта, затоа што ова нема да има крај и понатаму ќе ескалираат и ние ќе бидеме вовлечени во вртлогот на нестабилното политичко општество во Бугарија, а за тоа има интерес од политички фактори и други фактори кај нас. За жал имам чувство дека има невидлива рака којашто ги пореметува и поттикнува овие работи и во Бугарија и кај нас. Ние не смееме да потклекнеме на таквите провокации“, изјави Османи.

Весела Чернева, поранешната советничка на Петков, во повеќе јавни настапи се залагаше за унапредување на односите меѓу Скопје и Софија. Таа изјавуваше дека имињата на бугарските клубови во РСМ се избрани на тој начин што ќе ја испровоцираат другата страна. Исто така, предупредуваше дека тензиите во односите на Бугарија и Македонија не само што го прават невозможно внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, туку се во интерес на руските цели. Повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје во почетокот на годинава го оцени како „неумерен гест".

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми