Како во Украина е дочекан новиот мировен план на САД
22 ноември 2025
Украина е подготвена да се согласи на преговори со Русија - и тоа на ниво на шефови на држави. Меѓутоа, формално отстапување на териториите окупирани од Русија не доаѓа предвид. Овој јасен став го изрази заменик амбасадорката на Украина во ОН, Кристина Гајовишин. „Нашата црвена линија е јасна и нема отстапување: никогаш нема да има никакво признавање, ниту формално ниту неформално“, рече Гајовишин на разговорите на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.
Тоа е реакција на „мировниот план“ за прекин на руската војна против Украина, кој, според американските медиуми, го одобрил американскиот претседател Доналд Трамп. Според извештаите, планот од 28 точки е изготвен во тајност во последните недели од високи функционери под водство на специјалниот пратеник Стив Виткоф, во договор со рускиот пратеник Кирил Дмитриев. Документот предвидува, меѓу другото, предавање на целиот Донбас на Русија, вклучувајќи ги и областите кои не се под руска контрола. Украина треба да предаде голем дел од своето оружје, да ја преполови својата армија и да го воведе рускиот како втор службен јазик.
Во меѓувреме, украинскиот претседателски кабинет потврди дека Володимир Зеленски добил го нацртот за „мировниот план“ од САД. Тој наводно има намера да разговара за него со претседателот Доналд Трамп во наредните денови.
„Сосема неприфатливо“ и за опозицијата на Украина
Олександр Крајев, експерт за Северна Америка од институтот Украинска призма, вели дека претседателскиот кабинет ги презел сите комуникации со Вашингтон и сè уште чека официјална изјава од американската влада за точната содржина на планот. „Не е сосема јасно: дали тој план навистина доаѓа од Белата куќа, дали посебно го изработил Виткоф и е поддржан од Трамп, или доаѓа од Стејт департментот?“ Односот кон Трамп и САД „е доста кревок. Еден погрешен збор, една погрешна изјава од Украина веднаш би предизвикала силна негативна реакција од другата страна на Атлантикот“, вели експертот. Затоа Киев сè уште не дал никаква официјална изјава за планот.
Опозициските политичари во Украина предупредуваат дека предлозите што циркулираат во медиумите содржат елементи кои речиси без ограничување одговараат на руските барања: формална потврда за руската окупација на истокот од Украина, сериозни ограничувања за украинската армија, посветеност на земјата на неутралност без вистински безбедносни гаранции, забрана за слободен избор на сојузи и уништување на украинскиот идентитет.
Трамп пишува што вели Путин
Олексиј Гончаренко, претставник на опозициската фракција Европска солидарност и претставник на Украина во Парламентарното собрание на Советот на Европа, остро го критикува планот на американската влада. „Најважната гаранција за Украина, како и за која било друга земја, се нејзините сопствени вооружени сили. Русија сака да ја ослабне нашата армија за целосно да ја уништи Украина во следниот напад“, рече тој во интервјуто за ДВ. Некои работи се апсолутно неприфатливи за украинското општество, додава опозицискиот политичар.
Арсениј Јацењук, кој беше премиер од 2014 до 2016 година, а денес го води Киевскиот форум за безбедност, верува дека заедничкиот „мировен план“ на САД и Русија не е ништо повеќе од она што Владимир Путин и Доналд Трамп веќе го дискутираа во август во Енкориџ, Алјаска. „Ништо од она што сега се претставува како наводно нов мировен план нема никаква врска со мирот. Тоа е план за постепена капитулација на Украина. Сите тези за тој таканаречен 'мировен план' не се ништо друго освен ставовите на Путин кои тој ги изрази пред речиси четири години“, рече Јацењук според агенцијата Интерфакс-Украина.
Дали Украинците се подготвени за пораз?
Набљудувачите во Украина веруваат дека најавата на таков „мировен план“ може да има за цел да го тестира расположението кај украинското население. „Очигледно, лансирањето во медиумите е тест за да се види колку Украинците се уморни од војната и до кој степен се подготвени да се покорат“, напиша Ирина Херашченко, копретседателка на парламентарната фракција на опозицијата Европска солидарност на Фејсбук.
И Олександр Крајев од Украинска призма претпоставува дека американскиот претседател и неговиот круг сакаат да ја тестираат украинската јавност и меѓународните партнери на Украина за да откријат за какви отстапки се подготвени. „Не знам дали Американците навистина би ризикувале односи со Европејците во случај на силен отпор“, изјави Крајев за ДВ. Главниот проблем на „мировниот план“ е што не ја исполнува централната цел за која зборуваше Трамп - прекин на огнот.
Психолошка војна против Украина
Поранешниот украински амбасадор во САД, Валери Чалиј, не верува дека ова се конечни предлози. „Доколку ова беше конечниот ’план на Трамп’, тој барем ќе ги информираше членовите на Конгресот и важните европски престолнини, што очигледно не се случи. Значи, нема потреба за паника. Во моментов, ова е ’план Дмитриев-Виткоф’, кој засега нема шанси да се спроведе“, напиша Чали на Фејсбук. Според него, САД сакаат да го искористат овој потег за да постават рамка за идни компромиси.
Валери Пекар, експерт и коосновач на граѓанската платформа „Нова Крајина“, е убеден дека - покрај воениот притисок на бојното поле - Русија се стреми и кон дестабилизација на украинското општество. „Мировните планови“ се презентираат со цел психолошки да се влијае врз народот на Украина и да се ослабне. Пекар нагласува: „Секој план и сите преговори ќе пропаднат ако Европа не е на масата за преговори. Оваа позиција ја поддржуваат и САД, кои сакаат да и ја префрлат целосната одговорност за сопствената безбедност на Европа. Поразот на Украина не би му донел на Трамп никаква политичка корист, туку сосема спротивното“.