1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Жарко, Стојанче и Васил се вгнездија во нашите животи

1 април 2026

Црната хроника го смени нашиот колективен менталитет и направи од просечниот граѓанин на Македонија публика жедна за крв и сензација. Каква е улогата на медиумите во тоа? Пишува Соња Крамарска

Македонија влезе во зоната на држави кои се хранат со црна хроника како доминантен дел од животите на населението.Фотографија: Wavebreak Media LTD/IMAGO

Македонија влезе во зоната на држави кои се хранат со црна хроника како доминантен дел од животите на населението. Медиумските вести се секојдневно фокусирани на убиства, самоубиства, кражби, корупција и друг вид злоупотреби. Човек ќе помисли дека ништо друго не се случува во државата. Ако ги пребарате медиумите ќе видите дека најспомнувани имиња покрај тие на политичките првенци, се  Васил (момчето што ја прегази младата Фросина),  Стојанче (сопругот што ја малтретираше сопругата која се самоуби себе и ќерката)  и Жарко (човекот што изврши убиство во Охрид за да не му раскинат договор за големо наследство). Има и други и тие се сите главни ликови во разни видови криминал.

Тоа не е ништо ново, и сосема е типично за држави во застој и држави кои не се развиваат со доволна брзина, властите и институциите под нивна контрола со изговор за транспарентност од минута во минута да лиферуваат црни вести.

Деновиве речиси сѐ друго беше потиснато освен вестите за судењето на сопругот на  несреќната жена која се фрли од зграда и која за жал во смрт со себе ја однесе и својата малолетна ќерка. Секој збор на обвинителката и на мајката на жртвата педантно се бележеше и се објавуваа вести во низа, а гладната јавност за сензации целосно се посвети на нивно толкување и предлагање казна за насилникот. Секој удар, секој крик, секоја неизустена молба на малото девојче фатено во ураганот на бруталноста на родителите, се најде во медиумите. Етички – не, сензационално – да.

Така беше и за  пожарот во Кочани, за серискиот убиец од кумановско, убиството на младата жена од Велес и нејзиниот татко од страна на нејзиниот вонбрачен сопруг, најновото убиство во кавадаречкото село Росоман и убиството од користољубие во Охрид, за сообраќајната несреќа во која беше прегазена младата Фросина, и редица други случаи, со кои македонската јавност се буди и заспива секој ден.

Хипер продукцијата на такви вести, а бездруго и нивната неспорна консумација, е истовремено и вивисекција на отворено, на нашето општество кое сѐ уште го бара својот пат, јавна обдукција на нашиот менталитет, и сецирање на духот на просечниот граѓанин на Македонија кој претпочита да се храни со несреќата на другиот наместо со сопствената среќа. Колективниот плач води до општа психоза и до анестезија за сѐ друго што се случува во општеството но кое останува под радарот на јавноста.

Потребен е баланс

Никој не бара ниту посакува цензура, но бездруго е потребен баланс на вестите кои што секојдневно им се сервираат на граѓаните. Затоа што вакви какви што се, го обликуваат нивното расположение и го зацврстуваат менталитетот на таблоидно општество. Општество кое многу наликува на Србија и тамошната склоност кон пласирање на вести од црна хроника како замена за други вести кои може да ја вознемират или разнишаат власта.

Интересирањето на публиката за вести од криминал, убиства и трагедии не е одлика на новата доба. Тоа постои отсекогаш и иако често таквите случаи не се од јавен интерес, новинарството се приклонува кон жедта на публиката за сензации и обилно ги пласира таквите вести. Многу често новинарите, притоа, ги преминуваат професионалните граници, ги кршат етичките стандарди и се натпреваруваат кој прв ќе објави снимки со траги од крв, чевел на жртвата што била прегазена или жртва на плочникот прекриена со ќебе. Тоа го правдаат со интересот на публиката, но ако се водиме само според тој критериум работите ќе отидат во несакан правец. Публиката сигурно би била заинтересирана да гледа како некој шета гол по улица, но тоа не значи дека медиумите треба да го снимат и објават од сите можни агли.

Мега продукцијата на црни вести, полициски и обвинителски извештаи, инаку е познат механизам за контрола на агендата на медиумите, за да нема време и место за критика на моќницитеФотографија: Fotostand/Gelhot/picture alliance

Во такви услови вестите за достигнувањата, културата, иновациите остануваат на маргините на општествениот интерес. Иако е невозможно да не постојат во нашата заедница од еден и пол милион луѓе. Но за нив не дознаваме. Преферирањето на црната хроника, од друга страна, многу често води кон глорифицирање на ликови кои се на темната страна на општеството. И стануваат пример за младите. Не толку одамна имавме случај со криминалец кој стана популарен меѓу женската публика иако се работеше за опасен човек чие место е во затвор.

Портрет што не сакаме да го гледаме

Претераното присуство на црна хроника во јавниот дискурс води и до бришење на границата меѓу нормалното и ненормалното, меѓу доброто и лошото, и станува норма за однесување меѓу граѓанството. Убиствата, злоупотребите, и другите видови криминал се нормализираат и стануваат начин или средство за живот. Така и се случи убиецот во Охрид да добие поддршка на социјалните мрежи откако неговиот син се пожали дека многу брзо биле заборавени неговите добри дела. Такво релативизирање на убиство од страна на заедницата е опасен чин сам по себе, и портретира загрижувачка социјална слика за отсуство на свест за тежината на чинот и потребата тој да биде осуден од сограѓаните како пример за штетно однесување.

Тоа се случува кога општеството ќе се преполни со црна хроника и сѐ останато ќе падне во втор план. Од тој маѓепсан круг тешко се излегува бидејќи во него се вртат и институциите, МВР, обвинителството, судството, и медиумите како корисници на информациите кои им ги сервираат. Затоа што тоа е најлесен и најевтин жанр во новинарството.

Надвор од Балканот, тоа не е баш така. Криминал се случува секаде но нема да го видите на ударните вести на водечките телевизии, а уште помалку судењата кои следат по фаќањето на криминалците. Во развиените држави многу се внимава на балансот меѓу црна хроника, политика, економија и наука. Барем во водечките медиуми, додека во помалите таканаречени локални медиуми некаде владее и правилото „if it bleeds, it leads“. Впечаток е дека кај нас ова правило владее и во водечките медиуми.

Мега продукцијата на црни вести, полициски и обвинителски извештаи, инаку е познат механизам за контрола на агендата на медиумите, за да нема време и место за критика на моќниците. Позната алатка е и за одвраќање или пренасочување на вниманието од други теми кои можат да ја запалат јавноста. Но ајде да не одиме толку далеку.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми