1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Како Киев опстанува без струја и греење

Лилија Ржеутска
16 јануари 2026

Жителите на Киев со денови живеат без струја, греење и вода по руските напади врз енергетската мрежа, додека температурите паѓаат длабоко под нулата.

Над Плоштадот на независноста во Киев на дисплеј е прикажана температура од -19 степени Целзиусови
Над Плоштадот на независноста во Киев на дисплеј е прикажана температура од -19 степени ЦелзиусовиФотографија: Sergei Gapon/AFP/Getty Images

Масовните руски напади врз енергетските постројки предизвикаа тешки прекини на струја, греење и водоснабдување во Киев и околните населби. Илјадници домаќинства веќе со денови се без основни услови за живот, додека температурите во украинската престолнина достигнуваат големи минусни вредности.

Според строгите ротации кои ги воведоа локалните власти, струјата во деловите на Киев се исклучува со часови. Околу 400 станбени блокови воопшто немаат греење, а на некои места нема ни проточна вода.

Украинската премиерка Јулија Свириденко во парламентот соопшти дека на левиот брег на Дњепар има три до четири часа струја, по што следуваат девет до десет часа прекин. „На десниот брег има пет часа струја, па пет часа прекин“, рече таа и вети подобрување во наредните денови – доколку нема  нови напади.

Киев критикуван за слабата подготовка

Украинската влада остро критикува дека главниот град не се подготвил доволно за грејната сезона под  воени услови.

Итни поправки на електричен далновод по руските нападиФотографија: Dan Bashakov/AP Photo/picture alliance

„Харков се подготви –  таму има мобилни котли и генератори. Киев стои многу полошо, би рекол – воопшто не се подготви. Затоа сега мора да преземеме кризно управување“, изјави поранешниот премиер и сегашен министер за одбрана Денис Шмихал пред гласањето за неговата номинација за министер за енергетика.

Повеќето жители остануваат во градот

По масовните напади во ноќта кон 9 јануари, градоначалникот Витали Кличко ги повика граѓаните кои имаат можност  привремено да го напуштат градот.  Некои навистина го напуштија градот, но многумина решија да останат – дел поради работа, дел затоа што состојбата во предградијата е уште потешка.

Една корисничка на „Фејсбук“, Јулија Деткова, пишува дека во нејзината викенд-населба луѓето пет дена се  без струја,  а целиот систем – вода, греење и готвење – зависи од електрична енергија. „Свесно решив да останам во градот. Одењето на село не е решение за мене“, вели таа.

Учителката Свитлана за ДВ објаснува дека останала во Киев бидејќи училиштето каде работи е и засолниште за учениците: „Имаме гасно греење и генератор. Дома пак имаме силна батериска станица што ја снабдува целата куќа. Денес е многу подобро отколку во 2022.“

Како се греат луѓето: дебела облека, ќебиња, термофори

На 14 јануари Витали Кличко повтори дека состојбата со струјата и греењето е „крајно тешка“ и дека првпат од почетокот на војната достигнува вакво ниво. Градската кризна комисија расправа за дополнителни мерки за стабилизација.

Луѓе се греат и полнат уреди во шатор во КиевФотографија: Danyil Bashakov/AP Photo/picture alliance

Во меѓувреме, граѓаните меѓусебно споделуваат совети – како да преживеат во студот без енергија. На социјалните мрежи објавуваат фотографии во повеќеслојна зимска облека или завиткани во ќебиња и со неколку термофори.

„Пет дена по ред во станот има само 13–14 степени. Преку ден сум како зелка во слоеви, навечер како ларва во кокон“, пишува Тетјана Печончик од организацијата ЗМИНА.

Под објавата луѓето споделуваат свои трикови: од дебели пижами и јоргани со пердуви, до купување биокамини.

„Конечно повторно имаме греење. Бевме без струја речиси три дена“, пишува Хана Хризенко. Во тој период, таа го полнела мобилниот телефон во шаторите поставени од градот, кои се опремени со генератори и каде што човек може да се загрее. „Досега, не беше толку лошо“, нагласува таа.

Блогерката Ана Непљах раскажува дека во стан со 10 степени се спасува така што го минува денот надвор – на работа, на состаноци – а навечер спие облечена со глава покриена под ќебе. Други велат дека поставуваат шатори во средината на станот за да задржат топлина.

Мобилни „Точки на непокорност“

Државната служба за вонредни ситуации постави 47 шатори низ Киев, достапни 24 часа. Овие „Точки на непокорност“ обезбедуваат топлина, чај, генератори за полнење телефони и интернет - за поврзување за онлајн настава или работа.

Агенцијата за помош при катастрофи поставува шатори во Киев кои имаат електрична енергија и греење благодарение на генераториФотографија: Thomas Peter/REUTERS

Над 9.000 жители веќе ги посетиле, соопштуваат службите. „За викенд доаѓаа многу родители со деца на санки. И покрај ситуацијата, атмосферата беше пријатна“, изјави портпаролот Павло Петров за ДВ.

Големите супермаркети исто така организираат свои „Точки на непокорност“, каде може бесплатно да се наполнат телефони или да се купи топол оброк. На главната и на приградските железнички станици се дели бесплатна храна за најранливите групи граѓани.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми