1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиГерманија

Дојче веле и генеративната вештачка интелигенција

DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge
Мануела Каспер-Клериџ
20 септември 2023

Вештачката интелигенција го менува новинарството. Главниот уредник Мануела Каспер-Клериџ објаснува како ДВ ќе користи вештачка интелигенција и нагласува дека вештачката интелигенција не ја заменува работата на новинарите

Годинава Дојче веле го слави својот 70-ти роденденФотографија: Marius Becker/dpa/picture alliance

Годинава  Дојче веле го слави својот 70-ти роденден. Отсекогаш тежнеевме кон јасна мисија: да ѝ понудиме на нашата публика доверливо, висококвалитетно и независно новинарство.

Во исто време, во текот на децениите ние постојано се развивавме, брзо реагиравме на техничкиот развој и се потпиравме на мултимедијалност. Без разлика дали станува збор за радио, телевизија или социјални медиуми - ние сме таму каде што се нашите корисници. И ние постојано го прилагодуваме начинот на кој работиме како новинари. Но, нашите високи стандарди за квалитет останаа непроменети.

Сега сме исправени пред следната голема промена. Генеративната вештачка интелигенција претставува разорна сила.  Многу индустрии  ќе доживеат или веќе доживуваат значителни промени, а новинарството не е исклучок. Транспарентноста ни е важна, затоа би сакала да споделам со вас размислувања за користењето на генеративната вештачка интелигенција во нашето новинарство.

Новинарите ја произведуваат содржината, а не вештачката интелигенција

Генеративната вештачка интелигенција нема да ја замени работата на нашите новинари. Ако читате, гледате или слушате содржини на ДВ, можете да бидете сигурни дека уредниците на ДВ се одговорни за тоа.

Главниот уредник на ДВ, Мануела Каспер-Клериџ Фотографија: DW/R. Oberhammer

Нашите новинари гарантираат за квалитетот. Нашата заложба за независност, точност, транспарентност, почит, плурализам на мислења и различност се применува без исклучок.

Истовремено, сакаме да истражиме како генеративната вештачка интелигенција може да ја поддржи нашата работа. ДВ веќе користи некои апликации базирани на вештачка интелигенција. На пример, тие ни помагаат да анализираме големи бази на податоци за истражување или да ги преведуваме нашите статии од еден јазик на друг. Нашите новинари вршат контрола на квалитетот.

Можеме да користиме вештачка интелигенција заради подобро наоѓање на содржините на пребарувачите. Во социјалните медиуми, вештачката интелигенција може да помогне за брзо идентификување на говорот на омраза. Титловите за видеа генерирани со вештачка интелигенција ги прават достапни за многу поголем број луѓе. Корисни апликации, кои ја поддржуваат нашата новинарска работа.

Притоа од клучно значење е нашите новинари секогаш да го проверуваат квалитетот на овие апликации пред објавувањето и да обезбедиме транспарентни информации за начинот на кој ја користиме вештачката интелигенција.

Чет-ботовите на база на вештачка интелигенција, како што е ChatGPT, не се сигурни извори на информации. Тие можат да понудат идеи и инспирација, но не и фактички информации. И чет-ботите врз база на вештачка интелигенција прават сериозни грешки. Не постои доволна  транспарентност за тоа од каде ја генерираат нивната содржина. Темелно ќе ги проверуваме резултатите за кои знаеме дека доаѓаат од некој чет-бот. И ќе ги прошириме нашите проверки на факти. Зашто, поради глобалната употреба на генеративната вештачка интелигенција, дезинформациите ќе се намножуваат. Наша работа како новинари е да ја разоткриеме дезинформацијата.

Фотографии генерирани од вештачка интелигенција

Исто така, не гледаме никаква вредност во објавувањето фотореалистични фотографии генерирани од вештачката интелигенција. Кога известуваме за фотографии генерирани меѓу другото и со помош на вештачка интелигенција, конкретно ќе наведеме дека тие не се вистински фотографии. Поинаку е кога станува збор за илустрации или визуелизации на податоци. Употребата на генеративна вештачка интелигенција тука може да биде од помош.

Внимавајте на измами со вештачка интелигенција!

00:43

This browser does not support the video element.

Предизвици и можности

Знаеме дека генеративната  вештачка интелигенција крие опасности.  Знаеме дека таа бездруго може да придонесе во ширењето на дезинформации во многу поголем обем од досега. Знаеме дека датотеките на кои тие се засноваат ги одразуваат постојните предрасуди во општеството. Континуирано ќе ги обучуваме нашите новинари да ги препознаваат овие предрасуди. Исто така, многу сериозно ќе ја сфатиме безбедноста на податоците и заштитата на приватноста кога користиме производи и услуги со вештачка интелигенција.

Разумното користење на вештачката интелигенција сепак може да биде и шанса. Таа може да пружи поддршка на нашите новинари во извршувањето на нивните стандардни задачи и да им овозможи повеќе време. Време за да истражуваат локални приказни и да бидат поблиску до луѓето. Време за да стасаат до различни перспективи. Тоа е новинарството што нашите корисници го ценат и што машините никогаш не можат да бидат во состојба да го испорачаат. Добро истражено, ексклузивно, со теми кои им се важни на луѓето. Со квалитетот кој Дојче Веле го нуди веќе седум децении.

Мануела Каспер-Клериџ Главна уредничка на Дојче Веле@ManuelaKC
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми