1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Каков е ставот на Русија кон војната на Блискиот Исток?

Јури Решето
3 ноември 2023

Антисемитски напади во Дагестан, посета на Хамас во Москва, префрлањето вина од Путин врз Западот: ставот на Русија кон војната на Блискиот Исток е спорен.

Појас Газа
Уништување во Појасот Газа - од перспектива на Москва, САД се виновни за терористичкиот напад на Хамас и војната што резултираше од тоаФотографија: Menahem Kahana/AFP/Getty Images

Американците се виновни за терористичкиот напад на милитантно-исламистичкиот Хамас; Тие се виновни за тензиите на Блискиот Исток; Русија пак сака мир и прави сѐ што може за да се стави крај на војната меѓу Израел и терористичката организација Хамас  - таков став застапува официјална Москва од избувнувањето на војната на Блискиот Исток.

Но, реалноста изгледа поинаку, вели рускиот експерт за Блискиот Исток, Руслан Сулејманов во разговор со ДВ. За него е јасно дека Русија профитира од конфликтот меѓу Израел и Хамас, кој трае веќе еден месец, и дека таа има интерес конфликтот да трае ште подолго. Сулејманов смета дека колку е поголема опасноста од проширување на конфликтот, толку повеќе тоа може да му оди во прилог на Кремљ затоа што тоа би му штетело на фактичкиот противник на Русија, САД.

За Американците конфликтот е вистински предизвик, „еден вид тест” на целиот систем кој низ годините го изградија во регионот и во кој се обидуваа да балансираат меѓу Израел и арапските земји. „Русија сега со Кина си ги трие дланките и со задоволство ја следи целата ситуација", вели Сулејманов. Освен тоа, на Кремљ му е право што „Америка и другите западни земји го насочуваат вниманието кон Блискиот Исток, а не кон Украина. И покрај најавите од Вашингтон дека може истовремено да води војна на два фронта", заклучува Сулејманов.

И рускио политиколог Константин Пашаљук, кој неодамна се преселил во Израел, смета дека Москва се радува ако светот веќе не зборува за Украина, туку за Израел, иако вели дека не може да ја разбере таквата радост бидејќи се работи за две сосема различни војни.

Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен за време на дебатата за војната меѓу Израел и Хамас во Советот за безбедност на ОН (24 октомври 2023 година)Фотографија: Shannon Stapleton/REUTERS

„Што воопшто може да ѝ префрлите на Русија?“

Тој за ДВ наведува два дополнителни аргументи зошто, според негово мислење, војната на Блискиот Исток му оди во прилог на Владимир Путин.

Прво руската пропаганда со тоа може да го плаши сопственото население според мотото: „Видете, сите нѐ обвинуваат нас дека сме ја почнале војната во Украина. Ние сме толку лоши. Притоа, Израел сега се однесува уште полошо. И Америка не може ништо да промени. Наскоро ќе гори целиот Блиски Исток, а вие веќе знаете колку многу може таму да гори”. Се заканува уште поголема војна за која е виновен Западот, гласи пораката. „Што воопшто може да ѝ префрлите на Русија? Во морален поглед никој ништо не може да ни префрла“, е девизата, смета Пашаљук.

Второ, Русија сега има шанса да демонстрира блискост со исламските земји, наведува политикологот и додава дека Русија веќе нема значајно влијание во регионот, ниту во Сирија ниту во Египет или Иран. Тоа што им преостанува е на арапскиот свет да му покажат дека во Русија живеат многу муслимани кои ги поддржуваат Палестинците, иако Хамас, кој покрај Израел и САД, ЕУ, Германија и други држави ја категоризираат како терористичка организација, не може да се изедначи со сите Палестинци.

Последици од војната на Блискиот Исток врз стабилноста во Русија

Сосема друго мислење застапува рускиот политиколог и економист Михаил Крутихин, кој живее во Норвешка. Војната на Блискиот Исток политички само ѝ наштетува на Русија, вели тој во интервју за ДВ. Крутихин аргументура со неодамнешните антисемитски напади во повеќе, главно со муслимани населени, руски региони, пред сѐ во Дагестан. Во главниот град Махачкала илјадници разбеснети мажи упаднаа во аеродромот откако таму слета авион од Тел Авив. За Крутихин тоа е јасен сигнал дека за Кремљ станува сѐ потешко да осигура безбедност во регионот.

За време на упадот на аеродромот во Махачкала, во Дагестан, демонстрантите извикуваа антисемитски слоганиФотографија: Ramazan Rashidov/TASS/dpa/picture alliance

„Мислам дека тоа многу негативно ќе влијае врз политичката стабилност во Русија“, вели Крутихин. Москва по овие настани ќе мора да се однесува значително попретпазливо и да ја намали антисемитската реторика, за да не ги дестабилизира сопствените региони.

Русија нема ниту политичка ниту економска корист од војната на Блискиот Исток, вели Крутихин. Материјална корист, според него, земјата ќе имала доколку значително пораснеа цените на нафтата, па на тој начин се влеваа повеќе средства во државната каса. Но, се случува токму спротивното  - цените во одредени периоди дури и паѓаат затоа што ниту една земја производител на нафта не е подготвена да влезе во војната на страната на Палестинците. Нафтата од Персискиот Залив, значи, тече како и досега.

Може ли Русија да посредува во мировниот процес?

Што се однесува до улогата на Русија како посредник во блискоисточниот конфликт, Пашаљук е сигурен дека спорната и од страна на Израел остро критикувана посета на делегација на Хамас во Москва пред неколку дена не играла никаква улога за мировниот процес. Експертот нагласува дека во преден план било ослободувањето на руските заложници, тема која прво била разговарана во Катар, а потоа е префрлена во Москва, „со добра причина“.

Прашање е дали Москва навистина може да помогне за ослободување на заложниците, смета Сулејманов и додава дека треба да преговара со други „играчи”. Сулејманов на посетата на Хамас во Русија не ѝ придава големо значење. „Делегацијата на Хамас во Москва го претставува само политичкото раководство. Но, преговорите актуелно се водат со военото крило на Хамас. Тоа се луѓе кои се непосредно во Газа и се кријат во подземни тунели. Тие ги држат луѓето како закожници.“ До военото крило на Хамас, според Сулејманов, пристап би можеле да имаат само Катар, Египет и евентуално Турција. „Русија нема таква врска", дециден е тој.

Покрај тоа, Кремљ следи и други, лични цели, во демонстративното негување контакти со Хамас, претпоставува Сулејманов. „Најважното, според мене, е тоа што Путин се чувствува лично повреден од Бенјамин Нетанјаху. тој важеше за пријател на Путин, често доаѓаше во Москва, учествуваше на прославите за Денот на победата и така натаму”, вели Сулејманов и објаснува оти Путин се надевал дека Нетанјаху ќе го поддржи во војната против Украина, но Израел не застана на страна на Русија, напротив - во Израел уште од почетокот на војната се забележувал бран на симпатии за Украина. Тоа Путин не му го простил на Нетанјаху и сега ѝ се одмаздува на неговата земја, објаснува Сулејманов.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху важеше за пријател на Путин пред војната во УкраинаФотографија: Abir Sultan via REUTERS

Руската државна пропаганда тоа го потврдува, вели тој и посочува дека во телевизиските емисии речиси може да се почувствува радост поради војната на Блискиот Исток. „Путин очигледно сака да каже“, вели Сулејманов, „ако вие (Израел, н.з.) вака се однесувате, тогаш и ние демонстративно ќе ги продлабочиме нашите релации со Иран, вашиот крвен непријател и со неговиот сателит на Блискиот Исток, Хамас“, вели Сулејманов.

Но, таквиот став пред сѐ може да ѝ наштети на Москва во Израел, уверен е Пашаљук кој живее таму. „Без дилеми, тоа ги иритира Израелците. Сакам да потсетам дека речиси една третина од населението овде зборува руски и дека тие повеќе или помалку се доселеници од Русија или биле поврзани со неа.“ Пашаљук посочува дека има не мал број на русофони Израелци кои дури и по почетокот на војната во Украина биле позитивно настроени спрема Русија, сега „сериозно размислуваат за тоа”.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми