Каков е ставот на Украинците за мировниот процес
20 декември 2025
Додека американските, украинските и европските политичари и дипломати разговараат за деталите од мировниот план инициран од САД, украинската јавност дебатира за можниот исход од руската војна против Украина. Тема се и таканаречените „црвени линии“ кои под никакви услови не смеат да се преминат како дел од компромисот.
Не сакаат дипломатско решение по секоја цена
Различни анкети покажуваат дека мнозинството украински граѓани не сакаат да прифатат мировни планови кои вклучуваат територијални отстапки или не предвидуваат безбедносни гаранции. Истражувањето спроведено од украинскиот Центар Нова Европа покажа дека речиси 65 проценти од граѓаните веруваат дека Украина не треба да влегува во преговори со Русија без безбедносни гаранции, додека повеќе од 86 проценти се убедени дека замрзнувањето на фронтовската линија само би ја одложило новата руска агресија.
Анкета на Меѓународниот институт за социологија од Киев (KИИС) покажува дека 75 проценти од населението го отфрла моментално дискутираниот мировен план, кој предвидува повлекување на украинските трупи од Донбас и бројно ограничување на украинските вооружени сили.
„Мнозинството е отворено за преговори и завршување на војната преку дипломатски пат, па дури е подготвено и за тешки компромиси. Во исто време, тие ги отфрлаат плановите кои ги перцепираат како капитулација“, вели за ДВ Антон Хрушецки од КИИС. „Како што можеме да видиме, стабилно мнозинство Украинци се подготвени да издржат војна колку и да е потребно“.
Јавноста му остава на државниот врв во Киев малку простор за маневар
Овој јасен став на општеството е во корист и на украинските власти. Олексиј Харан од украинската фондација Демократски иницијативи објаснува дека ова не е нова појава. Дури и за време на претседателот Петро Порошенко, јавноста постави јасни црвени линии кои не смееја да се преминат.
„Денес, јавното мислење му помага на Володимир Зеленски да се спротивстави на притисокот од САД и да стави јасно до знаење што украинскиот народ нема да прифати. Ставот на општеството е аргумент за Зеленски во преговорите со САД. Тој може да посочи дека незадоволството може да ја дестабилизира Украина и да предизвика внатрешен конфликт - а, токму тоа го сака Владимир Путин“, вели политикологот.
Затоа, украинското раководство нема да потпишува договори кои би можеле да предизвикаат протести во земјата. Неодамнешниот корупциски скандал во опркружението на претседателот Зеленски дополнително ја зајакна улогата на јавноста како еден вид осигурувач во преговорите, објаснува Олех Саакјан од Националната платформа за отпорност и кохезија во разговорот за ДВ.
„Ослабен од корупцискиот скандал, Зеленски го стесни просторот за компромис. Во САД, некои беа среќни поради скандалот, надевајќи се дека Зеленски сега ќе биде поподготвен за компромис во врска со мировниот договор“, вели експертот. Меѓутоа, се случи токму спротивното. Украинското општество му остава на Зеленски многу малку простор за маневрирање во преговорите.
Подготвеност за протест против наметнатиот мир со Русија
Анкетите, исто така, покажуваат дека Украинците се подготвени да протестираат против неправеден, наметнат мир. Според истражувањето спроведено од Центарот Нова Европа, секој втор граѓанин би излегол на улица доколку украинското раководство во преговорите се согласи на компромиси кои граѓаните ги сметаат за неприфатливи.
Според Олех Саакјан, украинското општество има клучна улога кога станува збор за едноставно отфрлање на неприфатливите договори. Владата е свесна за тоа. Претседателската канцеларија, благодарение на бројни анкети, знае каде се црвените линии за општеството, вели експертот.
Тоа, меѓу другото, се недостатокот на безбедносни гаранции, територијалните отстапки и одржувањето избори без соодветни заштитни мерки, нагласува Саакјан. Сепак, политикологот смета дека јавноста, доколку тоа е „единствената горчлива пилула од договорот“, би можела, под одредени околности, да прифати откажување од членството во НАТО. Меѓутоа, договорот би морал да содржи гаранции во согласност со Членот 5 од договорот на НАТО, кој ги обврзува сојузниците да ѝ помогнат на земја членка во случај на напад.
Потребен е дијалог со општеството
Меѓутоа, клучното прашање е како резултатите од анкетите се вклопуваат во политичката реалност со која се соочува украинското раководство во процесот на преговори, смета Олександр Сушко од Интернационалната фондација ренесанса.
„Украинското општество многу сериозно го сфаќа прашањето за цената на мирот. И покрај сите трагедии од војната и високата цена во крв која Украина ја плаќа секој ден за продолжување на борбата, Украинците јасно сакаат исходот од војната да не го загрози суверенитетот, независноста и основните столбови на државата, особено нејзината одбранбена способност“, вели експертот за ДВ.
Во исто време, тој признава дека потрагата за компромиси за општеството ќе биде тешко и ќе претставува сериозен тест за односот меѓу државата и граѓаните.
Доколку намалувањето на армијата, безбедносните гаранции или други чувствителни прашања веќе сега се предмет на конкретни преговори, владата треба, смета Сушко, за тоа да води искрен дијалог со населението. Без таков претходен дијалог, би можело да дојде до сериозни тензии во земјата.