За точно 10 дена Америка и светот ќе се соочат со вториот мандат на Доналд Трамп, кој уште пред да ја потпре раката на Библијата и да ја даде свечената заклетва, ни ветува дека овојпат нештата ќе бидат многу пожестоки и понасилни.
Зборовите на Трамп од прес-конференцијата во неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида, како и пораките на Маск преку „X“, веќе ни опишуваат серија на иницијативи, стратешки и медиумски, кои ќе следуваат после инаугурацијата, и кои сојузниците, но и противниците, мораат под итно да ги земат предвид.
Од заканите до Данска за Гренланд или пак Панама, преку оние насочени кон Мексико или Блискиот Исток, до учеството во соборувањето на канадскиот премиер Трудо, потоа истиот обид насочен кон британскиот премиер Страмер, замерките до Фараж, пофалбите за Орбан и Мелони, поддршката за германската екстремна десница АФД или обидот на Маск да пенетрира на европскиот безбедносен и телекомуникациски пазар, ни говорат за една густо набиена агенда која има своја јасна цел.
Најавите на Трамп и акциите на Маск се комплементарни и ни кажуваат дека новата администрација има јасно подготвен план и сака на мошне агресивен начин да претстави една нова идеја за американскиот лидершип. Сега сме во најавната фаза кога Трамп и останатите, ни ги соопштуваат целите коишто сакаат да ги остварат. Трамп им соопштува на канадските и на данските сојузници, како и на џихадистите во Газа, Техеран или Дамаск, дека има јасни цели и дека ќе ги употреби сите расположливи средства, биле тие воени, економски или политички, со цел да ги оствари своите намери. Крајната цел е на мошне брутален, агресивен и брз начин да се поврати авторитетот и кредибилитетот на Америка, и на тој начин да се застрашат и стават во дефанзива вистинските непријатели, односно, Русија и Кина, со кои Трамп ќе мора да преговара. Со првите за Украина, со вторите за новите правила на светската трговија и економија.
Америка каква што ја познававме е завршена!
Но, повеќе од се, овие најави кои набрзо ќе станат политики на најмоќната светска сила, ни испраќаат порака дека Америка е веќе темелно промената и дека никој, па ни самиот Трамп или Маск, не знаат каква точно Америка ќе откриеме.
Америка каква што ја познававме не е во криза. Таа само е завршена! А со тоа можеме да кажеме дека завршува и американскиот свет, па делумно и логиките кои ја раководеа и Европа и сите американски сателити под нивна доминација. Постои една длабока социо-културолошка промена која доведе до актуелните состојби. Трамп е најмалку причината за овој глобален грип кој го разболува светот, тој повеќе е термометарот кој ни кажува до каде сме отидени.
Десет години после предвидувањето на Фукујама за крајот на историјата, ќе не предупреди дека кризата на либералните демократии настанува како последица на крахот на вредностите кои би требало да ја поддржуваат. Кога историјата ќе се забрза заедно со животниот ритам и општественото забрзување како последица на технологијата и техниката, ете како настанува една глобална нервоза. Секој одеднаш гледа милион можности за себе, додека открива дека може да реализира само минимален дел од нив. Јазот помеѓу институционалниот комформизам и општествената динамика го разорува чувството на припадност кон заедницата. Така слабее и државата и нацијата.
Под притисокот на технолошките, економските и општествените промени, индивудиализмот, плурализмот и толеранцијата, веќе инкорпорирани во формалните институции тендираат да ја окуражат културната диференцијација, така минирајќи ги моралните вредности на наследениот систем. Одеднаш, општествениот колорит и институционалната ригидност, почнуваат да се разидуваат. Завршуваат инхибициите, сигурноста, завладува нарцисизмот и настапува криза на колективниот идентитет. Општеството кое мора постојано да ги менува своите норми и правила во име на проширување на индивидуалните права, полека станува неорганизирано, атомизирано, изолирано и неспособно да следи заеднички цели и да извршува заеднички задачи. Така говореше Фукујама, додавајќи: Општествата кои не поставуваат ограничувања на технолошкиот напредок, нема да имаат ограничувања ниту кај поведението на индивидуата. Како последица на тоа има пораст на криминалот, се растураат семејствата, родителите не ги остваруваат своите обврски кон децата, комшиите не си ги преземаат заедничките одговорности и граѓаните постепено го напуштаат јавниот живот.
Истрошување на либералниот модел во Америка
Така поедноставено можеме епистемолошки да ја рефлектираме општествената анемија и аномија врз американската (гео)политика. Засега делува дека американската политика и држава само ги следат општествените пулсации, нешто што може да го уништи хегемонот или пак сме само сведоци на еден драматичен циклус кој ќе ја воскрене нејзината доминација?!
Вистинскиот проблем на Америка денес, еднаш истрошен униполарниот експеримент после самоубиството на СССР, е што нема вистински непријател. Тоа само ја забрза ентропијата и ја направи Америка најголемиот непријател на Америка. За државата станува тешко да го оправда воениот апарат и индустријата која го оддржува. За возврат Америка е зафатена од културна војна, која имаше не мал придонес во победата на Трамп. Но, за сметка на тоа довербата во институциите е еднаква на нула. Останува само лидерот и човекот, главниот и гласачот, еден наспроти друг, без посредници и помагачи. Настапува дубиозата кон неоконзервативизмот на стероиди и експанзијата на американскиот модел, но и дилемата, дали тој треба империјално или национално да продолжи. Ќе стане светот Америка или Америка ќе стане светот?! И токму таа дилема потоа се удира од глава на американското општество и ја појачува внатрешната криза.
Криза или општествено-културна и институционална револуција, како траекторија трае од двојниот мандат на Клинтон, преку Буш помладиот до Трамп Втори, а ќе продолжи и после него. Доаѓаме до моментот кога дилемата се разрешува преку надминувањето или истрошувањето на либералниот модел во Америка. Сепарацијата помеѓу државата и општеството, јавното и приватното завршува. Бариерите помеѓу наводно неутралните јавни институции и интересите на општествено-економските актери во судир, паѓаат во вода. Одеднаш, Америка и Западот се пост-либерални и постглобални.
Со Трамп и Маск не е Државата таа која потпаѓа под доминацијата на фондовите или технолошките гиганти, туку тие се политизираат и фузираат со Државата. Со тоа завршува и „поредокот базиран на правила“, кој не одржуваше последниве 80 години. Реалната Америка нагло се ослободува од идеалната и решава да ја разведе својата сирова сила од моралните императиви.
Време на постдемократската демократија
Во 25 години Америка прејде од играч во сопствена лига до прв меѓу останатите. Трамп ветува дека ќе го екстремизира внимателното повлекување од светот започнато од Буш јуниор после ирачкиот неуспех, продолжено со катастрофалното повлекување од Авганистан на Бајден, крунисано со желбата на Трамп да се компримитира и договори со Путин. Трамп се определува за тактичко повлекување со цел да ја направи повторно голема Америка. Го прифаќа фактот дека светот повеќе не ги прегрнува американските идеали како порано, но за волја на вистината, ни самите Американци повеќе не се премногу убедени во сопственото национално кредо.
Америка која следува нема да биде истата, а тоа значи дека ни ние останатите нема да бидеме оние што бевме досега. Ќе следува едно болно отклонување од тоа што го знаевме и живееме досега. Наместо правила ќе следува неред, наместо поредок, ќе одлучува силата, многу повеќе и многу почесто од порано. Од либералната демократија ќе се движиме кон авторитарна демократија ала Орбан, и кон се поголемо припојување на Државата со моќниците кои довчера стоеја надвор од неа. Од глобализмот итаме кон национал-протекционизмот. Целиот либерален механизам на 20-от век се растура и со него ќе потонат и тежите и контратежите, правната држава, правилата и вредностите кои најверојатно ги претворивме во празна процедура, без љубовта, грижата и учеството на граѓанинот.
Доаѓа времето на постдемократската демократија и хиерархијата на моќта од уставна категорија ќе се претвори во командна. Каде ќе не однесат сите овие промени, каква Америка и Запад ќе откриеме утре, веројатно не знаат ни „земјанинот“ Трамп, ни „марсовецот“ Маск.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.