1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

30 години од Договорот СТАРТ II меѓу САД и Русија

Кристоф Хаселбах
3 јануари 2023

На 3 јануари 1993 година Вашингтон и Москва се договорија за контрола на атомското разоружување со договорот СТАРТ II. Но, не е само војната во Украина причина за неуспехот триесет години подоцна.

Џорџ Буш и Борис Јелцин го потпишаа договорот СТАРТ II
Џорџ Буш и Борис Јелцин го потпишаа договорот СТАРТ IIФотографија: epa AFP/dpa/picture-alliance

Кога Борис Јелцин и Џорџ Буш го потпишаа во Москва договорот СТАРТ II за демонтирање на атомските ракети со долг дострел, наздравија со насмевка. Неколку години по крајот на Студената војна претседателите на Русија и САД демонстрираа подготвеност да ја остават зад себе трката за нуклеарно вооружување. Триесет години подоцна рускиот претседател Владимир Путин без причина ја нападна соседна Украина и го тероризира тамошното население. САД и другите западни земји и` даваат голема поддршка и ја помагаат со вооружување Украина. Американскиот претседател Џо Бајден го нарече Путин „касап“ и „воен злосторник“. Тој пак се заканува со употреба на атомско оружје. Ова е ситуацијата меѓу двете големи и атомски сили на почетокот од 2023 година, три децении подоцна.

„Врв на билатералната контрола на вооружувањето"

СТАРТ е кратенка за „Договор за намалување на стратешкото оружје“ (Strategic Arms Reduction Treaty) односно, намалување на системи и ракети со долг дострел со атомски боеви глави. Со СТАРТ II се бараше деактивирање на сите копнени ракети со долг дострел со повеќе боеви глави. Дополнително беше договорено и демонтирање на сите стратешки атомски боеви глави до 2003 и тоа до максимум 3000 или 3500 на секоја страна.

Политикологот Јоханес Ворвик од Универзитетот во Хале во разговор со ДВ го нарече СТАРТ II  „врв на билатералната контрола на разоружувањето по крајот на Студената војна. СТАРТ II беше и резултат на подобрување на политичкиот однос меѓу двете суперсили и мотор за понатамошни мерки за градење доверба,“ смета тој.

Претходниот договор СТАРТ I кој беше инициран уште во времето на Студената војна од американскиот претседател Роналд Реган во 1991 година, беше потпишан од неговиот наследник Џорџ Буш и од Михаил Горбачов од руска страна, пет месеци пред распадот на Советскиот Сојуз. СТАРТ I стапи на сила во 1994. Од денешен агол, значајно е што, покрај Белорусија и Казахстан, Украина со дополнителен протокол се обврза да го предаде целото свое нуклеарно оружје од советската ера, нешто за што денешното украинско раководство треба горко да жали.

Рускиот претседател Владимир Путин се заканува со употреба на атомско оружјеФотографија: Russian President Press Office/dpa/picture alliance

СТАРТ II никогаш не стапи на сила

Наспроти СТАРТ I, СТАРТ II никогаш не стапи на сила. Тензиите меѓу Москва и Вашингтон повторно се зголемија поради американската воена интервенција на Косово и во Ирак, како и поради проширувањето на НАТО кон Исток. Русија ја поврза ратификацијата на договорот со одржувањето АБМ договорот за ограничување на системите за ракетна одбрана од 1972 година.

„Кога САД излегоа од АБМ договорот во 2002, тоа беше крај и за СТАРТ II,“ вели Хенинг Хоф од германското Здружение за надворешна политика. Имаше уште некои обиди за преговори за Договор СТАРТ III но и тие пропаднаа.

Но интересот на Вашингтон и Москва за стратешко нуклеарно разоружување остана. Следеше Московскиот договор од 2002, со кој бројот на боеви глави на двете страни се ограничи од 1700 до 2200 – „се уште доволно за да се уништи Земјата, но сепак добар знак,“ смета Хенинг Хоф. Потоа дојде новиот СТАРТ договор кој стапи на сила во февруари 2011 година и важи до ден денес.

Со договорот двете земји се обврзуваат да ги намалат атомските боеви глави на максимум 1500, а бројот на системите носачи, како интерконтинентални ракети, и проектили кои се исфрлаат од подморници и борбени авиони на по 800 кај секоја страна. Заради проверка, секоја од страните може да изврши инспекција во другата земја. Последното продолжување на Договорот за нови пет години го потпишаа во 2021 година Владимир Путин и Џо Бајден. Договорот во моментов важи до 2026 година.

Разурнувачки последици од руско гранатирање врз цивилни цели во ЗапорожјеФотографија: STR/REUTERS

Новиот Договор СТАРТ важи и за војната во Украина

Во принцип, војната во Украина не промени ништо во однос на ова. Русија во август 2022 година „привремено“ ја прекина контролата на атомскиот арсенал, официјално не поради војната, туку поради санкциите против руските авиони поради што руските инспектори не можеа да допатуваат во САД. Сепак тие ќе се придржуваат до одредбите од Договорот и ја ценат неговата „посебна улога“ како „важен инструмент за одржување на меѓународната сигурност и стабилност,“ соопштија од Москва во август – шест месеци по почетокот на војната.

Всушност новиот СТАРТ договор е единствениот преостанат билатерален договор за нуклеарно разоружување меѓу САД и Русија. Претседателот Доналд Трамп во 2019 година излезе од Договорот за забрана на копнени ракети со среден дострел и во 2020 го раскина „Договорот за отворено небо“, кој дозволуваше меѓусебни извидувачки летови како знак на градење меѓусебна доверба.

Мрачни прогнози

Каде е светот денес во однос на контролата врз атомското наоружување? Најновиот извештај на Институтот СИПРИ за мировни истражувања од Шведска уште на почетокот на 2022., односно непосредно пред војната во Украина, бележи „јасни индиции” дека намалувањето на арсеналот на атомско оружје по крајот на Студената војна „дошло до крај”. Понатаму се вели дека „сите атомски сили се во процес на проширување или модернизирање на арсеналите, тренд кој е многу загрижувачки”. 

Уште повеќе таквиот тренд загрижува по 24.февруари, кога Русија ја нападна Украина. Хенинг Хоф вели: „Денешна Русија која ги крши меѓународните договори и меѓународното право во серија и притоа постојано нескриено се заканува со употреба на атомско оружје, не е сериозен партнер за преговори кога се работи за стратешкото разоружување."

Инвазијата од Русија освен тоа покажала и дека „само атомски сили кои како членки на НАТО профитираат од атомскиот штит од САД, може до некаде да се чувствуваат безбедни." Сепак повеќе нешта одат во прилог на тоа дека постоењето на атомско оружје „спречило ‘голема војна’ меѓу САД и Советскиот Сојуз, односно денешна Русија и дека тоа така и ќе остане".

За Јоханес Варвик денес „контролата на вооружувањето се чини како реликвија од дамнешни времиња". Покрај конфронтација меѓу Москва и Вашингтон, има и растечки тензии со Кина, која „досега во атомската сфера со исклучок на договорот за забрана на атомско оружје, не е вклучена во ниту една друга договорна рамка.”

Ако денес се сака да се постигне нешто на тоа поле, смета Варвик, мора прво да се подобри стартната позиција за стратешкото разоружување. „Но, тоа е возможно само ако дојде до од денешна гледна точка утописко подобрување на релациите меѓу Вашингтон, Москва и Пекинг. Сега значи се работи на ограничување на штетата, а не за некои големи визии."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми