1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина - „лабораторија за војните на иднината“

СН | АРД
26 август 2023

Старлинк, Палантир, Максар... Бројни високотехнолошки компании им помагаат на воените сили на Украина. На кој начин и како тоа влијае на текот на војната?

Украински оператор со беспилотно летало во Константиновка, регионот Доњецк
Украински оператор со беспилотно летало во Константиновка, регионот ДоњецкФотографија: Narciso Contreras/AA/picture alliance

Тоа е војна со две брзини - а тоа го потврдуваат и видеата кои доаѓаат од Украина. Рововска битка на фронтот, напади со беспилотни летала, модерни системи за противвоздушна одбрана - и пред сѐ, сателитска мрежа со чија помош може да се добијат неверојатни податоци од територијата на цела Украина во реално време, кои потоа се проследуваат до целиот свет.

Оваа војна би ја опишал како многу конвенционален конфликт, делумно и како војна со речиси архаични елементи како што се артилериските дуели, но и како војна проткаена со дополнително ниво, а тоа е високата технологија“, вели Френк Зауер од Универзитетот на Бундесверот во Минхен. Тоа што Украина успеа да се спротивстави на рускиот напад година и половина, се должи не само на борбениот дух и континуираните испораки на конвенционално оружје од странство, туку и на употребата на современи технологии на бојното поле.

Само неколку дена по почетокот на руската инвазија, „хај-тек“ милијардерот Илон Маск им го стави на располагање на Украинците својот сателитски систем Старлинк, помагајќи им да ја одржуваат комуникациската мрежа во земјата.

Компанијата Клиарвју (Clearview AI) му ги понуди на Киев своите системи за препознавање лица, за да може украинската армија да ги идентификува мртвите и заробените руски борци. Со помош на вештачка интелигенција, односно софтверот Прајмер (Primer), Украинците успеаја да пресретнат некодирани телефонски разговори на руски војници и да ги анализираат.

Во април 2022 година, сателитски снимки од компанијата Максар (Maxar) предизвикаа големо внимание во светот, бидејќи покажаа, како што се сомневаше, масовни гробници на периферијата на Мариупол - снимки врз основа на кои можеше да се насети што се случува во градот кој во тоа време сè уште беше под опсада.

На почетокот на 2023 година, извршниот директор на фирмата Палантир, Алекс Карп, тврдеше дека софтверот Мета-констелејшн (Meta-Constellation) во најголема мерка е одговорен за идентификување и избирање воени цели во Украина. Неговата компанија оттогаш агресивно го рекламира Скајкит (Skykit). Станува збор за пренослив систем, односно куфер во кој има компјутер, а во пакетот има и дрон-квадрикоптер и сателитска антена. Како што тврди производителот, комплетот може да функционира со денови без струја.

Технологијата не ги решава сите проблеми

Сателитскиот надзор на непријателските движења, односно високотехнолошки системи за препознавање гласови и комуникација, анализа на геопросторни податоци... Сето тоа почива на технологии кои заедно можат да се наречат - „вештачка интелигенција“. Борбените летала без екипаж, како што се беспилотните летала, се релативно едноставно оружје. И двете страни масовно ги користат во војната во Украина.

Украина е „лабораторија каде што се создава идната форма на војување“. Вака е тоа опишано во текст во американскиот магазин „Национална одбрана“. Ефектите се веќе и тоа како видливи во Украина. Таканаречениот Килчејн (killchain), значи текот на поединечен напад, од лоцирање до уништување на некоја цел, значително се скратува со користење на „софтвер за таргетирање“, исто како и времето, односно човечкиот персонал, потребни за лоцирање и анализата на податоците.

Технологијата игра важна улога и во заштитата на сопствените борбени единици. Дрон-квадрикоптер со камера чини само неколку стотини евра, а со помош на далечински управувач - се разбира, под услов спротивставените сили да не го соборат - може да ги извршува сите оние задачи за кои во аналогниот свет би било неопходно да се испратат извидувачки единици на терен.

Русија не може да држи чекор на тоа ниво, тврди германскиот воен експерт Зауер. Тој вели дека гледа „значителна разлика помеѓу она што Русија го презентираше во медиумите во последните години и она што овие системи навистина можат да го направат. Досега, некои од овие наводно чудотворни високотехнолошки оружја не можеа да се видат во Украина. Мојот впечаток е дека не е отидено многу подалеку со развојот на прототипите“.

Германскиот воен експерт Франк Зауер: Русија не може да одржува чекор на тоа нивоФотографија: Waldemar Salesski/Universität der Bundeswehr

Но, и Русија заштедува ресурси користејќи технологија. На пример, со масовна употреба на евтино произведени дронови-камикази од типот „Шахед“, кои потоа Украинците треба да ги соборат користејќи скапи системи за противвоздушна одбрана.

Сепак, модерната технологија не може секогаш и целосно да ги реши сите проблеми на бојното поле. „Со дрон кој има инфрацрвен сензор, можете да летате над област каде што се поставени мини - најдобро во вечерните часови, откако сонцето сјае цел ден и ќе ги загрее мините. Тие потоа се потопли од околната земја и веднаш можете да ја препознаете секоја поединечна мина на снимката, а потоа да креирате мапа со нивните позиции“, објаснува Зауер. „Тоа е од помош, но сè уште не сте ги исчистиле мините. За тоа ви требаат системи за деминирање, а за нив не треба да ја знаете точната локација на експлозивната направа до милиметар“.

Зависност од „хај-тек“ компаниите

Има уште еден проблем кога станува збор за високата технологија (хај-тек),  Зауер како пример го наведува Старлинк, за кој се вели дека е „пресвртница“ за Украина. Во повеќе наврати, шефот на компанијата, Илон Маск - и како што се чинеше сосема произволно - најави можно намалување, па дури и прекин на давањето на услугите на Старлинк за Украинците. Сепак, тој систем сè уште функционира.

И другите компании од областа на вештачката интелигенција се целосно нетранспарентни кога станува збор за нивната „поддршка“ на Украина. Засега воопшто не се знае дали таа земја ќе мора да плати за нивните услуги, дали софтверот го користи бесплатно, а како контрауслуга на располагање става податоци и искуства во користењето на техниката.

Сателитскиот систем Старлинк на Илон МаскФотографија: Daniëlle Futselaar (artsource.nl) & IAU / CPS

„Тоа се компании, а нивната цел е да ги продаваат своите производи“, потсетува Зауер. Производот за кој можете да рекламирате дека е тестиран во пракса и доработен врз основа на тоа, ќе се продава подобро на следниот саем за оружје.

Во меѓувреме, Украина порачува дека самата развива високотехнолошка борбена опрема. Притоа се комбинира „хај-тек“ и „лоу-тек“ (ниска технологија)- односно цивилни компоненти со воени.

Нивната тајна служба СБУ неодамна го претстави „СиБејби“ („SeaBaby"), пловечки дрон опремен со неколку стотици килограми експлозив. Се претпоставува дека тој имал клучна улога во нападот врз мостот на Крим, односно рускиот десантен брод „Оленогорски Горњак“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми