Каква улога играат САД во конфликтот на Израел и Иран
14 јуни 2025
Политичката линија на американската влада по нападот на Израел врз Иран е јасна: Вашингтон не е вклучен.
Израел сам го нападнал Иран,тврди американскиот државен секретар Марко Рубио, според соопштение од Белата куќа. „Ние не сме вклучени во напади врз Иран, а наш врвен приоритет е заштитата на американските трупи во регионот“, нагласува Рубио.
„Израел нè информираше дека го сметале овој чекор за неопходен за сопствена одбрана. Да бидам јасен: Иран не треба да ги напаѓа американските интереси или американскиот персонал.“
Тимот за социјални медиуми на Белата куќа ја објави оваа изјава околу еден час откако започнаа израелските напади врз Иран. Претходно, во четврток попладне по локално време во Вашингтон (12.06), американскиот Стејт департмент предупреди на платформата X од високи тензии и од сложената безбедносна ситуација на Блискиот Исток: „Ги потсетуваме граѓаните на САД во Израел и во регионот дека претпазливоста останува неопходна и ги охрабруваме да следат најнови вести.“
Познато е дека САД биле однапред информирани за нападот. Но, дали тие навистина не биле активно вклучени на никаков начин?
„Сè што знаеме досега за логистиката, на пример, за скриените беспилотни летала во Иран, сугерира дека Израел сам го извршил нападот“, вели Саша Ломан, американски експерт и дел од истражувачката група за Америка во германската Фондација Наука и политика, во интервју за ДВ. „Но, не може целосно да се исклучи дека САД помогнале.“
Распоредувањето на 200 воени авиони што летале кон Иран и назад го поставува прашањето дали американската војска помогнала, на пример, со полнење гориво во воздух, нагласува Ломан.
Нуклеарната програма на Иран во центарот на нападите
Израелските напади вчераутро (13.06) првенствено беа насочени кон воени објекти и локации на иранската нуклеарна програма, како што е нуклеарната централа Натанс, каде што, меѓу другото, се врши облагородување на ураниум. Покрај водечките личности во иранската војска, убиени се и неколку истражувачи кои работат на иранската нуклеарна програма.
Техеран и Вашингтон водеа разговори од април 2025 година за да дојдат до договор за замена на нуклеарниот договор со Иран, од кој САД се повлекоа за време на првиот мандат на Трамп во 2018 година.
По израелските напади врз нуклеарната инфраструктура на Иран, американскиот претседател Доналд Трамп, според новинарот на „Фокс њус“, Брет Бајер, изјавил дека Иран не смее да има нуклеарна бомба. „Се надеваме дека ќе се вратиме на преговарачката маса“, рекол Трамп, според Бајер. „Ќе видиме“.
Трамп: Нападите врз Иран „само ќе се влошат!“
Трамп беше многу појасен на својата онлајн платформа Truth Social. Американскиот претседател постојано му давал на Иран можност да склучи нов нуклеарен договор. Доколку тоа не се случи, тој го предупредил иранското раководство дека ќе биде неизбежен напад, полош отколку што можат да замислат.
Тој предупредил дека „САД произведуваат убедливо најдобра и најсмртоносна воена опрема во светот и дека Израел има многу од неа“, потенцира Трамп. „И тие [Израел] знаат како да ја користат“.
Иранските тврдокорни претставници кои се изјаснија против тоа сега се „сите мртви“, напиша Трамп во својата објава. „И ќе биде само полошо!“
Во меѓувреме, американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, предупреди дека и Иран е способен да предизвика значителна штета во Израел.
Натамошни нуклеарни преговори меѓу САД и Иран се малку веројатни
Следниот состанок меѓу делегациите на САД и Иран за можен нов нуклеарен договор требаше да се одржи овој викенд во Оман. Иран го откажа.
Не е јасно ниту како ќе се одвиваат разговорите на долг рок. Се вели дека меѓу убиените во Иран е и Али Шамхани, човек од доверба и советник на Али Хамнеи, врховниот лидер на Иран. Според магазинот „Шпигел“, Шамхани играл важна улога во нуклеарните разговори меѓу САД и Иран.
Се вели дека тој бил отворен за договор, но исто така рекол дека владата во Техеран би можела да ја прекине соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и да ги протера инспекторите доколку Иран се почувствува загрозен.
„Додека конфликтот продолжува со сегашниот интензитет, тешко е да се замисли дека разговорите ќе продолжат“, оценува Ломан.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик