1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоИзраел

Какви последици би имал налог за апсење на Нетанјаху?

Жанет Цвјенк
30 април 2024

Според медиумите, Меѓународниот кривичен суд би можел да издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Што би подразбирало тоа?

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: Leo Correa/AP/dpa/picture alliance

Според извештаите на израелските медиуми, владата во Тел Авив загрижено гледа кон Хаг, каде што е седиштето на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Тој суд, наводно, оваа недела би можел да издаде меѓународни налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху,  министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на израелскиот Генералштаб, Херзи Халеви.

Минатиот петок, Нетанјаху веќе коментираше за можните кривични постапки пред тој суд: под негово водство, Израел никогаш нема да прифати каков било обид на Кривичниот суд да го поткопа неговото „право на самоодбрана“, напиша Нетанјаху на Платформата Х, поранешен Твитер.

Каква кривична постапка може да поведе МКС против Нетанјаху?

Меѓународниот кривичен суд спроведува истраги исклучиво против поединци. Тој е активен само ако некое лице, вршејќи лидерска функција, е осомничено дека е одговорно за едно од четирите основни злосторства: геноцид, сериозни воени злосторства, злосторства против човештвото или агресорска војна.

Од 2021 година МКС го истражува насилството во Газа во летото 2014 година, како и можните воени злосторства против оние што се наводно одговорни во Израел. Според сопствените информации, Кривичниот суд води истрага по истото обвинение против борците на Хамас. Во тек се истраги за насилството на израелските доселеници на Западниот Брег.

Меѓународниот кривичен суд спроведува истраги исклучиво против поединциФотографија: Klaus Rainer Krieger/reportandum/IMAGO

Притоа, би требало да се земат предвид и последните случувања во војната: таа војна започна откако милитантниот исламистички Хамас во Израел уби околу 1.200 луѓе и киднапираше повеќе од 240 заложници на 7 октомври 2023 година. Хамас е класифициран како терористичка организација од голем број западни земји, вклучувајќи ги и земјите членки на ЕУ и САД. Според властите предводени од Хамас во Појасот Газа, во воената акција на Израел која уследи како одговор на тој напад, досега загинале повеќе од 34.000 луѓе. Тие информации не можат да бидат независно проверени.

Кога Меѓународниот кривичен суд може да води истрага против израелски државјани?

Во принцип, Меѓународниот кривичен суд смее да се активира само ако државите не се во можност или не сакаат да ги гонат гореспоменатите злосторства на национално ниво. Во моментов, и поради тековната војна, малку е веројатно дека израелските судови ќе можат да покренат кривична постапка против шефот на владата, министрите или военото раководство.

Покрај тоа, судот мора да биде признат или матичната држава на сторителот – Израел тоа не го прави– или од земјата каде што се извршени наводните злосторства. Последново може да дојде во обѕир, бидејќи  палестинските територии пристапија кон Договорот за Меѓународниот кривичен суд.  Покрај Израел, Меѓународниот кривичен суд не го признаваат САД, Кина, Русија и Индија, како и речиси сите арапски земји и Иран. Ако ниту една од погодените области не е договорна страна на МКС, само Советот за безбедност на ОН со резолуција може да му нареди Судот да се активира. Така беше, на пример, кога стануваше збор за Судан и Либија.

Какви последици би имала меѓународна потерница за израелскиот премиер?

Налогот за апсење не е пресуда. Пред сè, тоа е знак дека МКС доволно сериозно ги сфаќа обвинувањата против осомнитечено лице. Како што наведува МКС на својата веб-страница, тој суд издава налог за апсење само доколку судиите сметаат дека е неопходно предметното лице воопшто да се појави на судењето. Присуството на лицето е неопходно во процесот на МКС. Други причини може да бидат тоа што судиите се плашат дека обвинетиот може да ја попречува постапката или да изврши нови кривични дела.

Меѓутоа, бидејќи МКС нема свои полициски сили за апсење на осомничените, малку е веројатно дека на членовите на израелската влада навистина ќе им се суди во Хаг.

Сепак, налогот за апсење сериозно би ја ограничил меѓународната слобода на движење на Нетанјаху и министрите кои исто така би биле барани, бидејќи сите 124 договорни страни на МКС се обврзани да апсат барани лица на нивна територија и да ги изведат пред суд.

Рускиот претседател Владимир Путин при пристигнувањето на Климатскиот самит КОП28 во Обединетите Арапски Емирати не требаше да стравува од апсењеФотографија: Andrei Gordeyev/Sputnik/AP Photo/picture alliance

На пример,  Владимир Путин се држи настрана  од повеќето меѓународни состаноци откако судот издаде налог за апсење против него поради киднапирање на украински деца и нивно пренесување во Русија. Претседателот на Руската Федерација патува само во земји кои не го признаваат МКС.

Каква врска има евентуалниот налог за апсење со обвиненијата за геноцид против Израел?

Истрагата на  Меѓународниот кривичен суд  не треба да се меша со обвинението за геноцид што некои земји го покренаа против Израел. Јужноафриканската Република, меѓу другите, го обвини Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) поради големиот број загинати во војната во Појасот Газа. И тој суд е во Хаг, но не истражува поединци, ниту издава налози за апсење. Тој е единствено одговорен за споровите меѓу државите.

На крајот на јануари оваа година МСП ја призна „опасноста од геноцид во Појасот Газа“. Сепак, итното барање на Јужна Африка Израел да ги прекине сите непријателства не беше одобрено. По таа првична одлука, судењето за геноцид најверојатно ќе продолжи со месеци или години.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми