1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви промени ќе донесат изборите

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
29 август 2023

Избори може да бидат решение за иднината на Македонија само ако влада формираат проевропски ориентираните партии. Опозицијата не само што не дава гаранции за тоа, туку ја носи државата во неизвесност. Пишува Ерол Ризаов

Ерол РизаовФотографија: privat

Можат ли ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да го поднесат товарот на вината ако ги прекинат отпочнатите преговори со ЕУ и ја донесат во неизвесност европската иднина на Македонија? Дали може за едно такво, досега невидено мирновременско злосторство врз својата татковина и народ, да останат неказнети од граѓаните? Се разбира дека може. Тоа сме го виделе повеќепати.

Уште отсега прстот на долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ е вперен во политичките противници, дека тие ќе бидат виновни и ќе сносат одговорност што Македонија не може да ги продолжи преговорите со ЕУ бидејќи немале 80, туку само 73 пратеници кои ќе гласаат „за“ Европа.

Секогаш, за оваа единствена во Европа, легална политичка партија која во своето име го содржи зборот „револуционерна“, се виновни другите, домашните предавници и надворешните непријатели. Тоа е познатата доктрина на политички и идеолошки недефинираната партија, која еден ден е на бранот на екстремната десница, за утредента да биде од лево полево, во зависност дали им треба патриотизмот како погонско гориво за палење на масите, или „комунизмот“ за револуционерни исчекори во борба против предавниците кои ги продаваат националните интереси и македонскиот идентитет. А, на секои пет минути викаат „држете го крадецот".

Повеќе од јасно е дека врвот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не прифаќаат ниту еден аргумент и ниту едно укажување од кого било во светот, дури и од пријателите и сојузниците, дека Македонија може многу да загуби ако сама ги блокира почнатите преговори. Таа своја тврдокорност ја претставуваат како херојство, бидејќи се толку храбри што можат да ја влечат за уши и Америка и Европа и сите наши пријатели и добронамерници. Демонстрираат големо јунаштво против пријателите на сметка на иднината на сопствената држава. 

Да беше вистински лидер Мицкоски...

Долго време ВМРО-ДПМНЕ ја тестираше владата со ултиматуми за кои Мицкоски беше убеден дека ќе бидат одбиени. Но, кога беа прифатени сите барања на ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од брзи предвремени избори, до влез на ВМРО-ДПМНЕ во владата наместо ДУИ, само за да се донесат уставните промени, брзо се откри евтиниот блеф: Ништо не важи од она што до вчера го баравме, не важи ни тоа што пред еден час го предложивме, останува само брзи предвремени избори како единствен услов. А, што ќе правиме потоа, ќе соопштиме кога ќе дојдеме на власт.

Да беше вистински лидер Мицкоски ќе ги отстранеше тие од партијата што го притиснаа да го смени својот компромисен став и ќе ја докажеше својата, и на партијата, европска ориентација. Таа остана да виси без категорична потврда со папагалската парола - и ние сме за Европа - која се употребува како чукање празна слама. 

Ете, тоа е трагичниот исход на сите досегашни активности и на огромната енергија и скапоцено време, залудно потрошено да се прифатат аргументите на здравиот разум и на државните и национални интереси. Што уште преостанува што може да биде решение за излез од ваквата пат позиција, која оди на огромна штета за иднината на државата? Да видиме колку предвремените избори ќе помогнат, или ќе им се удрат од глава на тие што само во тоа гледаат единствен спас. 

Да, изборите можат да бидат решение за иднината на Македонија само ако влада формираат проевропски ориентираните партии. Опозицијата не само што не дава цврсти гаранции за тоа, туку ја носи државата во дестабилизација и непредвидливи ризици.

Најдоброто решение е само тоа кое, покрај уставните измени, ќе овозможи консензус меѓу релевантните политички партии за сите тешки реформи и промени во македонското оптштество што треба да  се случат во наредните десетина години. ВМРО-ДПМНЕ за тоа има отворена понуда која упорно се одбива.

Затоа активностите на движењето за европска Македонија треба да се насочени за широка натпартиска граѓанска поддршка.

Победата на праведната страна на историјата на едни такви избори би означило дефинитвен пораз и силен удар врз сите деструктивни сили кои со својот лажен патриотизам направија пустош во свеста на илјадници граѓани жртвувајќи повеќе генерации. Ако мнозинството граѓани не ја прифатат таа припадност на Европа, тогаш, барањето на вина кај другите ја губи смислата и може да служи само за внатрешни пресметки и враќање на режимот на Никола Груевски.

Што ќе донесе победата на ВМРО-ДПМНЕ?

Во вакви околности, какво решение може да донесе победата на ВМРО-ДПМНЕ? Свесен дека не можат да се одбегнат уставните измени и дека се можни какви било други промени од она што е договорено, Христијан Мицкоски само колебливо и нејасно навестува, веднаш по „победата“ на изборите, дека првата работа ќе му биде да се донесат уставните промени, некакви божем поповолни решенија во односите со ЕУ и соседите. Притоа не се смета на можноста и по предвремените избори ниту една коалиција да нема двотретинско мнозинство во Собранието. Во тој случај, ќе ги слушаме истите аргументи кои сега се упатени до ВМРО-ДПМНЕ и коалициските им партнери.

Разликата ќе биде во тоа што тогаш на единство и консензус за уставни промени и за европската иднина на Македонија ќе повикува ВМРО-ДПМНЕ, а не СДСМ.На Мицкоски сѐ уште му е рано да признае дека ќе бидат излажани и сите оние кои уште веруваат дека по победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите ќе биде сменета преговарачката рамка со ЕУ и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Мошне прикладна и политички прагматична беше реториката на премиерот Кирјакос Мицотакис по падот на владата на премиерот Алексис Ципрас на изборите во Грција. Иако Мицотакис на Грците им ветуваше дека по освојување на власта ќе го поништи Преспанскиот договор како катастрофален за грчките национални интереси, тој уште првиот ден по седнување на премиерската фотелја рече дека иако договорот е лош, ќе мора да се прифати. Истото може да го каже и Мицкоски, ако успее да стане премиер, дека склучените „лоши“ договори со Бугарија и со Грција, изгласани во Собранието и меѓународно прифатени, не можат да се менуваат и тука нема што повеќе да се прави. Но, секојдневните различни изјави ја прави сосема неизвесна позицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Со сигурност може да се каже дека ќе бидат излажани и тие што веруваат дека ќе биде поништен, или значајно сменет Преспанскиот договор. А, не помалку ќе бидат разочарани и тие што се надеваат дека конечно албанските партии во Македонија ќе бидат застапени онолку колку што ќе одреди демократскиот кантар на ВМРО-ДПМНЕ. 

Лесно прочитлива и тенка е партиска стратегија кога Македонија влегува во цајтнот, дека сето ова може да се прикрие со пропаганда и да се прикаже лажно како голема победа, дека наводно со Бугарија ќе се постигне подобар договор. Притоа најмалку се зема предвид она на што нѐ предупредуваат тие што подобро ги знаат големите геостратегиски промени што ќе уследат.

Што ако одолговлекувањето со уставните промени и прекинот на преговорите со ЕУ станат безначајни за интересите на Европа и на Америка? Претстојните избори за Европскиот парламент и за високата администрација на Брисел сосема очекувано може да ги насочат интересите целосно кон Украина и Молдавија, а Западен Балкан да се остави да се дави во своите замрсени работи, кои ни Господ не може да ги одмрси.

Со влезот на Албанија и на Црна Гора можат да се затворат вратите на ЕУ во наредните неколку децении. Залудна би била одговорноста во таков случај на кој било во државата. Да се сочува „јаболкото на раздорот“ кое е историско неминовно решение за стабилен Балкан може лесно да прерасне во својата спротивност - да се подели јаболкото за мир на Балканот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми