1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви просветители ќе чествуваме заеднички?

17 август 2022

Откако Комисијата во 2018 усвои препорака за заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј, Бугарија во 2020 изгласа преименување на празнувањето на 24-ти мај, а БПЦ ги нарече светите браќа „бугарски просветители“.

Споменикот на сесловенските просветители, св.Кирил и Методиј во Охрид
Споменикот на сесловенските просветители, св.Кирил и Методиј во ОхридФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Како во практика ќе се се спроведе препораката за заедничко одбележување на делото на Светите Кирил и Методиј, усвоена во уште во ноември 2018 година? Во нејзиното образложение се вели дека „мисионерското дело на Светите браќа Кирил и Методиј ги поставува основите на христијанската култура и духовност на словенските народи“. Но, точно две години по усвојувањето на оваа препорака, бугарскиот парламент изгласа преименување на 24-ти мај: од Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо - во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование и култура и на словенската литература.

Уште кога ваквиот предлог за преименување на празникот беше во прво читање, министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека заедничката Комисија за историски и образовни прашања има постигнато договор за за Светите Кирил и Методиј, и дека секое отстапување е минирање на процесот.

„За Светите Кирил и Методиј, Комисијата има постигнато консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заеднички меѓу двете држави, и секое поместување од тоа што го работела Комисијата значи дека се минира целиот процес", одговори Османи (15-ти октомври 2020 г.) на новинарско прашање за ставот на македонската Влада.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар ОсманиФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Со оглед дека предлогот бил само во прво читање, тогаш Османи изрази надеж дека „тоа ќе се изменџира“.

Но, два месеци подоцна празникот беше дефинитивно преименуван, а од надлежните во РСМ немаше никаква реакција до официјална Софија дека тоа го минира процесот, како што претходно се сметаше.

(Не)моќта на препораката

По таков молк, односот кон светите браќа го покажа и Бугарската православна црква (БПЦ). Во мај годинава, кога БПЦ најави дека во соборниот храм „Света Недела“ во Софија ќе пристигнат и ќе бидат изложени на поклонение светите мошти на рамноапостолските браќа Кирил и Методиј, во соопштението нив ги нарече бугарски просветители.

„Светите мошти на бугарските просветители Методиј и Кирил во Бугарија ќе ги донесе архимандритот Вартоломеј, игумен на светогорскиот манастир Есфигмен“, соопшти во мај годинава БПЦ.

Ваквиот пристап што го преферира бугарскиот етнофилетизам е противречен со апостолското дело на Светите Кирил и Методиј.

ДВ побара, но не доби одговор од Комисијата за историски и образовни прашања, каква е реално употребната вредност на нејзината препорака за заедничко чествување, во вакви околности?

Само пред два дена, копретседателот на Комисијата, Драги Ѓоргиев, изјави дека процесот подразбира реципроцитет.

„Двете држави се обврзуваат за многу работи во Протоколот, па и во однос на промените во учебниците. Мора да има реципрочност во обврските. Она што го има преземено како обврска Македонија е 99 отсто поклопено со она што мора да го направи Бугарија во однос на учебници и во однос на заеднички чествувања“, изјави Ѓоргиев. 

Копретседателот на заедничката македонско-бугарска комисија за историја и образованије, Драги ЃоргиевФотографија: Petr Stojanovski/DW

Таков променет однос на политичка и црковна Софија во однос на делото на светите браќа, досега не беше видлив. Оттука, нејасно каде е видена „промена" или „разлика" на досегашната бугарска позиција за светите браќа, како што изјави историчарот Александар Литовски за ТВ „Телма“.

„За Светите Кирил и Методиј може да се смета дека Бугарија во препораките направи отстапка и прифати дека тие се сесловенски просветители, впрочем онака како што ги третира целата светска и европска историографија. И во таа смисла може да се каже дека Македонија или македонскиот тим од Комисијата извојува една победа“, изјави Литовски.

„Улогата на Бугарија“

Дејноста на Светите Кирил и Методиј и потеклото на словенската писменост во изминатите години беше тема што ги брануваше духовите во Софија. Во 2017 година повод за тоа стана руска честитка за 24-ти мај до македонскиот народ („писменоста е дојдена од македонската земја“ - како цитат од говор на претседателот Владимир Путин). По реакциите од Софија, официјална Москва објасни дека кога се спомнува „македонската земја“ се мисли на географскиот поим.

Истото се случи и лани, но во честитката до Софија тогаш беше потенцирана „улогата на Бугарија“.

„’Денеска во Русија е свечен ден - Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја’ - Владимир Путин“, објави на Твитер руската амбасада во Скопје.

Истиот ден, руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, во видео порака снимена пред тамошен споменик на Светите Кирил и Методиј, ја потенцирaше улогата на Бугарија за словенската писменост.

Споменик на светите браќа Кирил и Методиј пред националната библиотека во Софија, БугаријаФотографија: BGNES

„Несомнено, улогата на Бугарија во формирањето и ширењето на словенската писменост, јазик и култура е непроценлива и неспорна. Познатиот руски научник Дмитриј Лихачов пишуваше: ‘Бугарија им го дала на источните Словени високиот слој на јазикот, столбот на духовноста, го збогатил нашиот јазик, му вдахнал морална сила и способност да ги возвишува мислите, концептите и замислите. Тоа е јазикот на кој се доверувале највисоките мисли, на кои се молеле и се пишувале свечени зборови. Тој за сето време бил покрај рускиот народ и духовно го збогатувал’“, порача лани Митрофанова.

Додека на Софија оваа честитка и се допадна, жестоки беа реакциите за филмот „Една вера, еден јазик“ по сценарио и во режија на Елена Мироненко, кој во декември 2021 имаше проекција во Скопје. Реакциите се однесуваа на фактот што Бугарија во филмот била целосно исклучена од научните лингвистички процеси поврзани со Светите Кирил и Методиј. Во филмот, покрај зборовите „Македонија е татковина на словенската азбука“, нараторот зборува дека сите древни духовни текстови на Русија, Украина, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија се напишани на црковнословенски, кој потекнува од Македонија.

„Филмот не соодветствува на позицијата на официјалната руска историографија, а исто така и на пристапите на амбасадата на Русија во Бугарија", одговори руската амбасада во Софија по бугарските реакции.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми