1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Какви се шансите на Камала Харис да го победи Трамп?

26 јули 2024

Покрај Харис, маните на Трамп ќе станат повидливи, а можноста за генерациска промена ќе мотивира многу апатични гласачи да излезат на денот на изборите. Пишува Ивор Мицковски.

Кои се позитивните и негативните аспекти на кандидатурата на Камала Харис и нејзините шанси за победа во дуелот со Доналд Трамп?Фотографија: Nathan Howard/AP/picture alliance

Американската политика секогаш била своевидно шоу, но тоа што случува во последниот месец и што допрва ќе се одвива во преостанатите денови до 5 ноември, има шанси да ја промени историјата на претседателските избори и на политиката како таква.

Историјата се забрза во изминатиов месец и сигурен сум дека на изненадувањата не им е дојден крајот. Во еден месец, од 27 јуни и катастрофалниот настап на дебатата на Бајден, се случи атентатот врз Трамп, републиканската конвенција на бес и лудило, демократската борба слична на серијата „Куќа од карти“, повлекувањето на Бајден и брзото етаблирање на Камала Харис како нов кандидат за претседател и жената која треба да го победи Трамп. Вистински „ролер-костер“ од емоции, потези и политички интриги.

Драматичното, но и задоцнето повлекување на Бајден наликува на Последното „Ура“  - култна книга, потоа и филм на Џон Форд со Спенсер Трејси како градоначалник во својата последна изборна битка. Со оваа одлука не се повлекува само Џозеф Робинет Бајден Помладиот, роден во 1942, кога Рузвелт е сеуште претседател, туку е и последниот крик на генерацијата политичари и на една политичка култура каде политиката беше монопол на белите мажи, на Сенатот како клуб на 100 души кои одлучуваат за цела Америка. Останува Доналд Трамп со своите 78 години да се соочи со реалноста, затоа што наспроти 59-те години на Харис, тој е сега старецот и претставникот на едно веќе одминато време. 

Џо Бајден се повлече од претседателската трка. Потегот беше инициран од катастрофалниот настап на Тв-дуелот со Трамп на 27 јуни, 2024Фотографија: Elijah Nouvelage/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Оттука и благословот на Бајден може да биде проклетство за Харис, затоа што многумина го доживеаа како крунисување, наместо демократски процес, нешто слично на носењето одлуки на Трамп. Вториот проблем е што Камала секогаш имала послаб рејтинг од Бајден кога станува збор за победа над Трамп, но последните анкети покажуваат дека и оваа перцепција можеби е пренасилена. Камала има проблем и со фактот што до изборите останува дел од извршната власт и ќе се судри со истите критики со кои се соочуваше Бајден. Третата критична слабост е што Харис е лесна мета за Трамп и неговиот заменик Џ.Д. Венс, кои ја опишуваат како преставник на „woke" културата, односно, кандидат кој нема лични квалитети, туку е донесен за да промовира различност, еднаквост и инклузивност.

Најмалку посакувано сценарио за Трамп

Искрено, пред да навлеземе подлабоко во позитивните и негативните аспекти на кандидатурата на Камала Харис и нејзините шанси, тоа што мене лично прво ми доаѓа на памет е дека оваа промена беше нужна и дека има шанси да донесе промени. Искрено верувам дека демократите сега имаат поголеми шанси и дека на Трамп му се случи најмалку посакуваното сценарио. Целата кампања и сите надежи на републиканците беа положени во Бајден како противник, изнемоштениот претседател, наспроти енергијата на Трамп. Сега мора да ја променат целата своја стратегија која во најголем дел ќе се состои од лажни вести и лични напади, нешто што не сум сигурен дека ќе изигра во полза на Трамп. Демократите сега имаат шанси да ги задржат малцинствата, додека кај младите се создава вистинска френезија и ентузијазам од кандидатурата на Харис. Камала ќе го принуди Трамп да зборува за факти, да одговара на разумни теми и прашања, нешто за што човекот не е способен, прво како карактер, второ и самиот како доста остарен и конфузен кандидат.

Поинаку кажано, покрај Харис, маните на Трамп ќе станат повидливи, а можноста за генерациска промена ќе мотивира многу апатични гласачи да излезат на денот на изборите.

Проблемите за Харис почнуваат од фактот што како потпретседател беше речиси невидлива и неопиплива. За волја на вистината Бајден и делегираше неверојатно комплицирано досие како миграционата политика, која освен популистички, нема како некој навистина да ја реши. Воедно постигна многу слаби резултати и во надворешната политика, нешто за што можеби сега покажува знаци дека знае како да го исправи, почнувајќи од игнорирањето на говорот на Нетанјаху во Конгресот.

Адутите на Републиканската партија на гласачкото ливче: претседателскиот кандидат Доналд Трамп и кандидатот за потпретседател Џеј Ди ВенсФотографија: Charles Rex Arbogast/AP/dpa/picture alliance

Но, Харис може само да поентира од ниските очекувања во однос на неа. Многумина во минатото создадоа негативно мислење за неа, врз основа на ограничени познавања и искуство. Да се биде потпретседател е мошне неблагодарна мисија и позиција: ако си премногу видлив делуваш како амбициозен, а ако се повлечеш во позадина делува како да неправиш ништо. Во последната година беше многу активна во изборната кампања и се претвори во мошне активен „campaigner", и сега кога е под рефлекторите, нејзините квалитети конечно можат да испливаат.

Иронично, но тоа што беше најголемата слабост на Харис како кандидат за потпретседател, фактот дека е бивши обвинител, сега може да биде нејзина најсилна карактеристика. Левицата на нејзе гледаше со недоверба во годината каде доминираше убиството на Џорџ Флојд и движењето „Black Lives Matter". Но, денес, имиџот на „строгата полицајка“ може да биде нејзина предност наспроти осуденикот, лажовот и неколку пати банкротираниот Трамп, човекот кој ја запали масата да го нападне Конгресот и чие претседателство беше одбележано од хаос и немири.

Факторот време во корист на Харис

Изборот на добар кандидат за потпретседател сигурно ќе и помогне на Камала да ги сокрие некои од своите слабости. Најверојатно ќе стане збор за средновечен маж белец, со авторитет на централно ориентиран политичар, по можност од некоја од клучните „swing" држави. Трамп веќе почна да ја опишува како поголем левичар од Берни Сандерс  и застапник на ултра-либералната Калифорнија. Од тие причини можеби добар избор би бил гуверенер од работничкиот „Rust Belt", некој како Џош Шапиро, кој ја води Пенсилванија.

Затоа што едно до главните изборни прашања за Харис ќе биде како да ги приклони кон себе избирачите и сините крагњи од „Rust Belt", онаму каде Трамп отсекогаш жестоко работел на освојување на симпатиите. Не случајно Трамп за свој партнер го избра некогаш сиромашното дете и автор на „Hillbilly Elegy", денеска сенатор од Охајо, Џ.Д Венс, име кое има своја тежина кај работничката класа од Мичиген, Пенсилванија и Висконсин. Камала како лев-либерал и претставник на прогресивната класа од Калифорнија и Њујорк, тука ќе се соочи со својата најголема слабост.

Но, и изборот на Шапиро може да биде проблематичен за Харис, затоа што станува збор за силен поддржувач на Израел, наспроти симпатиите на Камала за филопалестинската левица од нејзината партија. Како ќе се соочи со овој проблем е тешко да се каже, затоа што ризикува да ги подели и разочара сите фракции од демократската галаксија. 

Следуваат денови на жестока размена на удари меѓу Доналд Трамп и Камала Харис во кампањата до изборите на 5 ноемвриФотографија: Evan Vucci/AP/dpa/picture alliance | Shawn Thew/Pool EPA/AP/picture alliance

И остануваат избори за потпретседател како Марк Кели, екс-астронаут од Аризона, клучна држава каде демократите мораат да победат. Потоа, Енди Башир, популарен гувернер кој успеа да победи во конзервативното Кентаки или Рој Купер од С. Каролина каде Трамп победи само со 1% разлика.

Како и да е, кандидатурата на Камала создаде услови да се избегне тоа што Американците најмалку го посакуваа, односно, римејк и римеч помеѓу двајца стари господини, нешто што само по себе е доволно интересно. Камала го енергизираше својот постоечки електорат и својата партиска база, создавајќи сосема нов моментум во претседателската трка.

Конечно, фактот дека станува збор за кандидат жена и прв кандидат со америчко-азиско потекло, може само да отиде во корист на Демократите кои и онака подобро котираат кај жените и малцинствата, но и да ги зајакне нивните заложби на идентитеските политики и на правата на жените како што е абортусот.

Факторот време игра во корист на Камала, но ништо се уште не е одлучено во оваа луда претседателска кампања. Демократите и покрај моментната еуфорија се длабоко поделени  на ниво на естаблишмент, изборно, парламентарно, па дури и финансиски. Тоа не значи дека Камала Харис нема шанси да го победи Трамп, туку дека еуфоријата на овие денови и постојаните изненадувања се уште ги маскираат структурните и системските проблеми и јазли. Проблеми кои Харис ќе мора итно да ги реши, ако навистина сака да стигне до претседателството на САД.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми