1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какво проширување на ЕУ сака Германија

БГ
3 ноември 2023

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ги собра во Берлин нејзините колеги од земјите-кандидати и аспиранти за членство во ЕУ за да им ја претстави нејзината визија за проширувањето.

Германија Министерка за надворешни работи Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи, Аналена БербокФотографија: ANNEGRET HILSE/REUTERS

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок сака во нејзиниот мандат да ги постави основите за следното проширување на ЕУ, пишува Зидојче цајтунг во текст посветен на конференцијата во Берлин. Тоа идно проширување треба да ја направи ЕУ поголема, со 37 членки, но и посилна. Како да се стигне дотаму?

Како што неодамна изјави и германскиот канцелар Олаф Шолц, кај проширувањето не се работи за алтруизам, туку за геополитичко заокружување, со цел долгорочно да се осигура мирот во Европа, особено во светло на руската агресија врз Украина.
Притоа, јасно е дека ЕУ најпрво ќе мора институционално да се реформира, за и по следното проширување да остане способна да носи одлуки и да преговара, и да ја зголеми својата тежина во растечки мултиполарниот свет. Токму затоа, Бербок ги повика во Берлин министрите за надворешни работи на земјите-кандидати и аспиранти за членство во ЕУ. 

„Од германското МНР велат дека министерката Бербок ќе предложи граѓаните во земјите-членки постепено да можат да уживаат во предностите на ЕУ, дури и пред нивната земја формално да стане членка на Унијата. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен неодамна најави ваков пристап на самитот со земјите од Западен Балкан во Тирана. Тоа значи дека државите-кандидати треба да имаат пристап до одредени области на внатрешниот пазар на ЕУ“, пишува Зидојче цајтунг.

Пари во замена за владеење на право

Бербок, како што наведува весникот, наводно сака да отвори повеќе програми на ЕУ за земјите-кандидати, на пример во финансирање на истражувања, роаминг за мобилна телефонија или поедноставени процедури за виза. Таа, исто така, би сакала земјите постепено да се интегрираат во структурите на ЕУ и да можат да учествуваат на состаноците на министри на ЕУ како набљудувачи - во оние области во кои успешно ги завршиле поглавјата од преговорите со Европската Комисија. 

Конференција за иднината на Европа во БерлинФотографија: Florian Gaertner/photothek/picture alliance

„Истовремено, како што постојано нагласува, министерката за надворешни работи не сака да дозволи никакви компромиси за демократијата и владеењето на правото, ниту пак сака да дозволи какви било кратенки во пристапниот процес. Бербок верува дека секој што сака да ужива во предностите на ЕУ мора постојано да се придржува до стандардите за владеење на правото - кои мора да важат и за оние држави кои се веќе членки. Според Бербок, исплатата на средствата од ЕУ треба повеќе да бидат поврзани со оваа тема, но и да се поедностават процедурите во ЕУ за казнување на прекршувањата според член 7 од Договорот за ЕУ“, пишува Зидојче цајтунг.

Мнозински одлуки наместо право на вето

Политичарката на Зелените гледа потреба и од промени во фино избалансираната структура на моќ на Европската унија. Проширувањето не треба да резултира со продолжување на растот на Европската Комисија и на Европскиот парламент. Напротив, тоа значи дека Германија и другите големи земји-членки, исто така, мора да бидат подготвени од време на време да се откажат од позиција во Комисијата на ЕУ. Ова, според Зидојче цајтунг, има за цел да го ублажи стравот на помалите држави дека ќе го изгубат правото на збор во Комисијата.
Притоа, како што претходно најави и канцеларот Шолц, и Бербок ќе се заложи за тоа, ЕУ да носи повеќе одлуки со квалификувано мнозинство, особено во областите на даночната политика и надворешната политика. Притоа, помалите држави ќе добијат право да бараат дополнителни преговори доколку чувствуваат дека нивните интереси се загрозени со прегласување.

„Долгорочно, Бербок верува дека се неопходни појасни одговорности за Европа да зборува со еден глас во светот - и да биде претставена од една личност. Според нејзиниот план, реформите треба да бидат претставени и да се спроведат во текот на следниот мандат на Европскиот парламент, кој ќе биде реизбран на пет години во јуни 2024 година", наведува Зидојче цајтунг.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми